Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Интервју со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

ГО ОЧЕКУВАМЕ ЗАСЛУЖЕНОТО ОД ЕУ И НАТО, ИМЕТО ДА СЕ РЕШИ БЕЗ ЗАДИРАЊЕ ВО ИДЕНТИТЕТОТ

Даниела Марковска-Алексовска


Република Македонија и покрај сите блокади останува на цврстата определба за членство во ЕУ и НАТО. Прашањето за името што не оптоварува две децении може да има завршница, ако се остане во рамките на резолуциите на ОН, Врeменета спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ако се излегува од тие рамки и се навлегува во прашања за идентитетот, достоинството и човековите права, решениe нема.

Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за Македонската информативна агенција - МИА.

Македонија, вели Иванов е конструктивна и со помош на медијаторот Метју Нимиц бара решение, бидејќи, како што наведува, ние сме тие што ги трпиме последиците од однесувањето на јужниот сосед, кој не трпи никакви последици и може да не блокира уште 100 години.

Претседателот Иванов очекува на јунскиот Самит на ЕУ, европските лидери конечно да ја донесат заслужената одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија. Се надева дека ќе се најде решение и за формирање на Комисијата за настаните од 24 декември.

Шефот на македонската држава во интервјуто за МИА оценува и дека меѓународната позиција на Македонија денес е многу подобра од пред неколку години. Во контекст на добрососедските односи и регионалната соработка, Иванов го најавува Самитот на шефови на држави или влади на земјите вклучени во Процесот за соработка во ЈИЕ на 1 јуни во Охрид, како и Дијалогот на цивилизациите, ден подоцна во струшко Kалишта.

Веќе четири години сте на чело на Република Македонија. Ваша оценка за досегашното извршување на претседателската функција. Кои се предизвиците со кои што се соочивте?

- Прво, навистина беше голем предизвик од една мирна академска кариера да се влезе во бурните води на политиката, особено македонската политика. Во сиве овие изминати години останав доследен на тоа што беше моја визија изнесена во моето обраќање на инаугурацијата пред четири години. Македонија да се отвори кон соседите, да биде во тек со сите промени кои се случуваат во регионот, во тек со промените на глобален план и едноставно да создаваме перцепција за себе од самите себе. Не други да зборувааат за нас и да ги даваат квалификациите кои сме и што сме.

Доколку направиме согледување каков беше нашиот регион пред 10 или пред 20 години и го споредиме со ова што е сега постигнато, навистина промената е огромна. Сега тој нов амбиент бара и нова реторика, нови иницијативи и проекти, нова инфраструктура. Нов однос кон самите себе но и кон другите во регионот. Затоа не можеме да ги согледуваме состојбите во Македонија само од Македонија, мора да ги согледаме во поширок контекст. Токму поради тоа сите напори што ги правам во рамките на моите уставни надлежности, во рамки на споделена надлежност со Владата е да ги отвориме перспективите, како на сегашните така и на генерациите кои доаѓаат после нас. Ефектите од преземените активности се чуствуваат и сега, но дел од нив ќе се чуствуваат и придобивките ќе ги користат идните поколенија.

Во тој контекст, сметам дека најголемиот предизвик за луѓето што живеат во Македонија, луѓето што живеат во регионот, е како да се ослободат од предрасудите, стравовите и стереотипите од минатото. Како да се напушти тој црно бел свет, како да се напушти бинарниот систем на размислување пријател-непријател, и како да се сфати реалноста и суштината дека животот е минлив и дека брзо проаѓа. Дека не вреди да ги потрошиме нашите животи во кавги и поделби, во злоба и завист.

Затоа овие четири години беа исполнети и со менување на претставата за самата политика кај нас. Едноставно, потикнат од моето академско и животно искуство, имав и некоја лична цел да и се врати достоинството на политиката во Македонија. Со личен пример да се покаже дека и чесни луѓе можат да бидат во политиката. Дека преку лични контакти, залагања, иницијативи може да се даде придонес кон она што се нарекува општо добро. Дека таквиот стил на работа, заедно со отвореноста и одговорноста која ја промовираме заедно со мојот Кабинет, изминативе четири години, дава резултати. Тоа впрочем го препознаа и самите граѓани, што може да се види и преку истражувањата на јавното мислење, како тие ја оценуваат и вреднуваат институцијата претседател.

Јас и моите соработници имаме за цел институцијата претседател на Републиката да ја доближиме до обичниот граѓанин. Затоа и ги отворивме народните канцеларии во неколку градови. Сакавме да се посветиме на младите, затоа почнавме со Школата за млади лидери. Се трудиме се што било пропуштено во минатото сега да го надополниме. Сите поединци и институции што сториле нешто возвишено и корисно за државата, кои сториле нешто што е од државен интерес, соодветно ги наградуваме и одликувавме, без разлика дали станува збор за луѓе од сферата на науката, политиката, бизнисот, културата, спортот. Речиси не пропуштивме јубилеј на кој не му посветивме должно внимание. Секој што придонел за Македонија, навистина е добродојден во Кабинетот. На сите им посветуваме соодветно внимание, им оддаваме признание и должна почит за сработеното.

Ние навистина живееме во свет кој многу брзо се менува. Колку порано стануваме свесни за тоа, толку повеќе ќе можеме сите тие промени да ги користиме како за наша промоција, така и за добробит за сите нас што живееме во Македонија. Настојуваме сето тоа да биде во функција на просперитет и развој. Уморни сме од деструкции и негативни процеси кои сакаме да ги оставиме зад нас и да ги заборавиме.

Како ја оценувате меѓународната позиција на Република Македонија, четири години откако сте претседател?

- Република Македонија станува се повидлива на меѓународната мапа и попочитувана на меѓународната политичка сцена. Доколку го споредиме периодот пред 2009-та и денес, и го погледнеме бројот на остварените средби и контакти, учество на меѓународни настани, конкретни активности, нема да биде нескромно доколку се заклучи дека меѓународната позиција на Република Македонија во голема мера е подобрена.

Само за илустрација. Во овие четири години имав 90 официјални и работни посети на други држави и учество на меѓународни настани. Додека 38 шефови на држави ја посетија Македонија во официјални, работни и неформални посети. Според статистиката што ја водат моите соработници, во овој изминат период сум имал 377 средби со шефови на држави, влади, парламенти и високи претставници на меѓународни организации. Од речиси секоја средба произлегла некоја конкретна активност, иницијатива или попродлабочена соработка. Како резултат на тоа се и бројните учества на различни форуми, самити или предавања на универзитети, почесни докторати, награди, признанија.

Денес Македонија има многу повеќе пријатели во светот, од пред 4 години. Покрај нашите стратешки определби за членство во НАТО и ЕУ, отворивме нови хоризонти за соработка во светот, Катар, Казахстан, Азербејџан, Русија... И не е случајна мојата интензивна агенда на меѓународен план, бидејќи треба да се надомести пропуштеното. Живееме во свет кој е мултиполарен и меѓузависен. Пријателствата и личните односи ги олеснуваат односите и соработката, денес не е се чист и буквален интерес.

Република Македонија, покрај сите блокади, останува на цврстата определба за членство во Европската Унија и во НАТО.

Како врховен командант особено внимание посветувам на АРМ и нејзиното присуство во меѓународните мировни мисии. Со нашите 18 ротации во Авганистан и претходни ротации во Ирак, со остварување на една одговорна мисија да го чуваме штабот на ИСАФ во Кабул, со учеството во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, во Либан, кажува дека во нас меѓународните партнери стекнале доверба. Македонското знаме е присутно во меѓународни мисии и секаде е почитувано.

Ако ја согледаме севкупната состојба сметам дека навистина имаме прогрес, имаме резултати. Бевме успешни претседавачи со Советот на Европа, претседававме со повеќе иницијативи што се на меѓународен план.

Мојот фокус во изминатите години, откако сум претседател, е особено насочен кон добрососедските односи и регионалната соработка. Во тој контекст, можам да го најавам одржувањето на Самитот на шефови и држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа на 1-ви јуни во Охрид и на 11. Форум на Дијалогот меѓу цивилизациите ден подоцна во Калишта, Струга.

Какво е значењето на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа за Република Македонија, колку сте задоволни од македонското претседавање?

- Во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој е автохтона иницијатива од регионот, Македонија беше вклучена од почетокот. Со нашето претседавање, исто така, укажуваме на работи кои се значајни за целиот регион. Темата на самиот самит ја согледавме од аспект на тоа што се случило пред 50 години во Македонија, земјотресот во Скопје и солидарноста на светот во изградбата на Скопје, пројавената хуманост и свеста за елементарни непогоди на кој е изложен нашиот регион. Живееме на трусно подрачје, живееме во област каде често има поплави, пожари. Сите тие непогоди не почитуваат државни, етнички, религиозни граници. Ние солидарноста ја почувствувавме во еден период и сега чуствуваме потреба тоа да го пренесуваме на другите. Затоа на Самитот одиме со тема - Намалување на ризикот од катастрофи и Прилагодувањето на климатските промени. Таа тема во нашиот регион секој го засега. На тој план Македонија покажува дека знае да биде земја која ја креира регионалната политика. Ме охрабрува фактот што отвораме пат за идните генерации да одат уште подалеку, да бидат многу похрабри во промовирање на иницијативи, проекти, на заеднички потфати за регионот.

Процесот навистина си ја одигра својата позитивна улога и сега очекуваме тоа да помине во една друга фаза. Навистина имаме потреба од конкретни акции на овој план. Односно овој процес започнува веќе да се институционализира затоа што зборуваме за еден нов амбиент кој има потреба од заедничко справување со предизвиците. Тоа подразбира и потикнување на некои иницијативи кои ги имаме кај другите регионални групи, како на пример Вишеградската група, Балтичката група, кои создале фондови за иднината, создале заедничка инфраструктура, создале заеднички средства за справување со предизвици. Така што и нашиот регион со помошта на ЕУ веќе влегува од фаза од кога се разговара и води дијалог во фаза кога сето она што е констатирано треба да биде и реализирано.

Кое е значењето на одржувањето на 11-от Форум во рамки на Дијалогот меѓу цивилизации?

- Ако во неодамнешното минато за Балканот се говореше како пример кој го потврдува судирот меѓу цивилизациите, пред 10 години успеавме да наметнеме нова парадигма на Дијалог меѓу цивилизациите. Тоа е иницијатива на покојниот претседател Трајковски и по една деценија повторно ние сме домаќини на овој собир. Тоа беше процес во едно турбулентно време кога нашиот регион беше преокупиран со жртви, со конфликти, со поделба на територии, размена на население. Претседателот Трајковски ја поттикна оваа иницијатива која ги помина сите земји од нашиот регион, иницирајќи прашања кои ги зближуваат луѓето и народите. Живееме во регион кој е испреплетен со длабоки семејни, пријателски врски. Испреплетен со етнички, религиозни и јазични сличности и разлики.

Тоа е наследство кое треба да се чува, негува и почитува, а не да се укинува, да се уништува. Македонија служи како позитивен пример во сето тоа. Дијалогот беше тој што ги поттикна размислувањата на тој план, што го потврдуваат и темите што биле за изминатите 11 години, како што се културните коридори, уделот на културите, религиозниот дијалог, улогата на музиката, впрочем улогата на сето она што ги зближува луѓето. Така што и овој дијалог си ја одигра својата улога. Централната тема годинава ќе биде насочена кон младите, и мотото што јас често го користам дека нам ни требаат млади за иднината и иднина за младите.

Она што Македонија и претседателот Трајковски го започнаа во 2003 година е нешто на кое секој од нас треба да е горд. Ние бевме пионери или поточно бевме пред глобалната иницијатива во ОН, Алијансата на цивилизациите. Затоа нормално и природно е Македонија да дава свој придонес и интензивно учество на самитите на Алијансата на цивилизациите, која од ден на ден е се побројна.

Очекувате ли скорешно придвижување во однос на прашањето за името?

- Тоа прашање веќе не оптоварува две децении. Ни одзема многу време, многу енергија. Во сето тоа не вовлече нашата соседна земја, но во еден поинаков амбиент, во едно друго време и можеби со некои нивни намери кои сега по толку време се речиси неодржливи. Меѓутоа, покрај се, ние сме посветени на целиот процес и целиот државен врв е усогласен околу нашата позиција. Ние сме цврсто определени дека процесот може да има завршница, ако се остане во рамките на резолуциите на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд. Тука е се кажано. Ако се излегува од таа рамка и се навлегува во сфера на прашање од идентитетот, решение нема. Затоа што станува збор за навлегување во сферата на човекови права и човечко достоинство. Самиот генерален секретар на ОН, господинот Бан Ки-мун во Охрид порача дека кога станува збор за човекови права, тој никогаш не прави компромис. Ме радува фактот што кога тој беше во неодамнешна посета на Македонија лично се увери со што се соочуваме во овие 20 години и кои фрустрации ги создава сето тоа кај нашите граѓани. Меѓутоа, тоа е балканската политика. 100 години по балканските војни некои политичари кај нашите соседи сеуште живеат со таа реторика и со тие претстави кои биле за време на балканските војни. Живееме во нов свет, ЕУ ни се нуди како проект кој треба да не обедини врз основа на вредности, критериуми, принципи. Таа Европа ние ја сакаме, не сакаме Европа која уценува, па дури и поставува ултиматуми. Ако важеле едни принципи за сите членки, тие треба да важат и за нас. А, не ние да сме исклучок во ОН со дополнителен услов при нашето членство, да сме исклучок во НАТО со дополнителен услов, па и сега во ЕУ ние да сме исклучок. Тоа навистина фрустрира.

Јас тоа отворено го кажувам и на самите европски лидери. Се што е наша обврска и во рамките на меѓународното право, во рамките на резолуциите кои се однесуваат на нас, за нас е прифатливо и тука учествуваме. Но, кога доаѓа прашање кое влегува во сферата на човечко достоинство не знам кој на овој свет би се согласил за такво нешто. Очекуваме и тоа го согледуваме после посетата на генералниот секретар Бан Ки-мун на Македонија дека неговата заложба е многу посилна. Тој инсистира, тој бара да се дојде до решение.

Слично е и со господинот Нимиц, на кого постојано му укажуваме на сите факти и на сите релевантни податоци и досегашни практики и искуства во слични прашања. Сепак, ние сме тие кои се конструктивни и постојано инсистираме и бараме решение, бидејќи ние и нашите граѓани ги трпиме сите последици од таквото неодговорно однесување на нашиот сосед. Тие не трпат никакви последици поради нивното однесување и можат да продолжат да не блокираат и во следните 100 години.

Кои се вашите очекувања од јунскиот состанок на Европскиот совет во однос на можноста на одредување датум за почеток на преговори на РМ во Унијата и до каде е формирањето на Анкетната комисија чиј инцијатор бевте вие?

- Ние веќе предолго чекаме, се уморивме од чекање. Имаме четири позитивни извештаи и на сите обврски сме одговориле. Но она што се случи на 24 декември минатата година и изнудената состојба после тие настани, создадоа нови обврски за нас. Дел од обврските не се реализирани затоа што нема посветеност од конкретни поединци кои не ја чувствува тежината на преземените обврски. На сцена се повторно тие наши стари поделби. Со такво неодговорно однесување на конкретни поединци, поради нивни лични фрустрации и неостварени лични планови, ја ставаат во заложништво европската иднина на граѓаните на Македонија. Во меѓувреме, опозицијата се врати во Парламентот и се одржаа Локалните избори.

Се уште се надеваме дека ќе се најде решение и ќе се формира Комисијата која треба да констатира што се случувало и да даде нејзини видувања кои треба да бидат дел од есенскиот извештај. Очекувам сериозна посветеност со цел да се заврши и таа обврска. Но, не мислам дека тоа што до сега не е формирана Комисијата треба да биде пречка за нашите евроинтеграции. Македонија уште во 2009-та година го заслужи датумот за преговори.

   НАРОДНА ВОЛЈА
ОТЧАЯНИ ОПИТИ НА ДАНС, ВМРО И ПРОКУРАТУРА ДА СПРАТ ПРИЗНАВАНЕТО НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО
Читај
КЪМ ВЪПРОСА ЗА НАРОДНОСТТА НА СТАРИТЕ МАКЕДОНЦИ
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ГОЦЕ СЕ БОРЕШЕ ПРОТИВ ВЕЛИКО-БУГАРСКИОТ ВРХОВИЗАМ
Читај
ВО БУГАРИЈА ПОСТОИ РЕПРЕСИЈА КОН МАКЕДОНЦИТЕ ЗА ДА НЕ ЈА ИСТАКНУВААТ СВОЈАТА МАКЕДОНСКА ПОСЕБНОСТ
Читај


IN MEMОRIAM



ДИМИТЪР МОСКОВ

На 01.05.2013 г. след краткотрайно боледуване в град Стамболийски почина Димитър Москов (роден през 1947 г.) - основател и активен деец на ОМО „Илинден” - ПИРИН. Димитър Москов бе член на ЦС на партията и като такъв се открояваше със своята активност, борбеност, инициативност и силен дух във всички мероприятия на ОМО „Илинден” - ПИРИН. Разпространяваше вестник „Народна воля”, „Македонски глас“ и македонска литература сред македонците в Пловдивско. Ранната му кончина е голяма загуба за неговото семейство, приятелите и за македонската кауза в България.
Отиде си един забележителен човек, патриот и приятел. Ние винаги ще помним неговите дела! Вечна му памет!

От Председателството и ЦС на ОМО „Илинден“-ПИРИН и редколегията на в. „Народна вола”



ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

 
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting