Отговор на Министерството на надворешни работи на Република Македонија

ПО РЕАКЦИЈАТА ОД СОФИЈА

(По македонскиот печат)


Плочата на Кајмакчалан е незаконски поставена од бугарски војници.
Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен обележја, реагираше вечерва македонското Министерство за надворешни работи.

Реакцијата уследи откако официјална Софија ги повика македонските власти да го истражат кршењето на спомен плочата на Кајмакчалан, поставена од бугарски војници и да спречат вакви, како што стои во соопштението од бугарското МНР, „срамни акти“.
„Чествувањето на жртви од воените конфликти во нашиот регион е дел од културата на помирување и пред се претставува хуман гест. Според информациите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, плочата на Кајмакчалан е незаконски поставена. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери кои нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, соопшти МНР.
Отаму напоменуваат дека Македонија негува добри односи со сите свои соседи, а Република Бугарија е наш сосед и пријателска држава со која имаме суштинска соработка во многу области.
„Оттука, и понатаму ќе продолжиме да работиме во насока на изнаоѓање на модалитети за поголема соработка и надминување на разликите преку стандардизиран и реципрочен пристап во одбележувањето на настани и личности. Ова е и многу поважно во услови кога истите може различно да бидат интерпретирани во различни земји од регионот. Во нашиот пристап треба да ги промовираме успешните модели на помирување и чествување кои постојат во Европа, наспроти еднострани поставувања на одбележја или чествувања во соседна земја“, стои во соопштението од МНР.
Во него се додава дека конфликтите и жртвите од минатото на која било страна треба да бидат мотив повеќе за засилена идна соработка во регионот, како и заеднички напори за целосна интеграција на регионот во ЕУ, која е најуспешниот мировен проект во Европа.
Плочата вчера ја скрши новинарот Миленко Неделковски кои објави неколку фотографии од неговата приватна акција.
Бугарското МНР соопшти дека ќе направи се што е возможно, заедно со други институции, да ја обнови спомен плочата, а за лицето кое, како што пишува во реакцијата, го изврши овој варварски чин ќе биде наложена забрана за влез во Бугарија.