Извештај на ЕК Груевски:

ПРЕГОВОРИ ЗА МАКЕДОНИЈА ЗА ЗАЧУВАЊЕ НА КРЕДИБИЛИТЕТОТ НА ЕУ

(Преземено од „МИА“)


Почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија, туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата како мериторен процес базиран на цврста условеност, вели македонскиот премиер Никола Груевски по повод добивањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во 2013 година.
Аиво Орав му го предава извештајот на ЕК на Никола Груевски
Во изјавата Груевски вели дека Владата на Република Македонија го поздравува извештајот и обновената препорака до земјите-членки на Европската Унија за донесување одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија.
„Што се однесува до наметнатите грчко – македонски разлики околу името на Република Македонија, повеќе пати сме повториле дека сакаме час поскоро да ги разрешиме. Патот до решение е преку владеењето на правото и почитувањето на меѓународната правна рамка дефинирана од Обединетите нации и од Меѓународниот суд на правдата. Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого. Од исклучителна важност е грчко-македонските односи да се развиваат низ призмата на заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива добрососедските односи со Грција во таков дух, за добробит на регионалната стабилност и просперитет“, изјави Груевски.
Според него, отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може само да придонесе за унапредување на грчко-македонските односи и за надминување на разликите.
„Ја повикуваме Република Грција да го поддржи донесувањето на одлуката за Македонија на декемврискиот Европски Совет и на тој начин директно да придонесе во евроинтеграцискиот моментум на Балканот. Посакуваме нашата прва меѓувладина конференција за пристапните преговори да се одржи за време на грчкото претседателство со ЕУ“, изјави Груевски и додаде дека обновената препорака претставува признание за остварените резултати во изминатата година, признание за сработеното од страна на институциите, администрацијата, сите политички и општествени чинители.
Груевски уште еднааш нагласи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. „Се согласуваме со констатацијата на ЕК дека Република Македонија очекува дека и земјите-членки во Советот на ЕУ ќе се раководат од овие аргументи, од заедничкиот ЕУ интерес, и во декември ќе ја донесат одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија“.
Премиерот на Македонија рече дека за Владата сите оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности во пристапниот процес, и тие ќе бидат преточени во конкретни мерки при редовното годишно ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. „Ефикасната реализација на оваа Национална програма останува да биде приоритетна задача на Владата која ќе продолжи со реформите и со испорака на конкретни резултати за натамошно унапредување на степенот на примена на ЕУ стандардите во македонското општество, а заради подобрување на животниот стандард на нашите граѓани“.
Груевски вели дека посебно внимание ќе се посвети на продолжување на реформите во државната администрација, судството, борбата против корупцијата, состојбите во медиумската сфера, одржување на добри меѓуетнички односи, зголемување на економскиот раст и вработеноста, натамошно ефикасно спроведување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, унапредување на хармонизацијата со европското законодавство и политики, зголемување на степенот на искористеност на ИПА.
Во однос на добрососедските односи и регионалната соработка, Груевски изјави дека Владата на Република Македонија ќе продолжи проактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот.
„Односите со соседните земји-членки ни се особено важни. Сакаме да го изодиме патот до членството во Европската Унија во соработка со и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа инициравме и ќе продолжиме да предлагаме со искрена волја мноштво конкретни активности и проекти за унапредување на взаемната соработка и доверба“, рече Груевски.