Министерот за одбрана Зоран Јолевски:

ПОКАНАТА ЗА НАТО ЌЕ ПОМОГНЕ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ГРЦИЈА

(Преземено од МИА)


Министерот за одбрана Зоран Јолевски на покана на Атлантскиот совет учествуваше на конференцијата „Иднината на проширувањето на НАТО и новите граници на европската безбедност” на третиот панел посветен на „Иднината на проширувањето: Дали вратите на НАТО се сè уште отворени”, која се одржува во Вашингтон, САД.
Во своето обраќање на панелот, министерот Јолевски истакна дека изминатите две декади Македонија докажа дека од консумент стана земја која придонесува за светскиот мир и безбедност.
-Македонија покажа дека македонските војници рамо до рамо со останатите војници од Алијансата се борат за вредностите што ги споделуваме и дека е партнер на НАТО на кого може да се ослони. Реформите што ги правиме во одбраната се важни за НАТО аспирациите, но многу поважни за нас самите. Да имаме силна и мобилна Армија е многу важно за Македонија и за целиот Регион. Со акцискиот план за членство во НАТО се јакне општество, демократските институции, и покажуваме капацитет дека ги споделуваме истите вредности, истакна Јолевски.
Во однос на поставеното прашање за нашето членство, министерот Јолевски одговори:
„Свесни сме за проблемот со нашиот јужен сосед за разликите околу името, но истовремено сме и сериозно посветени за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Упатувањето покана на самитот во Варшава за Македонија во НАТО ќе помогне за јакнење на мерките на доверба меѓу двете земји. За нас членството во НАТО е како двонасочна авенија. Од една страна ние даваме поддршка на НАТО и нашите сојузници во напорите за воспоставување мир и стабилност на други места во светот, а од друга страна нашите војници се стекнуваат со многу големо искуство. Тоа се покажа и при справувањето со мигрантската криза“.