Економија

ВО ТИРЗ КИЧЕВО СЕ ГРАДИ ФАБРИКАТА НА КСС

(Преземено од МИА)


Премиерот Никола Груевски денеска беше во посета на ТИРЗ Кичево каде во тек е изградбата на фабриката на американската компанија „Ки Сејфти Системс“ (КСС).
Оваа американска компанија се занимава со производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше со браунфилд инвестиција во центарот на Кичево, каде моментно работат 72 лица, а се очекува новиот објект да биде готов до крајјот на октомври годинава.
– Девет полни години траеа преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица. Тоа е од големо значење за жителите на Кичево и општо за локалната економија, особено затоа што покрај директни ќе има и многу индиректни вработувања, рече премиерот Груевски.
Тој нагласи дека и сите локални компании кои ќе најдат свој интерес и соработка со американскиот гигант КСС.
– Светската економска криза и европската должничка криза влијаеа на пролонгирање на оваа инвестиција се до изминатата година кога компанијата ја соопшти својата одлука за деловниот потфат во нашата држава. Нашите првични контакти со инвеститорот датираат уште од 2007 година, контактите продлжија во 2008 година на нашето роуд шоу во САД. Во наредниот период следеа повеќе контакти и средби на различни нивоа, посочи Груевски.
Изрази задоволство од реализацијата на оваа инвестиција, бидејќи како што рече, привлече уште две инвестиции кои се нивни добавувачи на опрема и кои донеле одлука да инвестираат во Република Македонија.
Министерот за економија Беким Незири рече дека на годишно ниво извозот на КСС од Кичево ќе биде меѓу 50 и 60 милиони долари.
– Минатата година извозот само од слободните економски зони изнесуваше над една милијарда евра, што е раст од 54 отсто во споредба со 2013 година, додека во првите пет месеци од оваа година само од слободните економски зони имаме извоз од 553 милиони евра, а во мај извозот од зоните изнесуваше 120 милиони евра, рече Незири.
ТИРЗ Кичево и инвестицијата на американската компанија „Ки Сејфти Системс“, потенцира, се уште еден доказ дека политиките во насока на зголемување на инвестициите се правилно насочени.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо потсети дека со поставувањето камен-темелникот во ТИРЗ Делчево се заокружи проектот за функционирање на 14 зони, со цел рамномерен економски развој.
– Паралелно со изградбата на оваа фабрика се привршува изградбата на ТИРЗ Кичево. Зоната е со површина од три хектари, ја сочинуваат девет градежни парцели, од кои седум се наменети за производни и услужни дејности, а ќе биде функционална до крајот на октомври, годинава изјави Мизо.
Тој посочи дека новиот објект на КСС со површина од 13.600 метри квадратни ќе чини над 20 милиони долари и првото производство треба да почне во октомври годинава.
Директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута го изрази своето задоволство од денешниот настан, кој, како што рече, ќе значи нова успешна инвестициска приказна за оваа американска компанија.
– Со гордост можам да кажам дека заедно изградивме бизнис кој започна во постојниот објект во градот Кичево, каде ќе функционираме до изградбата на фабриката. На постојните три линии веќе вработивме 72 лица од Кичево, а само оваа година во новата фабрика ќе бидат отворени над 300 работни места, рече Петрута.
Во Кичево ќе се прозиведуваат воздушни перничиња и останати делови за автомобилската индустрија кои ќе се вградуваат во најпознатите светски марки на автомобили.
„Ки сејфти системс“ е светски лидер во дизајн и производство на автомобилски сигурносни системи. Нивните производи се дел од повеќе од 300 модели автомобили. Компанијата има меѓународна мрежа од 29 продажни и производствени капацитети и 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.