Економија

ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА НОВИ 1000 ВРАБОТУВАЊА ВО ФАБРИКИТЕ ВО ТИРЗ

(Преземено од „Курир”)


Владините технолошко индустриски развојни зони ја остваруваат својата функција. Ефектите од нив се позитивни и повеќекратни и се однесуваат на повеќе сфери и сектори.
Отворањето на нови работни места и вработувањето на населението во ново отворените фабрики, континуираниот раст на учеството во извозот, пласманот на средства во домашни градежни компании кои ја градат инфраструктурата на зоните и капацитетите во нив се само дел од позитивните резултати и ефекти од овие владини политики.
Преку капацитетите во зоните се реализира стратешката политика на Владата за намалување на невработеноста. Отворените работни места во странските инвестиции обезбедуваат нови директни вработувања, но и значителен број на индиректни работни места и поддршка на локалниот економски раст и развој.
-Покрај позитивните макроекономски ефекти кои што произлегуваат од работата на ТИРЗ за нас како Влада е особено значајно ангажманот на работниците и вработувањата кои што се реализираат во овој сегмент. И тука генерално постојат 2 категории на вработувања. Првата е преставена преку градежните работници кои што работат на инфраструктурно уредување на зоните како и на градба на капацитетите на странските фабрики во нивни рамки а се разбира она што е особено значајно се директните вработувања тоа што секојдневно одат на работа во капацитетите на странските инвеститори кои што се наоѓаат во зоните или пак привремено во браунфилд објектите кои што имаат тенденција понатаму да се преселат во рамките на зоните. Последните податоци заклучно со 30 јуни покажуваат дека во рамките на овие капацитети се вработени 6050 лица кои што секојдневно одат на работа, а процените плановите и информациите кои ние ги имаме а се добиени од странските инвеститори говорат дека до крајот на 2016 година оваа бројка ќе порасне на над најмалку 7100 што значи во најмала рака нови 1000 вработувања за македонските граѓани и обезбедување на егзистенција истовремено и намалување на невработеноста во нашата земја, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Согласно најавите се очекува до крајот на годината нови директни вработувања да бидат реализирани во поголем број на фабрики на странски инвеститори лоцирани во зоните меѓу кои и во КСС во Кичево, ОДВ Електрик и Костал во Охрид, Гентерм во Прилеп, Џонсон Контролс во Струмица и други капацитети.
Покрај директните вработувања во самите фабрики, за државата е значајно и отворањето на нови работни места како индиректни вработувања.
Тоа опфаќа ангажман на вработени во компаниите кои соработуваат со странските фабрики, пред се во поглед на обезбедување на определени материјали кои странските фабрики ги користат како инпут во своето производство, но и ангажман на работници во обезбедување на угостителски, транспортни и други логистичко технички услуги.
Податоците покажуваат дека над 500 домашни компании соработуваат со фабриките отворени од странските инвеститори кои се алоцирани во слободните економски зони, што значи директна или пак индиректна корист за илјадници работници во овие компании.