Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

БОРБАТА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ НЕ СМЕЕ ДА ГИ ОГРАНИЧИ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

(Преземено од „Република”)


Државите да се борат со тероризмот и екстремизмот на начин што е конзистентен со правата и слободите на граѓаните, порача претседателот Ѓорге Иванов, на форумот што денеска се одржа во Каиро на тема „Демократската безбедност во време на екстремизам и насилство“, во организација Александриската Библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.
Иванов истакна дека од почетокот на овој милениум, сме во отворена борба со глобалниот тероризам, а во услови на зголемени закани за кои меѓународните организации не можат да понудат решенија, интернационализмот се повлекува пред растечкиот национализам.
– Борејќи се против тероризмот и екстремизмот, современата држава ги проширува своите овластувања и надлежности, и со тоа го стеснува просторот на човековите права и слободи, истакна македонскиот претседател.
Иванов посочи дека Република Македонија беше првата држава во Европа што прогласи кризна состојба за заканата од илегалната миграција и ја распореди Армијата на границата.
– Но, ние никогаш не ја употребивме кризната состојба за проширување на ингеренциите на државата и ограничување на човековите права, вклучително и правата на мигрантите, истакна македонскиот претседател.
Во вакви услови, рече Иванов, се чини дека демократијата се помалку може да понуди безбедност и сигурност.
– Ширум светот, демократските општества се во криза. Насекаде во светот владее недоверба во државата, која се повеќе се бирократизира, без да нуди одржливи решенија за кризите и предизвиците, порача Иванов.
Тој оцени дека потребен е нов модус што ќе овозможи и одржување на безбедноста и почитување на човековите права и слободи. За таа цел, претседателот посочи дека борбата против тероризмот не е доволно да се води само со воени технологии, туку и со идеи и програми за контрарадикализација.
– За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи и технологија. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. Убиството и теророт не се резултат на религијата, туку на погрешното толкување на религијата, на неморалноста на поединците со стврднати срца, арогантни души и искривена логика. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контрарадикализација, рече Иванов.
Македонскиот претседател во своето обраќање ја посочи и потребата од надминување на двојните стандарди и селективниот пристап на медиумите кои ги експлоатираат терористичките напади во Европа.
– Дали некој застанува да се запраша колку муслимански мажи, жени и деца се убиени последниве години на Блискот Исток и во Северна Африка?, рече тој додавајќи дека истовремено за само 10 години 900.000 христијани биле маченички убиени поради нивната вера.
Во своето обраќање Иванов ја потенцираше потребата и од економски праведен систем и одржлив и инклузивен поредок.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, на форумот „Демократската безбедност во време на екстремизам и насилство“ во Каиро, учествуваат истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, поранешни претседатели на држави, премиери и министри. Останатите теми на форумот се: „Тероризмот и уставот – рамка за акција“, Тековни перспективи: мнозински муслимански држави, „Тековни перспективи: западни држави“, „Меѓу-религиски дијалог – случај Египет“ и др.
Учеството на македонскиот претседател на овој форум е резултат на одличната соработка со Александриската Библиотека и со Меѓународниот центар „Низами Ганџави“. Претходно, претседателот Иванов има учествувано на состаноците во Баку, Софија и во Рим.
За време на работната посета на Арапската Република Египет, предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси.