Со пригодни свечености и со оддавање почит на борците од НОБ, во повеќе градови во земјава вчера беше одбележан 11 Октомври - Денот на народното востание. Во Македонската академија на науките и уметностите свечено беше врачена наградата „11 Октомври“. Годинашни добитници на ова високо државно признание за животно дело во науката се академик Владо Kамбовски и професор Димитар Мирчев, во културата и уметноста писателот Веле Смилевски и оперскиот уметник Борис Трајанов. Во областа на здравството и хуманоста наградата ја доби кардиологот Самуел Садикарио, кој заблагодарувајќи се од името на добитниците предложи овој ден, на кој се празнуваат јунаштвото, револуцијата и надежта во подобри нешта, во иднина да ги слави интелектуалците.
Честитки до граѓаните по повод Денот на народното востание испратија државниот врв, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ. Претседателот Ѓорге Иванов во својата честитка истакна дека прославата на 11 Октомври е можност да се присетиме и да им се заблагодариме на сите знаени и незнаени херои од НОБ, кои ги дадоа своите животи за слободата на Македонија.
- Благодарение на нив денес можеме слободни, свои на своето, сами да ја градиме и да решаваме за својата иднина. Македонија била е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата. Оттука, нашето членство и припадноста во евро-атлантските структури е природно и заслужено - се вели во честитката од шефот на државата.
По повод 11 Октомври - Денот на востанието, завчеравечер во Домот на АРМ се одржа свечена академија на која се обрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
- 11 Октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Македонија и овој ден го означува почетокот на конечната борба за слобода на Македонија.
Партизаните верувајќи во своите цели посветено се изборија за слободна и независна Македонија. Во модерна Македонија совршено јасно се отсликуваат вредностите што ги имаат втемелено учесниците во НОБ - рече Вељаноски.
Со традиционалниот импровизиран напад на градот - потсетување на 1941-та, кога со нападот на тогашната полициска станица, денес Меморијален музеј, и на прилепскиот затвор почна востанието, и со богат огномет Прилеп го чествуваше 11 Октомври.