Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов:

МАКЕДОНИЈА ДЕНЕС СЕ БОРИ ЗА ПРЕДОБИВКИТЕ ОД ПОБЕДАТА НА ФАШИЗМОТ

(Преземено од „МИА“)


Ако некогаш Македонците се бореа против злото на фашизмот и нацизмот, денес Република Македонија се бори за придобивките што произлегоа од победата над фашизмот и нацизмот. Република Македонија се бори за почитување на меѓународното право како една од основите на меѓународниот поредок. Право, кое е придобивка на победниците од Втората светска војна.
Тоа го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на свечената академија по повод 11 Октомври-Денот на народното востание, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар.
На 11 Октомври, истакна Иванов, Република Македонија прославува 72 години од почетокот на народното востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор.
– Ние ја живееме слободата за која пожртвувано се бореа и се изборија храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците. Благодарение на нив, ние денес сме свои на своето. За тоа сме им вечно благодарни, посочи Иванов.
Потсети на злото од фашизмот и нацизмот кои, како што рече, донесоа повеќе смрт од која било друга човечка идеја. Според него, овие погубни идеологии се уште не се мртви и не се целосно искоренети од Европа.
– Со загриженост ги следиме појавите на радикализам и екстремизам во Европа, па и во нашето непосредно соседство. Ги охрабруваме напорите за нивно сузбивање. Сепак, неопходно е да се третираат причините, а не само последиците на овие негативни појави кои ги загорчуваат пријателските односи меѓу народите и државите, потенцира шефот на државата.
Иванов истакна дека без сеќавање, нема иднина и додаде оти Европската унија треба да учи од минатото на разединета Европа.
– Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човековото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој е изградена слободата и демократијата, рече Иванов.
Меѓународниот поредок, како што рече, беше дополнително зацврстен со меѓународното право. Од европските урнатини, наведе тој, овој пат се роди идејата за обединета Европа како мировен проект, идеја која мотивира и инспирира и доброволно ги придвижува општествата кон реформи.
– Но, денес, таа идеја се соочува со криза. Денес, Европа се соочува со последиците од последната светска економска и финансиска криза. Криза што не може да се надмине без почитување на основните принципи врз кои се темели Европската унија: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човеково достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција. Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство, потенцира Иванов.
Според него, тогаш и денес Македонија и Македонците се на страната на правдата, исправното и доброто. Пред 72 години македонскиот народ активно се вклучил во големата антифашистичка коалиција, а денес македонските мировници ги бранат слободата, демократијата и човековите права во светот.
– Сведоци сме дека кај некои во соседството отсуствува дури и толеранција. Кај некои постои толеранција. Некои ги прифаќаат различностите. Но, Македонија секогаш гледала подалеку од овие концепти и негувала нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитта кон различноста. Се толерира само она што се мора, а се почитува она што се сака. Цврсто сме решени да истраеме на нашиот праведен пат. Пат што пожртвувано го пробија великаните на нашата историја – илинденците и учесниците во големата Народноослободителна и антифашистичка борба на Македонија, додаде Иванов.