Култура

ЗАВРШИЈА ИСТРАЖУВАЊАТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ ДАБЈЕ, ГРАМАЃЕ

(Преземено од „Вечер”)


Откриен и подземниот дел на древниот мавзолеј кај Демир Капија
Заврши истражувањето на хипогеумот (подземниот дел) на храмот кој потекнува од 2 или 3 век. Врз основа на археолошките истражувања и остатоците кои се пронајдени досега ќе биде направена и компјутерска симулација на овој храм, а потоа и негова реконструкција
Античкиот храм – мавзолеј кој потекнува од 2 или 3 век од нашата ера пронајден кај Барово, Демир Капија, излезе на површина со целата својата архитектура. Според археолошкиот тим од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој вршеше истражувања на локалитетот Дабје Грамаѓе – Манастирче, се работи за првиот хероон (мавзолеј) со точно позната локација во Република Македонија.
Мавзолејот, што во 1985 година го откри проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, бил подигнат во римскиот царски период. Првите археолошки ископувања се реализирани во 2012 кога тимот на Филозофскиот факултет предводен од професорите Виктор Лилчиќ-Адамс и Антонио Јакимовски ги откри надземните остатоци од хероонот, основата и уште неколку профилирани архитектонски камени елементи од горните делови на градбата. Од Управата посочуваат дека во текот на овој месец е извршено истражување на хипогеумот (подземниот дел) на мавзолејот.
“Истражувањата на локалитетот завршија. Откриени се архитектонски елементи од храм, меморијална градба од римски период, повеќе делови од архитектурата, камена пластика… Сега врз основа на археолошките истражувања и врз основа на остатоците ќе биде направена компјутерска симулација на објектот, а потоа и негова реконструкција и конзервација”, посочува проф. д-р Марјан Јованов од Филозофскиот факултет од Скопје кој вршеше истражувања на овој локалитет во текот на месецов.
Од Управата за заштита на културното наследство велат дека досега се откриени темелите и основата на хероонот, како и повеќе камени архитектонски елементи, а меѓу поексклузивните наоди е и масивно челно постоље со декорација на акантови лисја со централна палмета (украсна декорација), што досега не е пронајдено кај нас.
Хероонот бил подигнат од страна на некоја видна личност од Тиквешкиот крај, од 2 или 3 век н.е. Покрај јужниот раб на крепидомата откриен е и дел од мермерна статуа на маж со откршена глава. Истражувачите претпоставуваат дека таа му припаѓала на нарачувачот на хероонот… Се работи за прв пример на ваков објект што ги содржи речиси сите архитектонски елементи и планот, кои што ќе овозможат да се направи комплетна реконструкција. Ова значи дека хероонот од Барово, може да биде првиот антички храм комплетно реставриран на подрачјето на Македонија и пошироко.
“Следејќи го развојот на општината Демир Капија преку културата и археологијата, заклучивме дека е неопходна концентрација на археолошките истражувања на неколку локалитети кои во догледна иднина можат да бидат употребени во насоката на археолошко-туристичката понуда на општината. Древниот антички мавзолеј кај селото Барово, на патот долж долината на реката Бошава е мошне атрактивен#, вели Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство на РМ.