Полскиот претседател Коморовски:

НЕМА СТАБИЛНА ЕУ БЕЗ МАКЕДОНИЈА

(Преземено од МКД)


Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО бидејќи стабилност на регионот без интеграција на Македонија не е можна, оценија вчера македонскиот и полскиот претседател Ѓорге Иванов и Бронислав Kоморовски.
– Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија во определбата за давање датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, затоа што мислиме дека процесот за стабилизација на овој регион без Македонија е невозможен – изјави Kоморовски.
Според него, поддршката од Полска произлегува не само од добрите пријателски односи меѓу двете земји, туку и од определбата на Варшава од 1989 година за политика на отворени врати во евро-атлантските структури.
Македонскиот претседател рече дека очекува на следниот Совет на ЕУ земјава конечно да добие датум за преговори за членство, но и дека очекува искрена поддршка од Полска зашто сегашната ситуација со евроинтеграцијата на Македонија не е во ничиј интерес.
– Има случаи кога слично како и Македонија, некои кандидати биле блокирани, па сепак, за нив се донела одлука паралелно да се движат решавањето на отворените прашања и евроинтеграции. Очекуваме тоа да се примени и кај нас – изјави Иванов.
На средбата двајцата претседатели зборувале за можноста, одличните и пријателски односи меѓу двете земји да се унапредуваат во повеќе области, како науката, образованието, културата, но пред с` во економијата.
Претходно, Иванов, на свеченост во вилата Водно, на својот полски колега му врачи орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и угледот на Република Македонија.
Орденот „8 Септември“ се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.