Изјава на унгарскиот претседател Пал Шмит

УНГАРИЈА ЌЕ ГО СТАВИ НА МАСА НАШИОТ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

(Преземено од МИМ)


Република Унгарија на следната седница на Советот на ЕУ ќе го стави на дневен ред добивањето датум за пристапни преговори на Македонија во Европската унија изјави унгарскиот претседател Пал Шмит по средбата со македонскиот колега Ѓорге Иванов, одржана вчера во Будимпешта. Тој целосно ја поддржа Македонија во спорот со Грција, наведувајќи дека не е фер една држава да биде отстранета од целиот процес само заради тоа прашање. Иванов по средбата изјави дека Македонија очекува датумот за преговори да го добие во следните три месеци до кога трае и претседавањето на Унгарија со ЕУ.

Претходно и премиерот Виктор Орбан вети дека Унгарија ќе направи с` што е во нејзина моќ за да се надмине состојбата статус кво во однос на евроинтеграцијата на Република Македонија и ова прашање ќе го држи на високо ниво во разговорите со своите европски партнери.

Иванов од унгарските власти побара фер третман кон земјава, посочувајќи го примерот на Словенија и Хрватска и го повтори ставот дека на Македонија треба да и се овозможи да ги почне преговорите со ЕУ.

Тој во попладневните часови имаше средба и со претседателот на Унгарија, Пал Шмит, а за синоќа беше закажан и состанок со македонските иселеници во Унгарија. Посетата се одржа со највисоки државни почести, а речиси целиот град е украсен со македонски државни знамиња.

Во интервју за тиражниот унгарски дневен весник „Маѓар хирлап“, под наслов „Од една силна Македонија сите би имале корист“, на прашањето дали смета дека проблемот со името е „гумена коска“ што политичарите ја прежвакуваат секогаш кога немаат попаметна работа, Иванов одговори:

- Разликите во однос на името е проблем креиран од некои грчки политичари во овие 20 години, кој им служеше на нивните дневно-политички потреби. За мојата земја и за граѓаните тоа е прашање на заштита на идентитетот, јазикот и на културата. Истовремено се работи и за правото на себеопределување и заштита на индивидуалните човекови права на нашите граѓани - потенцира тој.