Поетите од сите генерации во чест на големиот поет, раскажувач, есеист…

ПАТОТ НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ КОЈ “ПЕСНИТЕ ГИ БЕРЕШЕ ОД ДРВОТО НА ЖИВОТОТ” ПРОДОЛЖУВА

(Преземено од „Република”)


“Во периодот од седум децении во оваа асоцијација, чиј прв претседател е Блаже Конески, своите творечки устреми ги сплотија 540 писатели и интелектуалци од сите генерации, автори со различни естетски определби кои своите заложби ги остваруваат во сите книжевни жанрови…#, истакна Веле Смилевски, претседател на ДПМ
Со стиховите од поемата “Болен Дојчин”, вчера на Педагошкиот факултет “Свети Климент Охридски во Скопје” беше отворена “Средба на генерациите” со која Друштвото на писатели на Македонија ја одбележува 95-годишнината од раѓањето на поетот, раскажувач, есеист, филолог, книжевен научник, преведувач и прв претседател на македонската писателска асоцијација – Блаже Конески.
Македонските поети од сите генерации со читање на стихови се потсетија на делото на бардот на македонската книжевност, човек кој како што посочи и актуелниот претседател на ДПМ, Веле Смилевски, во една своја песна кажа “јас песните ги берев од дрвото на животот”.
“Оваа манифестација влегува во рамките на традиционалните ‘Денови на Блаже Конески’, со која ДПМ секоја година се навраќа на споменот и делото на Конески, кој е најблескавата творечка вертикала на македонската култура и литература на втората половина на 20 век. Конески со својот богат и разновиден опус остави длабоки траги во повоениот развој на македонската литература, како и во науката од областа на книжевноста и лингвистиката”, истакна Веле Смилевски, зборувајќи за поетското послание на Конески, еден од основоположниците на ДПМ и прв претседател на оваа писателска асоцијација.
“Песните на Конески упатуваат на сознанието за единството на поезијата и животот што е во основата на поетското послание на Конески”, додава Смилевски.
Во пресрет на одбележувањето на јубилејот 70 години од формирањето на ДПМ кое ќе се одбележи идната година, тој истакна дека во периодот од седум децении во оваа асоцијација своите творечки устреми ги сплотија 540 писатели и интелектуалци од сите генерации, автори со различни естетски определби кои своите заложби ги остваруваат во сите книжевни жанрови, творци кои пишуваат на својот мајчин јазик македонски, албански, турски, српски, ромски и бошњачки.
Смилевски во рамките на манифестацијата потсети и на објавувањето на првата стихозбирка на Блаже Конески “Земјата и љубовта” и на една од неговите најзначајни стихозбирки “Послание”.
Во име на вработените и студентите на Педагошкиот факултет, каде што се одржа одбележувањето на годишнината за Конески, се заблагодари проф. д-р Мито Спасески, кој истакна дека се почестени и горди што се домаќиниа на ДПМ.
“Друштвото на писателите на Македонија го поимаме и чувствуваме како духовен и творечки столб и атрибут на државотворноста”, рече Спасески.
На интернетската страница на Друштвото на писателите на Македонија (њњњ.дпм-писатели.мк) е објавен избор од творештвото на поетот во кој се поставени и фотографии, како и факсимили на песни напишани со раката на Блаже Конески.
Друштвото на писателите на Македонија минатата година го востанови признанието “Повелба Блаже Конески”, а прв добитник беше поетот и академик Матеја Матевски.