Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Брисел:

ЕК ПРЕПОРАЧА ПРЕГОВОРИ, РАМКА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ИМЕТО И ЈА ВРАТИ ПРИДАВКАТА “МАКЕДОНСКИ”

(Преземено од МИА)


Европската комисија понуди предлог за преговарачка рамка за да се реши прашањето за името меѓу Македонија и Грција во рана фаза од преговорите за пристапување на нашата земја во Европската унија, доколку Советот на ЕУ ја прифати четвртата позитивна препорака на ЕК.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, е клучната порака во заклучокот на Комисијата во Стратегијата за проширување на ЕУ во рамки на досега најпозитивниот извештај за Македонија. Голема вест е и враќањето на придавката “македонски”, што утринава прв го откри известувачот за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит, честитајќи му на Филе за нејзиното враќање во извештајот.

По две години неправедно избегнување на употребата на оваа придавка во однос на народот и јазикот, кој се говори во земјата и кој е признат и заштитен и во Обединетите нации - Комисијата годинава се посправи и на три места во извештајот се наведува оваа за нас и нашите политички лидери - важна придавка!

- Одлуката на Европскиот совет да го отвори процесот на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија ќе придонесе за создавање услови што ќе бидат погодни за наоѓање на решение за прашањето со името. Во овој поглед, Европската комисија е подготвена без одложување да ја презентира рамката, се вели во извештајот.

Иако еврокомесарот за проширување Штефан Филе во 13:30 часот на прес-конференција ќе ги обелодени деталите, ЕК веќе го лиферуваше извештајот за Стратегијата, а и самиот Филе документот го престави пред членовите на АФЕТ. Освен препораката до Советот на ЕУ да почне преговори за пристапување на Македонија во Унијата без одложување, Комисијата сега предлага и конкретно нејзино учество во решавањето на спорот за името со Грција, што доколку Советот одреди датум, би се решавало уште во првата фаза од преговорите.

- Во врска со овој предлог, предвид ќе се земат претходните рамки и особено принципите на новиот пристап одобрен од страна на Советот во декември 2011 година. Одржувањето на добрососедските односи, вклучително и постигнување на заеднички прифатливо решение на прашањето за името под покровителство на Обединетите нации - останува од суштинско значење, посочи Филе пред европарламентарците.

Во генералните клучни предизвици за земјите во процесот на проширување на Унијата, Комисијата ги посочува владеењето на правото, како центар на политиката за проширување. Независноста на судскиот систем, искоренување на корупцијата и борбата против организираниот криминал, заедно со продолжување на реформите на јавната администрација се на врвот на барањата од ЕК. Остварувањето на граѓанските, политичките, социјалните, економските и правото на изразување во некои од земјите сериозно ја загрижуваат Комисијата.

Во Стратегијата за проширување, регионалната соработка и добрососедските односи се есенцијален елемент од Процесот на стабилизација и асоцијација, при што позитивно е претставен дијалогот и компромисот за остварување на добри меѓуетнички односи во случајот со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор во Република Македонија.

Во врска со економските и социјални предизвици и засилување на економското оправување на земјите во процесот за проширување, во Стратегијата се наведува дека по благото закрепнување во 2010 и 2011 година, земјите од Западен Балкан годинава ги повлекла кризата од Европската унија. За Македонија, Албанија и Косово се наведува дека ги подобруваат неповолните услови и дека имаат стабилен финансиски сектор.

Во врска со невработеноста, просекот кај сите земји од Западен Балкан е 21 процент, но се наведува дека е многу поголем во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, од што младите се особено погодени.

- Поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус во 2005 година. Во 2009 година, Комисијата оцени дека земјата доволно ги исполнила политичките критериуми и препорача отворање на преговори за членство. Оваа препорака беше повторена од страна на ЕК и во 2010 и 2011 година, како и сега во 2012 година, се вели во Стратегијата за проширување, во која се наоѓа резиме од прогрес-извештаите за Македонија и секоја земја што се наоѓа во овој процес.

Во врска со Република Македонија, во својата Стратегија, Комисијата потенцира дека “силно верува дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливоста на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи”. Притоа, ЕК потенцира дека во врска со нашата земја и нејзиното пристапувае во ЕУ “регионот како целина ќе има корист!”.

- Земјата продолжува да ги исполнува своите обврски во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација (САА). Комисијата ја одржува својата препорака да се премине во втора фаза од асоцијацијата и го охрабрува Советот на ЕУ да постапи по ова без понатамошно одложување, во согласност со релевантните одредби на Договорот за стабилизација и асоцијација, наведува ЕК.

Тоа го потврдува фактот дека ЕК бара од Грција да не ја попречува Македонија на декемврискиот Совет на Унијата и да дозволи земјата да добие датум за почеток на преговори.

- Земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Владата ја постави ЕУ-агендата во центарот на своите активности. Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Комисијата служи како катализатор за забрзување на реформите и придонесе за значителен напредок во голем број клучни политички области. Владата поднесе предлог до Собранието за подобрување на законската рамка за избори и во областа на слободата на изразување за декриминализација на клеветата. Првиот преглед на Владата на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор обезбеди употреблива алатка за зацврстување на меѓуетничкиот дијалог, се посочува во извештајот на ЕК.

Комисијата предлага и дека “моментумот на реформите мора да се одржи во сите области од политичките критериуми, особено да се обезбеди нивно спроведување”. Според ЕК, ова е особено важно во однос на владеењето на правото, вклучително и слободата на изразување, каде според Комисијата, мора да се засилат напорите.

- Дијалогот на тркалезна маса меѓу Владата и Здружението на новинари треба да продолжи да биде корисен форум за решавање на клучните предизвици во врска со медиумите. Тензиите меѓу заедниците по насилните инциденти во првата половина на 2012 година предизвика загриженост. Владата одговори зрело на овој предизвик и треба да се работи на понатамошно зајакнување на меѓуетничките односи и помирувањето, посебно во светло на дебатата во врска со статусот на жртвите од конфликтот во 2001 година, потенцира Европската комисија.

Што е особено важно за Македонија, ЕК во Извештајот ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

- Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ОН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат, препорачува Комисијата на крајот.

Во врска со финансиската поддршка и асистенцијата на земјите што се во процесот за проширување, Комисијата продолжува со Инструментот за предпристапна помош (ИПА), при што за периодот од 2007 до 2013 година, вкупната сума за достапна помош изнесува 11,6 милијарди евра. Во рамки на следната Повеќегодишна финансиска рамка 2014-2020, Комисијата предлага алокација на 14,1 милијарди евра за новиот ИПА 2 инструмент. Овие пари ќе им служат на земјите-кандидати за поддршка на буџетите, за реформи на јавната администрација, борба против корупцијата, поддршка на економскиот и социјален развој, регионална и територијална соработка.

Клучни за земјата се заклучоците и препораките на Комисијата, кои утринава, пред прес-конференцијата на комесарот Филе, ЕК им ги подели на преставниците на медиумите во Брисел. Притоа, најпрво се посочува дека политиката на проширување на ЕУ уште од нејзиното основање, одговара на легитимните аспирации на народите на нашиот континент да бидат обединети во заедничкиот европски потфат. Од оригиналните шест, ЕУ од 1 јули 2013 година ќе брои 28 земји-членки, се наведува во заклучокот, каде во продолжение се вели дека проширувањето на Унијата придонесува за мирот, безбедноста и просперитетот на континентот и тој процес продолжува и покрај економската криза.

- Проширувањето во Југоисточна Европа помага да се избегнат далеку повисоки трошоци за справување со последиците од нестабилност. Тоа е инвестиција во одржлива демократија. Кредибилитетот на процесот за проширување е од клучно значење за неговиот успех. Одржувањето на моментумот за проширување, како и за реформи се две страни на една иста паричка, се наведува во заклучокот.

Исто така, ЕК посочува оти во духот на добрососедските односи, билатералните прашања треба да се решат од страна на засегнатите страни што е можно порано во текот на процесот на проширување, со решителност, а водејќи сметка за интересите на ЕУ во целина. - Билатералните прашања не треба да го закочуваат процесот на пристапување. Комисијата ги повикува сите страни да вложат напори во решавање на отворените прашања, во согласност со воспоставените принципи и средства, вклучувајќи и прашања што се однесуваат на Меѓународниот суд на правдата или други постоечки или ад-хок тела за решавање на спорови. Контекстот на преговори за членство може да генерира посилен политички поттик за решавање на споровите. Комисијата е подготвена да ја олесни потрагата по решенија, наведува Комисијата.

Според ЕК, процесот на проширување по својата природа е инклузивен и бара учество на засегнатите страни. Во земјите на проширување, широк политички консензус и поддршка од населението за реформите потребни значително да придонесе за трансформацијата неопходна за реформите потребни за напредокот на патот кон ЕУ. Што е клучно, во заклучокот и препораката за Македонија, што пред неколку минути комесарот Филе го соопшти и пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, се вели дека „Комисијата по четврти пат препорачува отворање на преговорите за пристапување на Поранешната југословенска Република Македонија“.

- ЕК смета дека со поместувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливост на реформите, ублажување на ризикот од пресврт во овој процес и зајакнување на меѓуетничките односи. Тоа, исто така ќе го зајакне кредибилитетот на ЕУ и ќе делува како поттик за напори за реформи и кај другите земји од регионот. Горенаведениот пристап бара интензивен политички ангажман од сите страни пред одржувањето на Самитот на Советот на Европската унија, се наведува во финалниот заклучок, што утринава го потенцираше и еврокомесарот Филе во врска со Македонија пред членовите на АФЕТ.

Тој исто така побара и решавање на кризата во владината коалиција, со цел да се задржи позитивниот моментум на реформи во нашата земја. - Проширувањето ќе даде бенефит и на земјите-кандидати и на Европската унија, која се движи во нова насока со продлабочување на интеграцијата и процесот на проширување бара повеќе напори за пронаоѓање на партнери, истакна Филе во Европарламентот.

   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ЗА ДЕБАТИТЕ, БЛАТОТО И ДОГМАТИТЕ
Читај
ГОЛОГАНОВ: НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ НЕМАМЕ ТОЛКУ МАКА ОД ТУРЦИТЕ, КОЛКУ ОД ГРЦИТЕ, БУГАРИТЕ И СРБИТЕ
Читај
ОТБЕЛЯЗАН ДЕНЯТ НА ГЕНОЦИДА НАД МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕНИЕ
Читај

Македонија Пее

ТРГНАЛО МИ ЛУДО МЛАДО

Тргнало ми лудо младо
за Солунски пазар
и на моме проговара
рачај, порачувај.

Рачај, порачувај моме,
што да ти донесам,
срмено елече, моме,
или ѓерданче.

Купи лудо, купи младо,
што ти срце сака,
што ти срце сака лудо,
што го нема тука.



СЕ СОБРАЛЕ КОМИТИТЕ

Се собрале комитите
Ќе ми одат суво поле
напред оди војводата
војводата Јордан Пиперка.

ќе ми фаЌат мете ризи
Ќе ми го чекат Алил Паша
што ја грабил руса Стојна
руса Стојна од мало црско.

Проговара војводата
да слеземе долу Брезово
да го венчаме Алил Паша
за невеста остра сабја.





ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting