Когато фактите говорят, “ветропоказателите” стават за смях!

С БАСНИ СРЕЩУ ИСТИНАТА, СЪС СТРАХ СРЕЩУ ПРАВОТО

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


4. Четвртата по ред заедничка особина за луѓето што сочинуваат одделна нација е националниот карактер, во тој број и македонската нација. Еднакви се нивните нарави, обичаи, игри, песни, ора и другите народни умотворби коишто повеќе или помалку се разликуваат од (оние на) српската, бугарската и другите словенски нации. Елементите на самостојниот национален карактер на Македонците се толку силни, што наспроти националното угнетување во Македонија тие никогаш не престанале да се пројавуваат. По вечеринки, свадби, имендени итн. тие постојано се пројавуваат и сред емигрантско-бегалските маси во Бугарија, Америка и секаде каде што има такви.
Сите тие елементи, земени заедно, ја составуваат македонската нација. Тие се непобитен доказ за тоа дека ние, Македонците, не им припаѓаме ниту на српската, ниту на бугарската, ниту на грчката нација, туку сме одделна нација.
5. Нациите не се племиња. Како и другите нации, така и македонската нација не се создала од едно племе, туку од неколку различни племиња или, поточно, од делови на неколку различни племиња: Илири, Словени, Бугари, Срби и други. Основниот елемент е словенскиот. Старите Илири се претопија меѓу подоцна дојдените Словени во Македонија. Бугарскиот и српскиот елемент во македонската нација се резултат на тоа што уште пред турското ропство Македонија потпаѓаше ту под болјарска Бугарија, ту под жупанска Србија. Безначајниот бугарски и уште побезначајниот српски елемент во македонската нација е остаток од некогашните воени завојувачи, претежно од болјари и жупани, коишто со текот на времето исто така се претопија сред Македонските Словени.
Според бугарските буржоаски историчари, бугарската нација потекнува уште од времето на цар Аспарух, откако бугарското татарско племе ги потчини Словените што го населуваа североисточниот дел на Балканскиот Полуостров, се претопи меѓу тие Словени, но им наложи да се нарекуваат Бугари, кога се создаде првото бугарско царство. Според овие историчари Македонските Словени исто и на ист начин се влеале во „единственото бугарско национално цело” потчинети на бугарското племе.
Се разбира, историски тоа не е точно. Во тоа време недостигнуваа условите за една бугарска нација поради што недостигнуваше и самата нација. Според тоа, не може да се мисли дека оттогаш Македонските Словени се дел од “една единствена бугарска национална целост”.
Тогашната бугарска држава беше разделена на одделни болјарства, сгрого затворени во себе со мали подцарства, со свои граници и царинарници, без економско, културно и др. заедништво. Населенијата од тие болјарства влегуваа меѓу себе во допир само на бојното поле, во војните помеѓу различните болјарства или во војните со Византија и другите држави, а пак одделни болјари во Бугарија се обединуваа (не сите и не секогаш) околу најсилниот од нив – царот. Во такви услови не можеше да се оформи бугарската нација и уште помалку во неа да се вклучат Македонските Словени, зашто населенијата од различните болјарства во феудална Бугарија не беа обединети ниту во една заедничка територија, ниту во една стопанска целост, што претставуваше пречка за изградување на еден општ јазик и општ национален карактер на населенијата од различните болјарства.
Освен тоа, историски факт е дека Македонските Словени не секогаш беа потчинети под тогашна Бугарија и тогашна Србија. Државата на богомилскиот цар Самуил не беше втора бугарска држава како што сакаат да ја претстават бугарските буржоаски историчари, туку таа беше држава на Македонските Словени што постоеше паралелно со бугарското царство и српското кралство. Таа македонска словенска држава дури подоцна ги беше завладеала Бугарија и Србија.
Великобугарските шовинисти многу сакаат да зборуваат за „единствено бугарско племе” идентификувајќи го со бугарската нација. Тие го кријат историскиот факт дека последната се создаде без оној мал дел Бугари што останаа во Македонија и без Македонските Словени. Бу-гарската нација се создаде во границите на денешната централна и северна Бугарија, источна Румелија и Добруџа. Главната причина за тоа лежи во стопанството. Како што веќе рековме, во Македонија капитализмот се појави и се разви подоцна независно од капитализмот во Бугарија без да има солидни економски врски меѓу тие две земји. Бугарското национално револуционерно движење, кое се бореше за ослободувањето на бугарскиот народ од ропството на апсолутистичката и беговска Турција, не ја вклучуваше Македонија како објект на својата револуционерна дејност. Тоа доволно покажува дека создавањето на бугарската нација и нејзиното разбудување за самостоен државен живот се изврши без Македонските Словени.
Таква состојба имаме и со српската нација, која исто така се создаде без Македонските Словени и без оној безначаен дел на Срби што останаа во Македонија уште пред таа да падне под турско ропство.
Но и грчките државни шовинисти, за да го оправдаат господството на грчкиот империјализам врз од него завладеаниот дел од Македонија бараат племенска врска меѓу грчката нација и Македонците. Тие препредени шовинисти ја фалсификуваат историјата прогласувајќи го племето на старите Македоно-Илири заедно со водачите на тоа племе – Македон, Филип Македонски и Александар Велики како составен дел од старите Грци. При тоа тие свесно премолчуваат таков еден настан каков што беше населувањето на Македонија со огромна маса Словени за кои им е сосема незгодно да тврдат дека се Грци.
6. Македонската нација има своја историја на културно и политичко пројавување. Браќата Миладиновци се првите македонски просветители. Тие први ги посветија своите сили за разбудување самостојно национално чувство на македонскиот роб. Тие ги опеаја Охрид и Маке-донија како своја татковина на чисто македонскословенски дијалект. Тие не го учеа македонскиот народ ниту на српски, ниту на бугарски, туку го учеа на родниот македонски јазик. Иако, наспроти тоа, тие македонски просветители зборуваа за бугарштина во Македонија, тоа стануваше под влијание на старото минато кога Македонија со векови се наоѓаше под феудална Бугарија. Поради тоа и борбите за самостојни училишта и цркви против асимилаторската напаст на грчката патријаршија се водеа под формата на бугарштината. Во тоа време македонската нација уште беше во зародување, таа не беше се оформила и, што е најглавно, нејзините економски и политички интереси се уште не беа се судриле со завојувачките стремежи на подоцна создадената држава на бугарската нација. Денеска поимот бугарштина во Македонија, како и србизам и елинизам, е синоним на национално и економско ропство применувано врз македонските народни маси од поробувачите-империјалисти.
По браќата Миладиновци доаѓаат многу други народни учители и духовни будители како охридскиот епископ Теодосиј и групата околу весникот „Лоза”, под редакторство на Петар Арсов, кои еднакво се бореа против Грчката патријаршија, Бугарската егзархија и Српската патријар-шија, за самостојни македонски училишта и цркви. Тие таканаречени македонски сепаратисти укажуваа на постоењето на одделна македонска нација и пледираа за самостоен државен живот на таа држава.
Од истите средини произлезе Внатрешната македонска револуционерна организација. Петар Арсов влезе во првиот ЦК на таа Организација, а Ѓорче Петров, кој произлегува исто така од тие средини, стана идеолог на Организацијата. Тој уште на времето во духот на сепаратистичката идеја ја напиша книгата „Географијата на Македонија”.
Меѓутоа, притисокот на великобугарската пропаганда – Егзархијата и врховистите – се покажа толку силен, што го задуши прашањето за самостојна нација и успеа да внесе во свеста на многу Македонци убедување дека се тие Бугари. Тоа беше спроведено со запирањето на в. „Лоза”, којшто излегуваше во Софија, со прогонувањето од Македонија на епископот Теодосиј и на народните учители коишто не се потчинија на Егзархијата, со забраната на книгата на Ѓорче Петров, која и денес се наоѓа во ракопис во архивата на бугарското воено министерство.
Но наспроти тоа, македонскиот народ со долги и упорни борби за економско ослободување и самостоен државен живот си создаде своја историја. Тие борби во минатото се разгрнаа под раководството на старата Гоце Делчева ВМРО против ропството на турските султани и бегови, како и против аспирациите на балканските држави.
Македонскиот народ со сопствената крв во својата историја ја запиша првата македонска револуција – Илинденското востание, чијшто венец е првата македонска народно-револуционерна република во Крушево.

(Продължава в следващия брой)