Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
А. ден Долард ја чувствуваал Македонија како втора Татковина

КОН ИСТОК И НАЗАД СО ОРИЕНТ ЕКСПРЕС

Мишо Јузмески
(Продолжува од минатиот број)



Од најугнетени поданици на кралството Југославија (1918-1941), Македонците станаа најверни бранители на социјалистичка Југославија (1944-1991). Секој напад врз неа го сметаа за напад на најголемата светост. Во Македонија за ден Долард јавно не се зборуваше, неговите книги не се преведуваа. Поради неговиот антикомунизам го отфрлија и неговиот македонизам. Сепак тој не беше целосно заборавен.

Истражувајќи ја судбината на романот „Ориент Експрес“ дојдовме до Шерефедин Мустафа. Тој потекнува од Македонија, но одамна живее во Холандија. Работи како преведувач и меѓу другите автори го има преведувано и ден Долард. Од холандски на албански јазик го има преведено романот „Гостилница со потковица“ (De herberg met het hoefijzer), издаден прво во Скопје во 1993, а потоа и во Тирана во 2005 година. Еве што пишува во неговата електронска порака од 11 март 2011 година:

„Почитуван г-дин Јузмески,

Ви благодарам за Вашата порака и мило ми е да слушнам дека во Македонија постои интерес за делото и животот на А. ден Долард.

Со авторот имав чест повеќе пати да се сретнам и да разговарам. Можеби Ви е познато дека сум го превел неговиот роман „Гостилница со потковица“ на албански јазик. Од самиот почеток бев убеден дека неговиот најубав роман е „Ориент Експрес“ и дека опишува еден значаен период на македонската историја, од 1903 до почетокот на Втората светска војна. Поаѓајќи од таа претпоставка, романот го преведов во 1996 година.

За жал, сите напори за објавување на преводот во Македонија беа неуспешни. Имам намера наскоро да го објавам во рамките на мојата веб страница.

Срдечен поздрав од Холандија и извинете што од мојот мобилен (телефон) не можам да Ви одговорам на кирилица.

Шерефедин Мустафа“

Во Македонија најмногу интерес за делото и животот на А. ден Долард постоел кај оние што го познавале лично или пак имале поцврсти врски со Холандија и Холанѓаните.

Во Охрид во 2006 година беше подигнат споменик во чест на писателот и за прв пат се издаде негова книга на македонски јазик. Тоа е „Свадбата на седумте Цигани“, преведена со изменет наслов како „Свадба во Охрид“. Книгата „Ориент Експрес“ и понатаму останува достапна само за оние кои го познаваат холандскиот јазик.



Приказна за процутот и пропаста на една слободарска мисла



Живите јазици постојано се изложени на промени, па и холандскиот јазик не е некаков исклучок. Самиот ден Долард бил доволно долго присутен на холандската литературна сцена за да биде засегнат од тие промени. Затоа во подоцнежните изданија се забележуваат и осовременувања на јазикот со единствена цел книгата да биде поприфатлива за помладите читатели. Промените кои го зафатиле холандскиот јазик во средината на XX век се однесуваат на упростувањето на правописот и граматиката со исфрлање на падежните форми. Таа промена се забележува меѓу различните изданија на „Ориент Експрес“. Сепак, по сите промени во оригиналниот холандски текст, суштината на содржината останала иста. Конечната верзија на романот е составена од 17 глави, сите со различни наслови и поделени во 4 засебни делови.

Првиот дел од романот се состои од следниве 7 глави: „Македонија, јули 1903“, „Раѓањето на Милја“, „Смртта на Дамјан“, „Крштевањето на Милја“, „Бегството во Кратово“, Младоста на Милја“, „Големата војна“. Првиот дел започнува со цитатот од Библијата, во кој непознат Македонец му се обраќа на св. Павле, молејќи го за помош:„И на Павле му се јави во ноќта видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: „Дојди во Македонија и помогни ни!““ (Дела на апостолите 16:9). Цитатот е запишан на латински и холандски јазик. Во овој дел дејството на приказната се одвива меѓу Илинденското востание и Првата светска војна, додека другите делови се однесуваат на повоениот период.

Во Вториот дел се поместени три глави: „Трговски патник со машини за шиење“, „Војводата Бора вози преку ридовите“, „Снопот сено паѓа“. Вториот дел започнува со извадок од македонска револуционерна песна: „Каде е Гоце, каде е Даме, каде се старите војводи?“

Трите глави во третиот дел се: „Ќерката на Дамјан Дрангов“, „Тодоровиот таен живот“, „Смртта на еден ајдук“. На почетокот од овој дел е запишан холандскиот препев на „Песната на востаникот“ од бугарскиот поет и учесник во македонското револуционерно движење Пејо К. Јаворов (1878-1914).

Последните четири глави се во четвртиот дел: „Бегството на Христо“, „Пиштолите пукаат“, „Пеколна машина“, „Враќањето на Милја“. И овој дел започнува со цитат од Библијата: „Зашто сите што се фаќаат за меч - од меч ќе загинат.“ (Евангелие според Матеј 26:52)

Основната тема и носечки столб на дејството во „Ориент Експрес“ е борбата на македонскиот народ за слобода во почетокот на XX век и дејствувањето на ВМРО како најистакнат двигател на таа борба. Историјата на ВМРО во романот е претставена во три фази, кои се прикажани според видувањето и раскажувачките умешности на авторот. Сите настани во романот се поставени во функција да го дадат најдоброто можно објаснувањето за тие три фази.

Главниот лик е Милја; романот започнува со нејзиното раѓање, го следи целиот нејзин животен пат и завршува со нејзината смрт. Таа е родена на Илинден 1903 година. Нејзиниот татко е војвода и загинува како вистински јунак за слободата на Македонија. Тој е претставник на првото поколение револуционери кои пред себе го имаат единствено идеалот за ослободување на Македонија од теророт на Османлиите. Состојбата во Македонија се усложнува со нејзината поделба меѓу Бугарија, Грција и Србија. Борбата за ослободување преминува во борба за обединување на земјата во една целина. Милја му припаѓа на второто поколение борци кои преку тероризам се надеваат да го постигнат идеалот за слобода. Како млада девојка се зачленува во ВМРО и активно учествува во борбата за слобода, овој пат против Србите во вардарскиот дел на Македонија. Таа се запознава со водачот на ВМРО, Тодор Александров, и станува негов приврзаник. По неговата смрт, организацијата ја преземаат новите водачи кои се интересираат само за власт и пари. Сета енергија ја трошат во меѓусебни пресметки и задоволување на своите лични интереси. Во името на „ослободувањето и обединувањето на Македонија“ Милја добива задача да постави динамит на мостот по кој минува возот „Ориент Експрес“. Со неговото уништување треба да се привлече вниманието на Западот кон тешката положба во Македонија. Истовремено таа добива ветување дека ќе го откријат убиецот на Тодор Александров. Убиецот е веќе мртов, но Милја тоа не го знае. Организаторите сакаат да се ослободат и од неа. При експлозијата на бомбата, умира и Милја. Погребана е во таен гроб во една нива, во ковчег изработен од остатоците на возот Ориент Експрес. Тука е крајот на романот.



Реализмот на А. ден Долард



Основната карактеристика на стилскиот израз во „Ориент Експрес“ е документаристичката форма на раскажување. Многу елементи од содржината во романот се совпаѓаат со одредени записи во автобиографските книги на авторот, како и со општопознатите настани од првата половина на минатиот век. Авторот се стремел што поверодостојно да ги прикаже настаните во Македонија и во таа насока бил доста успешен. Тоа го направил преку една драматизирана приказна, која е доволно напната за да го задржи вниманието на читателот. Истовремено приказната го има призвукот на пообемен новинарски извештај, нудејќи изобилство од описи на настаните и состојбите од временскиот период во кој е сместено дејството на романот. Кога веќе се зборува за реализам, тој мора да се сфати како поим кој излегува надвор од балканските сфаќања за реалноста, посебно во однос на етничката припадност на Македонците и правото на сопственост врз Македонија.

Ја разгледуваме конечната верзија на „Ориент Експрес“, онака како што била преработена во 1939 и објавена една година подоцна. Првата глава со наслов „Илинден, 1903“, а со тоа и целиот роман, започнуваат со:

„Никогаш порано житото не беше толку брзо ожнеано како тоа лето во Македонија. Секој ден сонцето го минуваше својот жаречки пат над распуканиот предел, од планината Беласица на исток, преку нeподносливо блескавиот Вардар кон белиот Кораб на западната граница.“ (A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Amsterdam, 1940, стр. 9)

Воведниот текст ги дефинира временските и просторните граници на дејството. Тоа започнува во 1903 година, на просторот меѓу планините Беласица и Кораб. Тоа е просторот на денешна Република Македонија.

При читањето треба секогаш да се има предвид дека книгата е создавана и била на врвот од својата популарност во времето 1931-1939 година, кога името Македонија било забрането. За авторот тука не постојат дилеми. Како син на свештеник имал можност рано да дојде во допир со библиските текстови во кои се спомнува Македонија, потоа во училишниот атлас и во сета друга литература често го среќавал истото име. Затоа насекаде во романот земјата ја именува како Македонија, независно дали зборува за неа како за една целина или за нејзините делови под власт на различни држави.

Кај холандскиот писател нема дилема и околу суштината на Илинденското востание. Тоа е „борбата на христијанските Словени против нивните исламски господари“. Во продолжение на текстот постојано се зборува за ослободување и обединување на Македонија во посебна држава или во балканска федерација.

Секој што пишувал за Македонија морал да се соочи со најгорливото прашање за народноста и јазикот на мнозинското население. На кој јазик зборувале жителите на просторот од Беласица до Кораб? Од која народност се ликовите во романот?

Уште на почетокот од романот авторот предупредува дека во Македонија се зборува македонски јазик. Во првата глава нè запознава со еден од главните ликови во романот. Тоа е војводата Дамјан Дрангов од гостиварското село Радово „...кој освен македонски, исто така знаеше француски и грчки, и малку германски...“. Во понатамошниот текст на романот авторот го неутрализира поимот „македонски јазик“, заменувајќи го со изразот „истиот дијалект“ или го дефинира со „македонскиот дијалект е речиси како бугарскиот јазик“. Во времето кога македонскиот јазик е најжестоко забрануван и мнозинството македонски писатели пишуваат на српски или бугарски јазик, ден Долард дофрла дека сепак македонското население има свој јазик или дијалект кој е „речиси ист“, но не и целосно ист со бугарскиот јазик.

Кога станува збор за народноста на Македонците, авторот зборува за „христијански Словени“ кои во зависност од црквата што ја признаваат се сметаат за „Срби“ или „Бугари“. Опишувајќи го селото Нагоричане, во петтата глава (Бегството во Кратово) авторот вели:

„Населението беше мешано; Бугари и Срби заедно. Тие го зборуваа истиот дијалект, но припаѓаа на две цркви“ (A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Amsterdam, 1940, стр. 82).

Просечниот читател веднаш би помислил дека се работи за етничка припадност на селаните: Бугари и Срби. Но, многумина би се запрашале: ако селаните навистина биле од две различни народности, кој е „истиот дијалект“ што го зборувале? Српски, бугарски или некој друг? За поупатените во состојбите од почетокот на XX век станува јасно дека се работи за еден ист (македонски) народ со ист (македонски) „дијалект“, кој е разделен во две посебни православни црковни организации и затоа нивниот идентитет е пред сè црковен, а не етнички или национален.

За појасно да ја објасни ваквата појава, авторот на друго место зборува преку Милја, која во еден момент вели:



„Ние сме едно од оние несреќно распарчени семејства каде едниот тврди дека е Србин, а другиот Бугарин. Кај нас тоа е уште полошо. Единствено јас пристапив кон Егзархијата; сите мои браќа, тие се тројца, останаа приврзаници на Патријаршијата. (A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Amsterdam,1940, стр. 84)“



Со тоа авторот индиректно објаснува дека Милја е „Бугарка“ само поради нејзиното прифаќање на Бугарската Егзархија (православна црква на Бугарија), а нејзините тројца браќа се „Срби“ само поради нивната припадност кон Српската Патријаршија (православна црква на Србија). Тие и понатаму остануваат во крвна врска, го носат истиот ген, го зборуваат истиот јазик. Ја споделуваат истата православна христијанска религија, но веќе како припадници на две национално спротивставени цркви, принудени се да се борат за интересите на своите нови татковини со што непријателството се пренесува меѓу членовите на семејството. Ете, тоа е најголемата несреќа на Македонците за која авторот зборува преку ликот на Милја.

Дури и кога пристапувале кон Бугарската Егзархија, со што политички и културно се поврзувале со државата Бугарија, мнозинството Македонци и понатаму на прво место ги ставале Македонија и нејзините интереси. Со тоа бил запознат и авторот, па напишал:

„Српските комити никогаш не би се бореле за една независна Македонија како бугарските, кои на прво место беа Македонци, а дури потоа Бугари“ (A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Amsterdam, 1940, стр. 82).



А. ден Долард бил свесен дека не може да го одврзе јазолот наречен „македонско прашање“, но почувствувал потреба да го извести светот за вистинската состојба во Македонија и да го покаже изворот на недоразбирањата. Можел ли да го направи тоа без да засегне некоја од заинтересираните страни и без да си предизвика нови главоболки? Поради критиките упатени кон нивната фашистичка политика, Италија и Романија му забраниле пристап на нивните територии. Истото му се случило и во Бугарија.



„За моите лични искуства во бугарска Македонија и за ВМРО воопшто напишав три статии под наслов „Славата и падот на комитите“. Веднаш штом се појавија во амстердамскиот „Handelsblad“ јас исто така бев протеран од Бугарија.“ (A. den Doolaard: „Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten“. Amsterdam, 1971, стр. 59)



Што и да напишел, секогаш ќе се соочел со обвинувањето дека работи за една или друга страна во спорот, како што тоа навистина се случило. Впрочем, во одредени моменти авторот искрено признава дека одбрал страна во спорот за Македонија. Застанал на страната на оние Македонци кои живееле со вистинскиот идеал на слободата. Тоа биле Коста и другите сиромашни македонски селани, кои освен својата искреност немале што друго да му понудат; немале книги и брошури за заблудување, немале ни пари да му купат билет за Ориент Експрес. Додека сите други што покажувале лицемерна загриженост за слободата на Македонците, всушност мислеле само како да ги поробат и ограбат.





Заветот на А. ден Долард



Цели шеесет години авторот негувал внимателен однос кон книгата. Во некои изданија на романот пишувал поговор или предговор каде објаснувал во кои околности настанал и што сакал да постигне преку него. Настанувањето на романот „Ориент Експрес“ опширно го има опишано во автобиографската книга „Очи на грбот; Гледајќи наназад кон книги и современици“ (Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten) од 1971 година.

На 1 јануари 1994, во 93-та година од животот и само шест месеци пред смртта, во поговорот кон тогашното издание на романот ден Долард уште еднаш го потврдува својот однос кон „Ориент Експрес“ и воопшто кон Македонија која многу пати ја има прогласувано за втора татковина. По незнаен број пати кажува дека Македонија во 1913 година била распарчена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Понатаму, за да нема некаква забуна околу толкувањето на содржината, тврди дека романот „Ориент Експрес“ е посветен на борбата за слобода на Македонците, како различни од Србите и особено од Бугарите, кои како народ ги смета од азиско и несловенско потекло, но и со најсилна пропаганда во Македонија. За ВМРО и понатаму смета дека од организација на идеалисти за слободата на Македонија, преминала во организација на терористи кои на крајот станале гангстери што меѓусебно се убивале по кафеаните и улиците во Софија.

Иако не бил замислен како историски роман, „Ориент Експрес“ за холандските ученици станал учебник по македонска историја. Романот бил воведен како задолжителна лектира во училиштата во татковината на авторот и преку неа на часовите по литература се учела историјата на македонскиот народ. Свесен за улогата што ја одиграла и уште долго ќе ја игра неговата приказна за борбата на македонскиот народ за слобода, тој го имал толку внимателниот однос кон книгата „Ориент Експрес“. Оттука и нашиот посебен однос кон авторот. Како што тој преку повеќегодишна макотрпна работа се обидувал Македонија да ја доближи до холандскиот народ, така и ние преку оваа приказна се обидовме А. ден Долард да го доближиме до македонскиот народ.



Мишо Јузмески

   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е МАКЕДОНЕЦ И ЗА ТОА НЕМА ПАЗАРЕЊЕ
Читај
САМО ЕДНА Е ВО СВЕТОТ НА НАРОДИТЕ И ДРЖАВИТЕ – НАШАТА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА!
Читај
МАКЕДОНЦИТЕ ПРАЗНУВАХА 116 ГОДИНИ ОТ ИЛИНДЕНСКАТА ЕПОПЕЯ
Читај


ПОКАНА
ВСЕМАКЕДОНСКИ СЪБОР В МЕЛНИК
На 22 април 2012 г.(неделя) в гр. Мелник ще се проведе традиционният всемакедонски събор по повод 97-годишнината от убийството на големия македонски революционер Яне Сандански. Запланувано е участието на изпълнители на македонски песни от Р Македония и Р България. Всички са поканени. Съборът ще започне в 11.00 часа.
Организатори са ОМО „Илинден”-ПИРИН, Австралийско-македонски комитет по правата на човека, Македонско международно движение за човешки права, в. „Народна воля”, бюлетин “Македонски глас”, ТМО ВМРО (независима), Дружество на репресираните македонци в България, Македонско християнско братство „Пророк свети Илия”, КПД „Илинден”, КПД “Никола Вапцаров”, КПД “Цар Самуил” и Сдружение “Победа”.

Нова книга
“НАШИОТ ХОЛАНДСКИ ПРИЈАТЕЛ А. ДЕН ДОЛАРД”

Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, од печат излезе новата книга од писателот Мишо Јузмески под наслов „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“.
Книгата е плод на долгогодишното истражување на авторот на животот и делото на холандскиот писател и вљубеник во Македонија, А. ден Долард, а нејзиното излегување се поклопува со 111 годишнината од неговото раѓање. Преку текстот во книгата, меѓу другото, читателот се запознава со содржината и значењето на двете најзначајни книги за Охрид и за Македонија од холандскиот автор.
Книгата е достапна во КЦ „Култура 365“ на ул.„Цар Самоил“ во Охрид кадешто и оваа година ќе биде отворена изложбата за животот и делото на холандскиот писател и новинар А. ден Долард.

Македонија пее

ДУШМАНИ ЕДНАШ ЗАПАМЕТЕТЕ

Крвопис ние војската
ослепената самоилова
тука се и гробовите
од јунаците Илинденците. (2)

Рефрен:
Душмани еднаш запаметете
сме постоеле и Ќе постоиме
нашата мила Македонија
не одгледала за да ја браниме. (2)

Крвопис ние Ваташа
за дечињата тринаесмината
другари што изгинаа
по затворите од Сверовите. (2)

Рефрен:...

Крвопис ние Пиринот
до ден денешен не ослободен
истото е и со Егејот
бело морскиот Македонскиот. (2)

Рефрен:...


ЗАЈДИ, ЗАЈДИ, ЈАСНО СОНЦЕ

Зајди, зајди јасно сонце,
зајди, помрачи се,
и ти јасна ле, месечино,
бегај удави се. (2)

Црнеј горо, црнеј сестро,
двајца да црнејме,
ти за твојте лисја ле, горо,
јас за мојта младост. (2)

Твојте лисја, горо сестро,
пак Ќе ти се вратат,
мојта младост горо ле, сестро,
нема да се врати. (2)


Нови стихове

С В А Т Б А

„Мojта свадба без песна ќе биде...”
Народна песна



Време е.
Време е вече.
Трябва да тръгваме.
Невестата чака отдавна.
Църквата от тъмно е отворена -
сватба ще вдигаме,
сватба голяма,
сватба -
за всичките идни столетия.

Но жениха се бави,
женихът още го няма.
Не ти ли омръзна да чакаш,
гиздава синеока невесто,
и вече не тръпнеш ли цяла,
че сватбата няма да стане?

Вярвай на своя избраник,
синеока красавице,
чакай го -
той е верен на двойната клетва.
Скоро, скоро ще дойде,
много сватбари ще води -
сега ги калесва.

Така му заръчаха старите сватове.
Старите сватове...
Не тъгувай по тях.
Те поляха със своя живот
Твой’та цветна градина,
безименни те обезсмъртяваха,
с твоето име
вървяха към безсмъртието,
за да бъдат завинаги с нас -
дори и от гроба,
дори от отвъдното.

Старите сватове...
Да запалим свещица за тях
и да тръгнем.

Сега всички сватбари са млади,
млади и хубави –
като твоя жених.
Чакай ги,
църквата нека отворена бъде,
всички камбани да бият.
Сватбарите идат.
Сватбата скоро ще почне.


ПЕТЪР МИЦКОВ




ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting