Помалку познати и занемарени факти за 11 Октомври

ВОСТАНИЕТО Е НАЈГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ ЗА ГЕРМАНЦИТЕ НА БАЛКАНОТ

(Преземено од „Вечер”)


Mакедонските партизани успеваат да задржат 130.000 војници на Хитлер

Кралство Југославија, април 1941 година. Германско-италијанските и бугарските сили навлегуваат на територијата на единствената балканска држава што се дрзна да му се спротивстави на Хитлер. Балканот мора да се обезбеди како заднина пред претстојниот напад на СССР. Германскиот генералштаб е убеден во брзо покорување на Југославија поради фактот дека не очекува никаков отпор во Хрватска и Словенија.
Бугарските и италијанските сојузници го убедуваат Хитлер дека и југот на Југославија, т.е. Македонија, ќе ја одигра „квислиншката“ улога на Хрватска и со раширени раце ќе ја прифати новата бугарска управа кај Македонците и новата италијанска управа кај Албанците. Се реактивира старата пропаганда за конечно обединување на целиот бугарски народ, а на Албанците во западна Македонија им се тврди дека тоа што нема граници во италијанската окупациска зона де факто значи остварување на идејата за голема Албанија.
И навистина во првите неколку месеци од војната процената на окупаторите се покажува како точна. Македонскиот народ не востанува во текот на летните месеци 1941-та, како што е случајот со Црна Гора и Србија. Покраинскиот комитет на КПЈ задолжен за Македонија проценува дека нема предуслови на теренот за избрзано востание и мирно ги прифаќа тезите на Бугарската комунистичка партија дека за посериозни оружени активности треба да се причека исходот од битките на Источниот фронт.
Вака заспаната Македонија е совршен полигон за заднинско прегрупирање на германските сили и претставува големо олеснување за сојузниците на Хитлер што не мораат да држат речиси никаква војска во срцето на Балканот, кое и без тоа останува совршено мирно.
Историјата ќе покаже колку згрешиле во процените.
Македонија, есен 1941 година. Така опуштените бугарски окупациски сили и зафатените со источниот фронт германски офицери ќе останат слепи и глуви на етапното менување на состојбата во есента 1941 година. Па, така, диверзиите на Богомилскиот тунел, фабриката за возови во Велес и она во рудникот Рашче во Скопје за нив ќе останат изолирани инциденти.
Во окупацискиот табор не се води ниту сметка дека во меѓувреме е извршен преврат во раководството на македонските комунисти и дека веднаш е почнато со создавање помали воени единици во околината на Скопје, Куманово и Прилеп. Бугарските и германските генерали сметаат дека по неуспесите на востанието во Србија предизвикани од неслогата помеѓу партизаните и четниците никој во Македонија нема да се дрзне да крене глава против окупатор.
И така им се случува 11 октомври. Во една навидум обична ноќ од дотогаш крајно мирната и идилична година за окупаторите, во Македонија почнува да се пука. Во Прилеп паѓаат жртви помеѓу непријателските војници, Куманово има поголем судир помеѓу окупаторите и партизаните во околината, а Скопје како административен центар, иако партизанскиот одред не стапува во директна борба, му дава на знаење на населението дека е тука во близината и си ја чека својата шанса.
Попроблематичен за окупаторите е мултипликативниот ефект од ваквите настани во Вардарска Македонија. По 11 октомври, и Македонците во Бугарија јавно ќе почнат да се спротивставуваат на политиката на бугарските комунисти за одложено востание, а што се однесува до Егејскиот дел на Македонија познато е дека Македонците предничат пред сите со формирањето на вооружени формации под капата на грчките комунисти.
Сето ова раздвижување низ шумите на етничка Македонија, иако на почетокот изгледа немоќно и небитно, секој нареден ден на окупаторите им ангажира сѐ повеќе луѓе и техника, кои во услови на светска војна и одлучувачки битки на Источниот фронт повеќе би ги користеле на други места, како Москва, Ленинград и секако Сталинград.
За да биде сликата појасна и за да се избегнат злобни коментари, неоспорен статистички факт е дека македонските партизани успеваат да задржат 130.000 војници на Хитлер и неговите сојузници само на територијата на Вардарска Македонија. Тоа е огромна бројка во години кога секој добро обучен германски војник може да биде пресуден за исходот на битките на источниот фронт и со тоа за исходот на целата војна.
Со оглед на сето погоре кажано, уште поголемо изненадување за окупаторските сили е обемот на востанието што ќе се распламти во Македонија од една мала искра како што е 11 Октомври. Германските офицери не можат да сфатат како е можно повеќе од 25.000 македонски партизани да го дадат својот живот за територија за која Бугарите во 1941-та ги убедуваа дека е де факто ослободена и на која ќе немаат никаков проблем.
Факт е дека Босна и Херцеговина, Црна Гора, Далмација, па и централна Србија, дадоа поголеми жртви од Македонија во виорот на војната. Но тоа не го намалува значењето на востанието од 11 октомври како востание на еден народ и на една територија на која никој од сојузниците не сметал дека ќе добие помош.
Значи Македонците се најголемо изненадување на Балканот во 1941-та не поради својата голема моќ или војничко значење туку поради фактот дека ненадејно востануваат во срцето на територијата што силите на Оската си ја сметаат за неминовно безбедна и неминовно своја.
Народот од кој никој не очекуваше буквално ништо одигра лавовски голема улога во глобалното движење против фашизмот и никому не треба да му биде чудно што притоа заслужено се стекна и со својата слобода првпат по многу векови.