(Преземено од МИМ)
Академик Матеја Матевски е годинашен лауреат на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Одлуката за доделувањето на ова престижно признание на вчерашната средба со новинарите ја соопшти претседателот на Управниот одбор на манифестацијата, Славе Ѓорѓо Димоски. Одлуката ја поздравија и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милеска и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Георги Старделов.
Матеја Матевски на македонската и светската литературна јавност и е познат како поет, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач. Роден е на 13 март 1929 година во Истанбул. Студирал во Скопје каде дипломирал на Филозофскиот факултет на групата македонски јазик и југословенска литература. По завршувањето на студиите работел како новинар во македонската радио телевизија, каде бил продуцент на литературно културната програма, а подоцна станува главен продуцент и директор на Радио телевизија Скопје. |