Претседателот на Собранието Трајко Вељановски:

ЕДИНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА И ЗАЕДНИШТВОТО Е СРЖТА НА ВМРО

(Преземено од „Вечер“)


Славиме 120 години ВМРО и со особен пиетет укажуваме дека ВМРО го надмина времето, станувајќи неодминлив дел од сите наши национални премрежија, ги надмина генерациите, истовремено станувајќи составен елемент од битките на илјадници борци за независна и самостојна Македонија низ годините до денес, но и во иднина.
ВМРО ќе надмине сe освен Македонија, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељановски на свечената академија по повод одбележувањето на 120-годишнината од Денот на македонската револуционерна борба.
Идеите кои ги произведува ВМРО се инклузивни, тие никого не делат, не познаваат ниту ексклузивна нација, ниту вера.
– Единството на Македонија и заедништвото меѓу сите е сржта на ВМРО, 23 октомври значи и повик за надминување на политичките стереотипи кај дел од граѓаните, под знамето на Македонија да застанеме сите, 23 октомври е празник и за Албанците, и за Турците, и за Ромите, и за Србите, и за Власите, и за Бошњаците и за сите други, не само за Македонците. И за СДСМ и другите партии, не само за ВМРО-ДПМНЕ, 23 октомври е денот кој е симбол на сите демократски придобивки, истакна Вељаноски.
ВМРО, додаде, ќе прости се освен националното предавство кон татковината.
– Доказ за ова е и секогаш актуелното значење на паролата под која се бореа генерации Македонци. Зборовите „Слобода или смрт“ значат бескомпромисност во борбата за независна татковина. Овој слоган значи и желба за подобро утре кое ќе дојде после извојуваната победа. Конечно, ваквите зборови се и порака до сите непријатели дека македонските идеали не се, ниту некогаш ќе бидат предмет на трговија или компромис, рече првиот парламентарец.
ВМРО, посочи Вељаноски, беше надежта за поробениот македонски народ за време на моќната Отоманска империја, Сонцето на крајот од мрачниот тунел на терор и закани помеѓу двете светски војни, идејата од која црпеа сила генерации македонски патриоти за време на комунистичката власт после Втората светска војна, ВМРО беше компасот кој не водеше кога ја прогласивме независноста на македонската држава по распадот на Социјалистичка Југославија. – Конечно, денес, кога сме свои на своето, токму ВМРО е тука да не потсети дека нашата следна голема битка е развојот на нашата татковина, истакна Вељаноски.
Според него, во слоганот на Илинденците „Ура за автономна Македонија“ и денес можеме да ја почувствуваме решеноста и огромната саможртва на комитите и на војводите кои ги положија своите животи пред олтарот на татковината, а неизоставен дел се и партизаните кои се бореа за Македонија. Генерациите што ги наследија, се судрија со новите окупатори и нашата денешна борба почнува и завршува единствено и само со зборот Македонија.
– Јавно прашувам кој има право да се откаже од крвта на Илинденците или од крвта на партизаните кои загинаа за Македонија? Дали една личност која е избрана на некоја позиција, смее макар и да помисли дека за овој народ и за оваа држава постои друго име освен Македонија? Дали нема некој да го пече совеста заради солзите на македонските мајки кои подеднакво страдаа како и нивните синови-борци, ако размисли макар и за миг дека постои алтернатива на името Македонија? Кој е тој маж или жена, макар бил и лидер на партија, носител на некоја функција или обичен член што ќе рече дека треба да ја свиткаме кичмата или да го смениме името, а нема да помине неказнето од овој народ? Кои се тие луѓе? Со име и со презиме да кажеме за да одзвонуваат како тажен спомен низ вековите. И да опоменуваат како не треба да се постапува кон оваа света земја, рече Вељаноски.
Македонскиот народ, нагласи, бил и ќе биде единствено токму тој – Македонски, како и нашиот јазик, култура и идентитет.
– Народот не му дал на никого мандат по белосветските метрополи да ветува промена на името. Меѓутоа, народот ни дал мандат да работиме за македонските интереси, рече спикерот додавајќи дека на овој пат ќе бидеме уште поуспешни доколку сме единствени. – Оваа битка ќе ја извојуваме доколку, наместо во медиуми на други држави опозицијата да ја обвинува Македонија, пред македонските да даде поддршка на Владата во намерата за одбрана на името. Оваа голема препрека ќе ја извојуваме, доколку наместо да ја кодошиме својата земја, ќе ја браниме заедно со луѓето кои сега тоа го прават, рече Вељаноски.
Тој ја повика опозицијата заеднички да ја издвојуваат битката за одбрана на уставното име и идентитет.
– Од оваа говорница подавам рака. Ве повикувам да свртите нов лист. Ве повикувам наместо по белосветските метрополи да барате поддршка ветувајќи за возврат промена на името, да ја побарате поддршката од народот стоејќи заедно со нас во одбрана на името. Да им оставиме позитивен пример на следните генерации, и да им покажеме како со единство и со соработка сме ги совладувале сите предизвици. Исто онака како што и комунистите и антикомунистите за време на Втората светска војна се бореа за независна Македонија, истакна спикерот.
Цената што ја плаќаме заради непринципиелната и неевропска политика на Грција е голема, но, продолжи тој, сме издржале многу полошо како народ и како држава. Ќе се бориме и ќе успееме до крај, но дотогаш треба да трпеливо да се соочуваме со искушенијата и да ги надминуваме.
– И оваа година, како и минатите, Европската унија го достави својот извештај за напредокот на Македонија. Како и минатите години, Унијата јасно кажа дека оваа држава има сила и капацитет да се носи со проблемите и дека треба да ги започнеме преговорите за членство. Меѓутоа, и денес, како и вчера Грција повторно ќе стави вето и повторно ќе ја искористи својата позиција за уште еднаш да не блокира да не чекориме напред кон европското семејство на народите, истакна Вељаноски.
Она што ниту Атина, ниту Брисел не можат да го направат е да не спречат да работиме за подобро утре.
– Никој не може да не спречи да ја реформираме државата, да ја подобриме економијата. Никој, а најмалку Грција, може да не спречи да го подобриме квалитетот на животот на нашите граѓани според рецептите на развиените држави членки на Европската унија. Грција може бесконечно долго тоа да го прави, меѓутоа оваа генерација политички водачи ќе продолжи со уште пожестоко темпо да отвора нови работни места, да носи странски инвестиции, да гради патишта и пруги, да го развива туризмот, да го подобрува здравството и образованието и да дава уште повеќе субвенции за земјоделците, рече тој.
Потсети дека нашите војници, рамо до рамо со сојузничките војски предводени од САД даваат активен придонес во промоцијата на светскиот мир и безбедност, и оти денес Македонија е извозник на мир.
– Иако и во овој дел, во однос на членството во НАТО сме блокирани од страна на Грција, активно партиципираме во овие светски процеси. Идеите на НАТО се комплементарни со идеите на ВМРО. Слободата е заедничка вредност, исто како и демократијата, мирот и солидарноста. На тој пат во насока на зачувување на овие вредности и во иднина ќе продолжиме да работиме, рече Вељаноски.
Мораме да си простиме и да се здружиме за доброто на Македонија, посочи тој, и како претседател на македонското собрание искажа подготвеност заедно со сите колеги пратеници, уште посилно да работи на проектот за градење на европска Македонија.
– Собраието било и ќе биде арена во која ќе разменуваме идеи во духот на конструктивноста и демократичноста, институцијата во која доминираат заедничките вредности. Под еден кров и во иднина треба да продолжиме да се бориме сите за една света цел кој произлегува од четирите свети букви на ВМРО. И власта, и опозицијата. И Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и сите други. Во остварувањето на таа цел непријатели ни се единствено само оние што не и мислат добро на Македонија, рече Вељаноски.
ВМРО, според него, е почетокот и крајот на се поврзано со Македонија и со Македонците. Тој идеал, издигнувајќи се над времето, над годините и над вековите стана универзална константа која подеднакво го дефинира и нашето минато, и нашата сегашност, и нашата иднина.
На обраќањето на претседателот Вељановски на свечената академија присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, други министри, началникот на Генералштаб Горанчо Котески, пратеници, членови на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на ДУИ, СПМ…, евроамбасадорот Аиво Орав и други претставници на дипломатскиот кор во земјата.
На свечената академија, што се одржа во новиот објект на Македонскиот народен театар, настапи и Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ со изведба на македонски револуционерни песни.