Керим за посетата на Нимиц:

ГРЧКАТА ПОЗИЦИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРЕТОЧИ ВО РЕШЕНИЕ

Преземено од “МТВ”


Метју Нимиц има јасен мандат од Обединетите нации и како посредник во преговорите за името е должен да се движи во поставените рамки, без разлика какви се црвените линии на двете страни, изјави Срѓан Керим, претседател на 62. Заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во интервју за МТВ.
Според него, Грција не може да се надева дека ќе и поминат барањата што ги испорачува, нагласувајќи дека преговорите не можат да завршат со прифаќање на еднострана позиција на една од двете страни.
– За такви дипломатски преговори не сум слушнал дека постојат, тоа би било преседан во меѓународната пракса. Еве, и Србија и Косово преговараат со посредништво на ЕУ, па никогаш не разбрав или видов дека Ештон прифаќа безусловно ставови само на едната страна. Што значи, и грчката страна и да се надева или да мисли дека сето тоа што го замислила ќе и помине, не верувам дека ќе биде така – објаснува Керим.
Според него, преговорите нема да се завршат со преточување на грчката позиција во решение.
– Во последно време слушам многу процени што зборуваат за тоа дека поради тоа што нам ни се брзало, сега грчката страна ја подигнува цената. И тоа мора да биде јасно – нам ни се брза, ама не по секоја цена – додава дипломатот.
За тоа што посредникот ја откри апсурдноста на грчката позиција кога кажа дека неговата сопруга може да го нарекува како сака, но тој во личните документи е Метју Нимиц, Керим коментира: „Ми се допадна што амбасадорот Нимиц најде сила во себе на еден духовит начин да ги изрази тие чувствителни и многу тешки и сложени прашања и мислам дека со тоа се кажа бидејќи спорот и разликите не се околу тоа дали Македонија се вика Република Македонија, туку околу тоа кое модифицирано име треба да ја замени референцата“. Тој не верува дека ќе успее барањето на Атина да се отворат идентитетските прашања.
– Не верувам дека тоа може да помине, ниту ќе помине. Не само поради тоа што ние тука ќе бидеме принципиелни и доследни докрај како преговарачи, туку од причина што тоа не е мандат на Метју Нимиц. Тоа тој самиот го кажа и тука тој ќе биде поддржан и од други меѓународни фактори што верувам во одреден момент ќе се замешаат ако видат дека едната страна до таа мера е тврда што ги води преговорите во ќор-сокак – нагласува Керим, додавајќи дека овој пат Нимиц ја доведе грчката страна во позиција да се изјасни за предлогот.