Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија:

ГРЦИЈА НЕМА ДА ЗАГУБИ АКО ГИ ПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

Иванка Костовска


И покрај сите притисоци, закани, ембарга и кризи, Република Македонија е веќе 20 години самостојна и суверена држава која е пример за демократско интегрирано општество. Пред сè, тоа е заслуга на одговорноста и преданоста кон својата татковина од сите граѓани, а потоа и на политичарите како нивни непосредно избрани припадници, истакнува шефот на државата Ѓорге Иванов во интервјуто за "Дневник". Според претседателот Иванов, довербата меѓу Скопје и Атина ќе се зголеми ако Грција дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

- Дали ќе дојдеме до решение на прашањето, не зависи само од нас. Ако нашиот сосед се придржува стриктно до рамките во кои се водат разговорите, ако покажат конструктивност, решение е можно - смета претседателот Иванов.

Како претседателски кандидат, нагласивте дека главниот мотив да ја прифатите кандидатурата е тоа што претседателот е главниот мотор на евроинтегративниот процес. Две години по вашата инаугурација, Македонија е без датум за преговори со ЕУ. Успешно ли ја вршите функцијата двигател на евроинтеграцијата?
- Македонија нема поважна задача од успешна реализација на нашата стратегиска цел и приоритет над сите приоритети, ЕУ и НАТО-интеграцијата. Задоволен сум што во изминатите две години државата добива позитивни оценки од Европската комисија дека е подготвена за отпочнување на преговорите за членство. Со ова се отстрануваат сите објективни пречки на македонскиот интегративен пат и останува политичката пречка која ни е добро позната. Овие две позитивни препораки, заедно со веќе постојната поддршка од Европскиот парламент, позитивното спроведување на визната либерализација и голем број успешни проекти на овој план покажуваат дека Република Македонија добро напредува на планот на реформите.

Сепак, поради спорот со Грција не можеме да ги почнеме преговорите за членство...
- Добро е што останува изолиран големиот проблем за нашите интеграции, грчкото спротивставување и што тоа не е затскриено со наметнување на други теми и прашања. На овој план, како претседател имам обврска да ги застапувам интересите на граѓаните, да барам поддршка за продолжување на интеграциите. Сето тоа го правам мошне интензивно. И морам да кажам, кај некои влијателни европски држави, како Унгарија, Австрија, Чешка, наидувам на голема поддршка. Нивниот став е дека Македонија може паралелно да ги води преговорите со ЕУ и разговорите со Грција. Мораме да се залагаме за принципи кои ќе важат и за нас, бидејќи во нашиот регион видовме дека овој пристап, во кој билатералните проблеми се решаваат додека преговорите траат, е можен и дава резултати.

ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМАТ ДОВЕРБАТА МЕЃУ СКОПЈЕ И АТИНА

Како би ги убедиле Грција и членките на ЕУ дека грчкото вето може да се одложи до моментот кога ќе се гласа за нашето членство во ЕУ?
- Тука ни е потребна помошта и поддршката од ЕУ-лидерите. Тие треба да му помогнат на премиерот Папандреу и на раководството на соседната земја и да ги убедат дека со претпристапните преговори Грција не е губитник. Сите добиваме. Република Македонија и сите нејзини институции, целото општество ќе биде фокусирано на преговорите. Грција ќе има проевропски, во смисла на стандарди, сосед. Раководството на Грција ќе демонстрира практична конструктивност, ќе се зголеми довербата и разбирањето, кои се суштествени за нашите граѓани кои на референдум ќе се изјаснат за евентуалното решение. Зборувам за раководството на нашиот сосед, зашто нашите две општества покажуваат дека можат да се надминат проблемите, да се напуштаат стереотипите и предрасудите од минатото. ЕУ ќе го потврди кредибилитетот на најуспешната политика воопшто на нашиот континент, проширувањето. Јас секако жалам што Атина воопшто тргнаа по тој пат.

Но, како што самиот кажавте во Виена, Грција е во тешка криза и во моментов нема мотив да го решава спорот за името.
- Јасно е дека актуелната тешка криза во Грција не придонесува кон тоа да дојдеме до решение. Од друга страна, во кризните времиња се изнедрува лидерство. Но, ние немаме избор, ние остануваме конструктивен партнер во разговорите со Грција. Останува да инсистираме на враќање на разговорите во рамките поставени со резолуциите на Обединетите нации и со Привремената спогодба, а тоа е изнаоѓање заемно прифатливо решение кое ќе се употребува во меѓународните организации, кое на ниеден начин нема да влијае врз македонскиот идентитет и кое нема да отвори повеќе проблеми отколку што ќе реши. Се надевам дека нашите пријатели во Грција ќе покажат искрена конструктивност.

ДА НЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА БОЛКАТА НА СЕМЕЈСТВАТА НА КИДНАПИРАНИТЕ

Бевте избран без гласовите на Албанците, а ДПА ги бојкотираше лидерските средби што Вие ги организиравте. Се обидувате ли да воспоставите подобар однос и да ја придобиете довербата на Албанците?
- Напротив! И во мојата кандидатура, и во кампањата, и на самиот ден на изборите добив поддршка од голем број граѓани од албанската заедница. Сметам дека со досегашниот тек на работата покажав дека дејствувам како претседател на сите граѓани. ДПА е дел од албанската заедница во Македонија, што јас го почитувам и особено сум задоволен што оваа партија ја напушти практиката на бојкот на институциите, во кои треба да ги застапува интересите на граѓаните. Јас сум горд со надградениот модел на мултиетничка демократија, соживот и толеранција, кој со Рамковниот договор само ја легитимира нашата вековна традиција. Патрон сум на сите настани со кои се одбележува десетгодишнината од Рамковниот договор. Понатаму, постојано ги негувам духовните дијалози, кои се своевиден форум за меѓуверски дијалог, но и многу повеќе од тоа. Односот кон албанската заедница го демонстрирам и преку моите надворешнополитички активности, особено регионалните. Изминатиов месец во Охрид се одржа третиот квадрилатерален самит, со колегите од Албанија, Црна Гора и Косово.

Имавте средба со семејствата на киднапираните Македонци од 2001 година, по одлуката хашките случаи да се затворат преку автентично толкување на Законот за амнестијата. Дали како претседател ќе ги поттикнете институциите посилно да се ангажираат за да ги најдат телата на киднапираните?
- Длабоко сочувствувам со болката на семејствата. Овие случаи ќе останат во колективно сеќавање на сите граѓани на Македонија како темни спомени за едно време во кое се изгубија сите човечки вредности. Сметам дека ниту едно законско решение не може да помогне да се намали болката на најблиските на киднапираните и малтретираните граѓани. Согласно моите уставни и законски надлежности, како досега така и во иднина, ќе направам сè за затворање на сите болни и чувствителни прашања врзани за конфликтот од 2001 година. И уште еднаш ќе потенцирам и апелирам до сите политички фактори да се воздржат од злоупотреба на тешката положба во која се наоѓаат семејствата.

ДА СТАНЕМЕ "ДОСАДНА" ДЕМОКРАТИЈА

Како ги оценувате приоритетите на новата влада?
- Имаме генерација политичари кои сакаат сè најдобро на државата, настојуваат да направат нешто што ќе остане зад нив. Посветеноста кон државата и желбата да се даде сè во овој многу тежок период е она што го прави овој тим различен.

Од предизборието до денес се создава атмосфера на рововска поделеност меѓу политичките чинители. Како придонесувате да се намалат политичките тензии и да се подобри политичкиот дијалог?
- Точно е дека демократскиот развој во Република Македонија сè уште е на ниво кога анимозитетот меѓу партиите и политичката битка имаат негативна рефлексија во општеството. Но, последните избори се сериозно охрабрување. Мојата улога е обединувачка. Секојдневно се трудам на разни начини да влијаам врз намалување на тензиите. Од почетокот на годинава направив сè што можам за да го олеснам политичкиот дијалог. Организирани беа лидерски средби. Самиот факт што на една маса седат и разговараат лидерите е голем успех сам по себе. Но, силно посакувам да станеме една високо развиена, често на шега знам да кажам "досадна", демократија. За тоа, неопходно е сите да ги поддржат демократските институции, особено парламентот, каде што треба да се артикулираат сите дебати, да има континуиран дијалог. Морам да ви кажам дека на една од лидерските средби јасно им кажав на политичките водства дека е крајно време дијалогот да се одвива таму каде што се одвива во сите напреднати демократии, во парламентот. Со водењето на дијалогот надвор, ние не ги поддржуваме демократските институции.

ВО ДИПЛОМАТИЈАТА ИМАВМЕ ПРАЗНИ ВЕЛИЧИНИ

Ако направиме ретроспектива, кои се, според Вас, погрешните чекори што се направени во македонската дипломатија во изминатите 20 години?
- Дваесетгодишниот јубилеј на нашата независност е можност за сумирање на сето она што Република Македонија го постигна, вклучително и во дипломатијата. Неспорен е фактот дека македонската дипломатија има учествувано во сите клучни моменти на нашата современа историја. Генерално сум и треба да бидеме задоволни со резултатите на македонската дипломатија. Но, денес, таа е соочена со нови реалности, предизвици и можности, впрочем, предизвици на дипломатијата во 21 век. Јас сум претседател на Република Македонија две години. Остварив огромен број посети и средби со странски државници. Во разговорите, уочливо е дека соговорниците немаат доволно информации. Обратно, тие ги имаат информациите што ги добиваат од Грција, таа е во клубот и полесно и е да ја презентира својата страна на вистината. Верувајте, како претседател и како држава, изминативе две години се бориме со перцепцијата создадена од Грција, за нивната голема конструктивност и волја, и нашата неконструктивност и непопустливост. Ова не соодветствува со реалноста. Воопшто не е лесна борбата со таквата перцепција. Меѓутоа никогаш државниот врв не бил пообединет во менување на вака создадената перцепција. Но ни треба и уделот на дипломатијата. Овој пропуст, оваа празнина, на македонската надворешна политика и дипломатија, мора да биде пополнета и коригирана со силен и агресивен ангажман на македонската дипломатија. Не сакам да гледам македонски амбасадори и дипломати во илегала, напротив, сакам да видам офанзивни, добро подготвени и информирани дипломати. Двата најважни приоритета за секоја држава, а особено за Република Македонија, се постоење на проактивна и кредибилна дипломатија. Македонските дипломати не наидуваат на отворени врати како дипломатите на големите држави. Ним, вратите сами им се отвораат. Ние треба да вложиме труд, знаење и дипломатски вештини како да ги отвориме. Илузија со која не можеме да се согласиме е очекувањето други да ја завршат работата што треба да ја сработи дипломатијата. Претставата за Република Македонија како мала земја која не треба да се меша во светската политика, во глобалните текови, мора да се исфрли, бидејќи Република Македонија има што да покаже.

Од кои причини верувате дека треба да се зголеми слободата на дејствување на македонските амбасадори?
- Глобалните текови го менуваат светот, со тоа се менуваат старите поимања и разбирања за дипломатијата. Европската јавност нема доволно информации за Република Македонија, за нашите интереси, ставови. А оној кој не зборува за себе, кој не ги промовира своите интереси, ставови и гледишта, се изложува на опасноста другите да зборуваат за него, најчесто во негово отсуство. Очекувам период во кој македонската дипломатија ќе го пополнува и освојува јавниот простор во другите држави. Мораме да направиме сè што е во наша моќ, не треба само да се жалиме и да плачеме, ни требале повеќе пари, повеќе луѓе итн. Тие поплаки не смеат да ни го земаат целото внимание и енергија, иако се залагам и веќе разговарав со премиерот дека треба да се води сметка за буџетот на МНР.
Како и во други области, така и во дипломатијата сме имале и имаме поединци за почит, прекрасни луѓе. Но сме имале и лажни авторитети и празни величини. Преплашени поединци кои не можеле јасно и гласно да го изговорат ни името на сопствената држава Македонија, според кажувањата на нивните странски колеги. Истите тие денес се многу гласни и, како што се вели, отпосле паметни.
Денес, дипломатијата треба да биде динамична, ангажирана, активна, а дипломатот треба перманентно да се образува и надградува.

ИМАМЕ КОНСЕНЗУС ЗА ИМЕТО

Очекувате ли дека власта и опозицијата конечно ќе постигнат консензус за прашањето за името и дали тоа би требало да се направи преку државна стратегија за името?
- Консензус за ова прашање постои. На сите политички фактори им се јасни минималните линии под кои каков било договор не е можен и под кои е неприфатлив договор, независно кој е на власт во Македонија, и тука нема што повеќе да се зборува. Тоа е консензусот. Добро е што имаме согласност на најважните фактори околу потребата евентуалниот договор да биде поткрепен со референдумско изјаснување на граѓаните, што е во насока на обезбедување легитимитет на оваа одлука. Имаме и изградена стратегиска рамка - потребата земјата на достоинствен начин да се интегрира во НАТО и во ЕУ. По мене, стратегијата е јасна, консензусот е јасен. Би било трагедија по 20 години независност да трагаме по стратегии и консензуси, кои одамна се изградени и актуелни.

   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ЗА ДЕБАТИТЕ, БЛАТОТО И ДОГМАТИТЕ
Читај
ГОЛОГАНОВ: НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ НЕМАМЕ ТОЛКУ МАКА ОД ТУРЦИТЕ, КОЛКУ ОД ГРЦИТЕ, БУГАРИТЕ И СРБИТЕ
Читај
ОТБЕЛЯЗАН ДЕНЯТ НА ГЕНОЦИДА НАД МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕНИЕ
Читај


Македонија пее

МИ ЗАПЛАКАЛО СЕЛОТО ВАТАША

Ми заплакало селото, селото Ваташа (2)
тринаесет роса младинци носат
в моклишко горе в долови.

Целото село станало, станало на нога (2)
дајте ги ваму нашите деца
еј вие клети крвници.

Џелати клети не слушат, не слушат народот (2)
митралез огин фрлија погин
во градите машки младински.

жален ми писок пронесе, пронесе, селото (2)
по тие рамни полиња родни,
ридишта голи тиквешки.

Тогај се народ, подигна, подигна иљадно (2)
и тргна смело затре семе
фашистичко клето за навек.


МНОГУ ЧЕДА ЕДНА МАЈКА

Многу чеда една мајка
а во душа пламен гори
баш во гарди оган гори
огнот знае што Ќе стори.

Глас ми свила
земја наша мила
немој да ме заборавите
мили чеда кај и да сте сега
една мисла Македонија.

Како огон што го гори
и во гради што го носи
има нешто Ќе го згаси
да ја сака да ја пази
мајка Македонија.

Глас ми свила
земја наша мила
немој да ме заборавите
мили чеда кај и да сте сега
една мисла Македонија.





ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting