Многу е невообичаено една земја да и го бира името на својата соседна земја – во интервју за Нетпрес вели Филипос Кирицис, политиколог и член на антинационалистичкото движење во Грција. Македонија за цел свет за биде Македонија, а компромисното име да биде за употреба само за грчката влада – вака според Кирицис би изгледал единствениот разумен компромис во проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име.
- Вие сте политиколог. Каков е вашиот став за прашањето меѓу Македонија и Грција?
- Не верувам дека ке има решение во блиска иднина, се додека оваа десничарска влада на Самарас е на власт. Овде во Грција е зголемен бројот на граѓани што гласаат за фашистите и имаме пораст на моќта на фашистичката група наречена Златна Зора.
- Што мислите за позицијата на грчката влада за сложено име со географска одредница ерга омнес ( за вкупна употреба ), со оглед на тоа што, како што знаете, Македонија е призната под уставното име од 133 држави на светот?
- Мислам дека Македонија никогаш не би прифатила име што ќе биде одобрено од друга земја. Тоа е нешто многу невообичаено во историјата, соседна држава да решава за името на друга соседна држава. Ако има компромис, тој нека биде валиден само за Грција. Ако македонската Влада прифати сложено име, тоа да се користи само од грчката Влада. Цел свет ќе ја нарекува Македонија - Македонија, а грчката влада ќе има име за нејзина употреба. Како што прават со Истанбул на пример. Во цел свет Истанбул е познат како Истанбул, само овде во Грција го нарекуваат Константинопулос. Можеби некој ваков компромис може да се прифати во иднина, но не додека оваа влада е на власт.
Нема поместување ни во однос на почитувањето на човековите права на македонското малцинство во Грција. Кирицис објаснува дека правата на македонското малцинство се кршат од речиси сите аспекти.
Нивните права не се признаваат од грчката влада. Има одлуки на Европскиот суд за признавање на нивните културни организации, но грчката влада не ги признава. Не им го ни признава името што тие го прифаќаат за самите себе. Називите на нивните населени места се само на грчки јазик, иако според меѓународното право тие треба да бидат и на македонски. Солунскиот митрополит ги забранува радио станиците што го користат македонскот јазик и што емитуваат македонски песни.
Иако македонското малцинство преку своите политички претставници побара од грчката влада да ги прифати одлуките на европските судови, грчката влада до денеска одбива да го стори тоа, информира Кирицис во интервјуто за Нетпрес.