Економија

СТРАНЦИТЕ Й ВЕРУВААТ НА ВЛАДАТА, НЕВРАБОТЕНОСТА СЕ НАМАЛУВА: ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА НАД 7000 ВРАБОТУВАЊА ВО ЗOНИТЕ

(Преземено од „Република”)


Расте бројот на вработени во слободните економски зони. Компаниите ги зголемуваат производството и извозот, имаат потреба од нова работна сила. Дирекцијата за ТИРЗ очекува годинава слободните зони да бројат над 7 илјади вработени, но ова не е конечната бројка, бидејќи голем дел од компаниите се уште не ги исполниле своите зацртани цели, пишува Лидер.мк.
„Заклучно со 30 јуни, во рамките на овие капацитети се вработени 6.050 лица. До крајот на 2016 година оваа бројка ќе порасне на најмалку 7.100 вработени, што значи нови 1.000 вработувања за македонските граѓани“ – вели портпаролот на Влада, Александар Ѓеоргиев.
„Во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис планови ќе бидат вкупно креирани над 16.500 работни места, само од овие 23 компании“ – вели директорот на слободни зони, Виктор Мизо.
Нови вработувања се најавени во „КСС“ во Кичево, во „ОДВ Електрик“ и „Костал“ во Охрид, во „Гентерм“ во Прилеп, „Џонсон Контролс“ во Струмица, „Хајтек“, „Леар“.
„Градењето на новата фабрика е значајна инвестиција во Струмица и показател дека веруваме во понудените можности. Заедно со штипската фабрика, „Џонсон Контролс“ ќе вработи 3.300 лица во Македонија“ – вели потпретседателот во компанијата, Владимир Теплик.
Домашните компании инкасираат од странците
Растот во слободните економски зони ги радува и домашните компании, бидејќи и тие инкасираат од соработката, а ќарот се движи околу 50 милиони евра.
„Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава“– смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Соработката со домашните компании резултура со отворање индиректни работни места и мултиплицирање на ефектот од странските инвестиции.
„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во земјава, односно трансферот на знаења и вештини. Компаниите од зоните го стимулираат развојот на локалната економија во поширока смисла, овозможија промена на структурата на извезуваните производи. Денес, за разлика од порано, имаме голема диверзификација на извозот и голема додадена вредност“ – вели првиот човек на зоните, Виктор Мизо.
Податоците покажуваат дека над 500 домашни компании соработуваат со фабриките отворени од странските инвеститори во слободните економски зони.
Странците реинвестираат – потврда за довербата во Македонија
„Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Ван Хул“, „Текнохозе“ се само дел од компаните кои се одлучија повторно да реинвестираат во Македонија, да го вложат својот капитал во нашата земја и да продолжат да ги развиваат своите бизниси.
„ Тоа е уште еден доказ дека економските политики на Владата за привлекување странски инвестиции даваат резултат и компаниите ја препознаваат земјава како одлична бизнис – дестинација“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Реинвестирањето на странските инвеститори е најдобрата потврда за добрата бизнис – клима во земјава, но и препорака за потенцијалните инвеститори, кои добиваат сигнал дека и покрај политичката криза, во земјава постои потенцијал и можности за успешно деловно за работење и за создавање профит.
„Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба“ – вели првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.
А, новите инвестиции на компаниите кои се веќе присутни во Македонија не се наивни. На пример, зголемените производствени линии на „Ван Хул“ носат уште 450 директни и околу 100 индиректни вработувања.
„Во септември годинава ќе се изгради магацинот, а во април 2017 година е предвидено отворање на четирите нови производствени линии, кои ќе функционираат покрај постоечките четири линии и ќе донесат 450 работни места. Инвестицијата е вредна 17 милиони евра“ – вели сопственикот на компанијата, Филип ван Хул.
Ефектите се гледаат – невработеноста се намалува
Влезот на нови инвеститори значително влијае врз намалување на стапката на невработеност во земјава.
„Поддршката на домашното стопанство, во комбинација креирањето добра бинзис–клима и привлекувањето на странски инвестиции придонесе за рекордно ниско ниво на невработеност од 24.5%, што е додатно намалување од 2.8% за само една година“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Извозот од зоните и годинава се зголемува, растот изнесува околу 28% во однос на лани. Според економистите, поволностите од привлекувањето странски инвестиции се видливи, но вистинскиот ефект ќе дојде во идниот период.
„Јас го поддржувам овој модел, односно економски развој на земјата преку привлекување странски инвестиции во зони во кои тие ќе добијат серија повластици. Таков беше случајот со Вишеградските земји, со Балтичките земји, со Ирскаа, кои успеаа да се развијат по овој принцип и голем дел од ефектите од странските инвестиции кои таму се случуваа во 90-тите години, ги гледаме сега во овие неколку години. Поголем дел од напорите кои Владата ги вложува во привлекување на странски инвестиции ќе дадат ефект многу подоцна, иако ефектите се забележуваат и сега“ – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.