Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

ПОВИКУВАМ НА НАЦИОНАЛНО ПОМИРУВАЊЕ

(Преземено од МРТ)


Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина, неодговорното однесување на НАТО и ЕУ кон Македонија се одрази на внатрешната политика, се загуби реформскиот моментум, се затегнаа односите- посочи претседателот Иванов во годишното обраќање. Повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се сплотат околу државните интереси, новата влада да го спроведе пописот, да ги реформира безбедносните служби и да ги заштити државните интереси. Нема да се согласам Македонија да биде бинационална и федерална држава – порача Иванов во обраќањето.

Повикувам на одговорно однесување. Одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање. Тој констатираше дека на изборите ги принудиле партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси. Ги повика партиските лидерства на единство и национално помирување.

„Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале. Затоа, го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија. Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните, бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж. Ги повикувам на национално помирување“, нагласи во обраќањето претседателот Иванов.

Сe уште слушам одредени лидери како лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некакви кантонизации и федерализации. Ги предупредувам да внимаваат што прават, посочи претседателот Иванов. Тој порача дека никој во постизборните комбинаторики да преговара за државните и национални интереси на македонскиот народ. Прашањето за двојазичноста е затворено со Уставот- нагласи македонскиот претседател исклучувајќи ја со тоа двојазичноста на целата територија. Очекува новата влада да направи попис на населението, за како што рече Иванов да видиме колку сме и дали реалноста соодведствува со тврдењата на некој политичари.

„Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентит. Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа се слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество“, нагласи претседателот Иванов.

Во однос на евроа атланските интеграции , Иванов констатира дека македонија стана колекционер на позитивни извештаи и акциони планови. Малку ли трпиме прашува македонскиот претседател со некрофилската привремена референца. Тој потенцира дека ние сме свесни за нашите пропусти, но и за неисполнетите обврски на НАТО и Европската Унија кон нас. Ја повика унијата да престане да ја блокира македонската иднина, бидејќи блокадата е казна за граѓаните.

„Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија. Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза“, рече претседателот Иванов.

Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано и се сведе на инструмент за уцена на политичките противници констатираше претседателот Иванов. Тој нагласи дека со помилувањата кои ги даде па подоцна повлече сакал единствено да постигне помирување. Додека не е доцна повикувам на простување, помирување и сплотување околу државните интереси – рече Иванов, заклучувајќи дека како врховен командант нема намера да одстапи од одбрана на суверенитетот и независноста на земјата од внатрешни, но и надворешни закани и ризици.