По кусо боледување почина Есма Реџепова-Теодосиевска

ПЕЕШЕ „ЧЕКАЈ ЖИВОТЕ, МИ СЕ ЖИВЕЕ“, НО БОЛЕСТА НЕ И’ ДОЗВОЛИ ДА МУ СЕ РАДУВА НА ЖИВОТОТ

(Преземено од МИА)


“Имаше уште живот во неа, па последната турнеја и беше пред неполн месец. Навистина беше болна, но ситуацијата беше далеку од сериозна и буквално до пред два дена мислевме дека сето ова ќе остане само како лош спомен, но ете Бог имал поинакви планови”, накусо ни изјавија од нејзиниот тим од каде уште ни потврдија дека погребот ќе биде извршен утре во 13 часот на градските гробишта Бутел.
Чекај животе ти не брзај се, ми се живее… ееј слушај животе… срце Есмино ќе ти запее…”, за жал, вчераутро, околу 7:30 часот, по кусо боледување не издржа да ја извојува последната битка и престана да чука срцето на најголемата хуманистка на естрадата и на жената која мамо ја викаа 47 деца – кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска.
“Имаше уште живот во неа, па последната турнеја и беше пред неполн месец. Навистина беше болна, но ситуацијата беше далеку од сериозна и буквално до пред два дена мислевме дека сето ова ќе остане само како лош спомен, но ете Бог имал поинакви планови”, накусо ни изјавија од нејзиниот тим од каде уште ни потврдија и дека погребот ќе биде извршен утре во 13 часот на градските гробишта Бутел.
Есма е родена на 8 август 1943 година во Скопје, како петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, во мала куќичка во центарот на Скопје. Таткото Ибраим во бомбардирањето на Скопје ја изгубил едната нога. Се обидел да ги прехрани четирите ќерки и двата сина како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки.
Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Но наскоро го проширила „бизнисот”, па им помагала и на другите чистачи на чевли во Скопје. Таа била нивниот главен снабдувач со „репроматеријал”. Трчала до тогаш единствената работилница за производство на боја за чевли и набавувала за сите. Парите што чистачите и ги давале за автобуска карта, таа ги штедела за кино билет, а најчесто во набавки одела пеш. Постарите скопјани можеби не се сеќаваат дека денешната ромска кралица е всушност она истото девојче што пред педесетина години чекало во ред за да им купи млеко, а тие и давале по некоја паричка што, исто така, завршувала во билетарницата на скопското кино. Како ученичка Есма имала бунтовна природа и никогаш не им останувала должна на оние што сакале да ја понижат нарекувајќи ја „циганка”. Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата го принудила деветгодишното девојче да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Имала прекрасен глас, секогаш широка насмевка и ведра природа. Нејзината мајка никогаш не запеала. Татко и Ибраим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој всушност и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓучилишен натпревар во пеење. За тоа дознал еден ден, кога на вратата на Реџепови чукнал познатиот естраден уметник, а подоцнежен животен сопатник на Есма, Стево Теодосиевски. Тој дошол да го убеди да и дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл.
Есента 1957 година, Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Во 13-годишната црномурна девојка, облечена во скромно фустанче, музичките критичари откриле вонсериски талент. Животот на Есма добива поинаков тек. Станува дел од ансамблот на Теодосиевски, а татко и добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап, за кариерата и оти нема да дозволи таа да стане кафеанска пејачка. Дом и станал стариот автомобил на Теодосиевски, патиштата, новите градови и хотелите. Почнале со скромни турнеи низ Македонија, потоа во републиките на бивша Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија. На двомесечната турнеја таа била вистинска атракција, затоа што во тоа време не било „природно” Ромите да се вклучат во естрадниот живот. Заради контактите и поразвиениот музички пазар, скопјанката Есма од 1960 година станува жител на Белград.
Дом и биле две соби на Дедиње, во кои живеел целиот ансамбл „Теодосиевски”, вклучувајќи ја мајката на Стево, која и била како втора мајка. Во 1968 година стапува во брак со Стево Теодосиевски, а драчевци и денес се сеќаваат на големата свадба. Есма станала популарна и поради тоа влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот лидер Муамер Гадафи, кога летувал во резиденцијата на Бриони. Стево, кој бил постар од неа 19 години, ја напушти по 30 години брак во 1997 година, но таа секогаш велеше дека него го нема само физички. Тој за неа беше се и по смртта.
Хуманоста пред се!
Освен што ја носеше титулата кралица на ромската музика, и тоа во светски рамки, во 2013 ја доби и престижната титула Национален уметник на Република Македонија.
Иако никогаш не родила свои деца, посвоила и одгледала 47. Сите тие растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски”. Мајката на најмногу деца во Македонија зад себе остави повеќе од 100 внуци и правнуци.
Музичка биографија
Нејзина “лична карта” е песната “Чаје шукарије” која во 2006, без нејзина согласност, дури и се најде во филмот за Борат. Во својата богата музичка биографија има запишано безброј награди, признанија, песни, албуми… (има снимено повеќе од 580 композиции, одржала повеќе од 22.000 концерти…) А во 2013 година заедно со Влатко Лозаноски ја претставуваше Македонија и на Евровизија, каде ја отпеаја “Пред да се раздени”. Есма во Малме можеби не освои забележителен пласман, но факт е дека беше најголемата пејачка ѕвезда и буквално се се вртеше околу неа.
Есма е најмаркантното име на домашната музичка сцена. Ќе остане запаметена како жена со специфичен глас и начин на пеење, како народен човек и жена која беше секогаш насмеана… А нејзините “мила, мило…” како спомен за една жена, за една кралица со огромно срце.
Вечна ти слава!