Mеѓународeн научен симпозиум:

„ДЕНОВИ НА ЈУСТИНИЈАН ПРВИ”

(Преземено од „МИА“)


Универзитетот „Евро-Балкан“ денеска и утре го организира научниот симпозиум „Денови на Јустинијан Први“, востановен во 2006 година за да ги афирмира и заштити трајните вредности на византиското наследство и улогата на римскиот император Јустинијан кој потекнувал од околината на Скопје.
Првпат оваа година симпозиумот е меѓународен и учествуваат 50-ина научници од десет земји (САД и девет од Европа). Тие ќе понудат нови истражувачки сознанија и аргументи за културното и политичкото влијание на Византиското царство, чие впечатливо цивилизациско наследство, архитектура и духовна традиција, со векови опстојуваат на Балканот и во Македонија.
Симпозиумот ќе биде и основа за партнерство на Универзитетот „Евро-Балкан“ и Универзитетот во Болоња, кој е најстар во светот, и со градот Равена, од идната година заедно да ги организираат научните собири за Јустинијан.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во поздравниот говор истакна дека симпозиумот уште еднаш ќе го потенцира суштинското значење на историјата и културата на нашите простори и дека е добра можност за заеднички придонес во разбирањето и прифаќањето на византиското наследство како дел од културното и духовното наследство на Европа.
– Верувам дека традиционалното организирање на симпозиумот ќе прерасне во научен и културен мост помеѓу градовите Скопје и Равена – Скопје како родно место на Јустинијан Први и Равена – местото каде што се наоѓаат најрепрезентативните мозаични претстави во византиската епоха. Соработката ќе биде пример за потесно научно и културно зближување помеѓу пријателските земји Република Македонија и Италија, кои и досега реализираа бројни проекти од областа на културата и науката, рече Канческа-Милевска.
Тема на годинашниот симпозиум е „Македонија и Балканот во византискиот Комонвелт“ и е посветен на проучувањето на спецификите, различностите и сличностите на културите на Балканот, како регион на постојана интеракција и цивилизациски мост на Истокот и Западот.
– Целта на симпозиумот е да го истражи концептот на византискиот Комонвелт и да го дефинира местото на Македонија и Балканот во него, третирајќи го феноменот на Византија како универзална империја која била во континуирана интеракција со западното христијанство и со христијанско-исламскиот Ориент и како нераздвојна интегративна компонента во европската историја и култура, рече Митко Б. Панов, претседател на организацискиот одбор на симпозиумот.
Јустинијан Први (483-565) бил император во чие време Византиската империја имала најголем подем. Бил роден во Таурисиум во околината на Скопје (денеска село Таор) и градот го нарекол Јустинијана Прима. Заслужен е за ширењето на христијанството, оставил грандиозни градителски дела и го кодифицирал класичното римско право, а неговата улога во создавањето на византискиот комонвелт во науката се толкува како зародиш на идејата за обединета Европа.