Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Позиција

ЕМАНЦИПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА НЕ Е ЗАВРШЕНА

Проф. Стефан Влахов-Мицов


Доволно е човек да ги гледа изјавите и да ги чита колумните на поранешни министри и дипломати, на поранешни пратеници во македонското Собрание за да му стане јасно зошто две децении по објавувањето на независноста Македонија тапка в место. Независноста ниту е еднократен, ниту е формален акт. Тие луѓе на високи позиции логично ја резилат државата, затоа што не се еманципирани. Еманципираност значи прво да се победиш себеси, своето его, своите емоции, своите комплекси.

На второ место, да ги осознаеш својата етничка и национална припадност во длабочина и да ги сфатиш различното и специфичното кај твојот народ, во споредба со другите. И, на крајот, да водиш борба за рамноправен однос кон твојата држава на меѓународен план. Читајте ги колумните и споредувајте кој од денешните македонски политичари со претензии го надминал своето его, кој вистински ја осознал својата етничка припадност. Тогаш нема да се чудите на глупостите кои секојдневно ги сретнуваме и за спорот со Грција и во врска со македонската надворешно-политичка ориентација. Тие глупости се дело на искомплексирани луѓе, а комплексираниот човек зборува и дејствува нихилистички. Пример за искомплексираност е кога ги прифаќаш ЕУ, Баросо, Филе и компанија како богови и подготвен си се да им угодиш. Или, пак, повикуваш на капитулација пред грчките претензии. Друг пример за комплексност е противењето на европските бирократи пред домашната публика и ропски однос кон нив при директни средби. Трет пример за искомплексираност е свесното противење, без да се бараат практични алтернативи, односно празни зборови без да има дејствие.

Никола Груевски денес има единствена шанса за избор. Има и многубројни примери пред себе. Неговата иднина може да биде како на Милошевиќ, какви што прогнози даваат и по којзнае кој пат во исто време го критикуваат неговите душегрижници. Но, може и да владее уште долго време и да остави добар спомен, како Тито, на пример. Зарем на времето некој помислуваше дека ќе се изгради федеративна држава од народи кои не можеа да се гледаат меѓу себе? Но, ете, Југославија постоеше 45 години и стана лидер меѓу 102 држави во Движењето на неврзаните. Читајте ги тогашните анализи, критиките против Тито, и ќе видите колку малку "фактори" прогнозираа дека Југославија ќе успее. Повеќето од нив (впрочем, како и денес) беа дека државата нема шанса, зашто е опкружена со непријателски соседи. Ајде да се вратиме далеку во минатото. Пред Филип Втори, античка Македонија била разединета и слаба држава, а дел од нејзината територија ја владееле тогашните нејзини соседи. Но, само за неколку десетлетија таа стана регионална, а потоа и светска сила. Некој ќе рече: не може да се прават споредби со времето на Филип Втори и со Александар Македонски или, пак, со времето на Тито. Ами, колку историчари во антиката мислеле дека некој си Филип Втори може да направи нешто? Уште повеќе, што против него и против син му имало голема и внатрешна и странска спротивставеност. Исто како против Тито или денес против Груевски. Јас не тврдам дека македонскиот премиер е Александар Велики или Тито, туку се спротивставувам на глупостите дека денес е друго време. И дека тоа што се случувало во времето на Филип и на Александар или во времето на Тито сега е невозможно. Вистината е дека секое време бара големи фигури, личности. Нивниот недостиг или кусогледоста за предвреме да ги видат служи за оправдување дека времето е друго. Се разбира, ниту Филип Втори, ниту Александар, ниту пак Тито ќе успееја доколку наместо поддршка станеа објект на сеирџиска пасивност. И Господ да дојде во Македонија, не може да направи многу, доколку нема помош од самите Македонци.

Тука доаѓаме до прашањето за македонската еманципација, која може да служи како аргумент дека времето е циклично. Или, пак, како доказ дека постои преродба. Тоа е во кругот на шегата, но тажен е фактот што во продолжение на дваесет и неколку века македонската еманципација остана незавршена. И се врти во круг, слично на душите кои, според источните мудреци тогаш се преродиле, додека не ги отстранат своите недостатоци. Во таа смисла, од самиот почеток Македонците се на поправен испит. Македонската еманципација на Балканот минува низ сите возможни линии: етничка, политичка, јазична. Во античко време целта е да се разграничат Македонците од грчкиот свет. Според Александар Македонски, таа еманципација е најефективна, ако ја надрасне етничката спротивставеност и се појави на светско рамниште. Најтрајниот и највпечатлив македонски белег не се разликите меѓу грчкиот и македонскиот јазик, ниту специфичностите на македонската култура. Туку македонскиот космополитизам, кој ги прави бесмислени сите спорови за тоа дали античките Македонци се Грци. Зашто не материјалните моќи, туку духот најјасно и категорично ги покажува разликите меѓу етносите. Политичката еманципација е водечка тенденција кај Македонците и во текот на средновековието. Пример за тоа е државата на цар Самуил и на македонските независни кнежевства во 13 и во 14 век. Политичките лозунзи за "автономна Македонија" и за "независна Македонија" ги издигаат Македонците и во поново време. Најсветол пример за јазична еманципација е словенската писменост, создадена врз основите на македонското солунско наречје. Проблемот е што спомнатите насоки на еманципација - етничка, политичка, јазично-културна не се реализираат истовремено. Тоа им дава можност на соседите на Македонија да ги искористат македонските оружја против самите Македонци. Грците, на пример, ги присвојуваат Филип Втори, Александар и македонската култура, што ги третираат како дел од грчката историја. Тие сакаат да го украдат и македонскиот космополитизам, иако тој им е целосно туѓ. Своевремено, средновековната бугарска држава не само што завојува територии со македонско население, туку за своја ја зема и словенската азбука. Бугарите не се Словени, но наместо да пишуваат, како дотогаш, со "црти и знаци", усвојуваат туѓа писменост. Пред тоа, пак, во својата официјална кореспонденција, бугарските владетели ја користеле грчката азбука. Поинаку кажано, кога им е корисно, македонските соседи се маскираат ту како "Македонци", ту како "Словени" за да ја поништат македонската еманципација. Таа тенденција продолжува и денес. Дваесет години бугарските печатени медиуми користат повеќе македонски зборови за да ја докажат блискоста на македонскиот јазик со бугарскиот.

Очигледен е стремежот на душегрижниците на Македонија да ја спречат нејзината еманципација, кога тоа е невозможно, да ја ограничат до политичка еманципација, односно до независна Македонија, но без македонски етнос и македонски јазик. Борбата за еманципација на македонскиот јазик од бугарскиот и за востановување на Охридската архиепископија кон средината на 19 век, не е придружена од стремежот за политичко осамостојување. Резултат на борбата за автономна Македонија, што ја произведува ВМРО, не е етнички (во почетокот) и јазично аргументирана. Дури Крсте Мисирков првпат целосно го мотивира неопходноста од апсолутна еманципација на Македонците, односно дотогаш постојниот македонски етнос со својата култура, традиции и јазик да биде аргумент за создавање македонска држава. Делото на Мисирков одамна е познато во Македонија. Тој беше прогласен за најголем Македонец во 20 век. Една од причините за незавршената македонска еманципација до денешни дни, се должи на минати и на денешни македонски политичари. Зашто не е доволно да го знаеш делото на Мисирков и на останатите преродбеници. Треба да го почитуваш и во своите активности да се раководиш од неговите пораки, и творечки да ги развиваш и усовршуваш. Во почетокот на април годинава, во МАНУ беа промовирани првите три тома од "Печатеното наследство на Крсте Мисирков", во впечатлива академска организација, но исто толку впечатливо беше отсуството на политичарите. Во истиот ден и во исто време тие беа на друго место. За тоа ќе зборувам друг пат, но тој факт покажува каде е слабото место на македонската еманципација. Ерменците исто така долго време немаа држава, но тоа денес не им пречи да имаат јасно национално сознание. Или, да ги земиме за пример Словаците. Во целата своја историја до 1938 година тие никогаш немале своја држава. Во седмиот век се дел од државата на Само, која освен нив вклучува Чеси, Лужички Срби, Словенци и Хрвати. Во осмиот век Словаците влегуваат во Великоморавската Држава, а од 10 век за период од илјада години - во унгарската држава. Во 1918 година се вклучени во Чехословачката Република, а по Втората светска војна во состав на Чехословачка. И само во периодот од 1938-1944 г. и од 1993 г. наваму, постои самостојна словачка држава. Значи, во споредба со Македонците, Словаците имаат само 24-годишна држава. Но, според последното пребројување, во Словачка етничките Словаци се 85,8 проценти од населението. Тоа е доказ за нивниот висок национален дух и за еманципација од соседите. Независно што денешниот словачки главен град Братислава, на пример, долго време бил главен град на Унгарија. Со два збора, по петти јуни Македонија треба да ја заврши својата еманципација. Тоа значи нови лица и во структурите на власта, и во администрацијата, и во дипломатијата. Луѓе необременети од страв и од комплекси, луѓе кои знаат што да прават и можат соодветно да одговорат на предизвиците во политиката и во економијата. Во своите активности треба да се раководат од зборовите на Гоце Делчев: "Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Тој што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец". Истиот принципиелен однос треба да го имаат и македонските политичари и државници спрема ЕУ и нејзините лидери. Оние кои сакаат брзо членство во Унијата, без оглед на цената, не се заинтересирани за македонската нација и за нејзината иднина. Тие се раководат само од европските фондови, за кои мечтаат да ги крадат. Вистина е дека по примањето на Бугарија и на Романија во ЕУ, инвестициите во тие држави неколкукратно се зголемија. Но, тоа не го зголеми животниот стандард на населението. Напротив. Одете во Бугарија и ќе видите дека богатите станаа уште побогати, а сиромашните уште посиромашни, отколку што беа пред 2007 година. Просечната плата и животниот стандард на бугарските граѓани се пониски отколку во Македонија, а бројот на невработените статистиката го крие, и таа објавува фалшиви податоци. Да не мислите дека доколку Македонија стане членка на ЕУ, животот ќе биде подобар? Некои македонски политичари жалат не за "европската изолација" на Македонија, туку за нивната сопствена изолација од европските пари. Затоа сакаат да ја земат власта со надворешна поддршка, а потоа, да го истргуваат македонскиот идентитет и со добиените пари и странски пасоши, царски да живеат. А Македонците, без пари и со уништен идентитет од Европа, да се задоволат со отпадоците на "европското семејство".

   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ЗА ДЕБАТИТЕ, БЛАТОТО И ДОГМАТИТЕ
Читај
ГОЛОГАНОВ: НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ НЕМАМЕ ТОЛКУ МАКА ОД ТУРЦИТЕ, КОЛКУ ОД ГРЦИТЕ, БУГАРИТЕ И СРБИТЕ
Читај
ОТБЕЛЯЗАН ДЕНЯТ НА ГЕНОЦИДА НАД МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕНИЕ
Читај


Македонија пее

ВО ИЛЈАДА ДЕВЕТСТО И ТРЕТАТА ГОДИНА

Многу крвја многу солзи
земја натопија.
Многу лисја гора смени,
машка снага испи,
но по таја борба тешка
слобода ми блесна.

Во илјада деветсто и третата година
се создаде република,
прва на Балканот,
Македонска Република,
во славно Крушево.

Претседател први беше,
тој Никола Карев,
со македонски војводи,
сите илинденци,
Даме Груев, Питу Гули
и Јане Сандански.

За слобода загинаа,
славните војводи,
на македонците они,
завет оставија,
да се борат за слобода,
за Македонија.


БОЈОТ ЗАПОЧНАЛ ГОРЕ КРУШЕВО

Бојот започнал горе Крушево
горе Крушево, на Мечкин Камен.

Таму се бие тој славен јунак,
тој славен јунак, тој Питу Гули.

жените плачат децата пиштат,
а крв се лее, на Мечкин Камен.

Тој Питу Гули славен јунак беше,
славно загина за Македонија.




ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting