(Преземено од МИМ)
Стимулирањето на помладите писатели треба да биде приоритетна цел на Друштвото на писателите на Македонија, најави на вчерашната прослава по повод 64 години ДПМ, претседателот на ова здружение, Раде Силјан. Во поздравната реч Силјан кажа дека во изминатите неколку години посветиле внимание на третманот на македонската книга и на авторскиот хонорар.
"Веќе од оваа година имаме значително зголемување на материјалната поткрепа на делата, што ќе бидат реализирани во издавачката програма во 2011 година", рече Силјан. На прославата на годишнината беа врачени четирите годишни награди за најдобри остварувања во прозата, поезијата, критиката и литературата за деца во 2010 година. Годинашни добитници на наградите "Стале Попов", "Ацо Шопов", "Димитар Митрев" и "Ванчо Николески" се авторите Методија Фотев за романот "Вивариум", Благој Самоников за поетската книга "Неизносена ведрина", Јелена Лужина за "Есеј(от) како вежбалиште" и Ефтим Клетников за книгата за деца "Цар Салтан". |