Став на Улрике Марија Кноц

ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА НЕ ВЕРУВА ВО БРЗА ПРОМЕНА НА ПРАВИЛАТА НА ЕУ

(Преземено од МИМ)


Со Лисабонскиот договор остана принципот на едногласно одлучување во Советот на ЕУ за проширувањето на Унијата и не е реално да се очекува дека тоа ќе се промени во блиска иднина, оцени германската амбасадорка во Македонија Улрике Марија Кноц.

- Советот на ЕУ останува институција која одлучува за позициите на Унијата во надворешната политика и тие одлуки се носат со консензус, што значи и една земја може да блокира одлука. Лично, не верувам дека воведувањето на принципот на одлучување со мнозинство гласови во Советот на ЕУ е реална можност во блиска иднина. Тоа значи дека билатералните спорови ќе продолжат и во иднина да бидат пречка за проширувањето, рече Кноц на панел-дискусијата по повод објавувањето на зборникот "Европа по Лисабонскиот договор", што се одржа во Скопје.

Кноц смета дека став на ЕУ и на Германија е оти земјите од Западен Балкан треба да станат членки на Унијата штом ги исполнат критериумите за членство. За Германија, европската перспектива нема алтернатива за земјите од регионот, а Лисабонскиот договор во тој контекст е добра вест за Западен Балкан.

Со Лисабонскиот договор, појасни германската амбасадорка, се воведе одлучување со мнозинство како општо правило бидејќи консензусот како начин на донесување одлуки на Советот од 27 земји-членки, е по природа парализирачко. Но, сепак, области за кои останува правилото на едногласност, се надворешната политика и во тој контекст се и проширување и даночната политика на Унијата.

Според Кноц, за ЕУ денес клучна тема е како да се справи со финансиската криза и какви промени се потребни за соочување со проблемите коишто ги наметнува глобализацијата.