Промоција во МАНУ

ТРИ ТОМА СОБРАНИ ДЕЛА НА МИСИРКОВ

(Преземено од МИМ)


Во Македонската академија на науките и уметностите вчера беа промовирани трите тома собрани дела од Крсте Мисирков подготвени од академикот Блаже Ристовски. Во првиот том се опфатени сите дела на Мисирков напишани на македонски јазик, а во вториот и третиот том се неговите научни трудови, главно пишувани на руски и бугарски јазик.

"Мисирков велеше дека македонската култура, црква и јазик се супстрат на кој постои овој народ. Народите кои исчезнале, исчезнале затоа што немале свој јазик, немале темели. Опстојувањето на македонската нација е опстојување на македонскиот јазик. Мисирков не откри нас, како нација, како култура, како црква, а Блаже Ристовски го откри Мисирков токму како таков", истакна меѓудругото претседателот на МАНУ, Георги Старделов. Трите тома од собраните дела на Мисирков, според академик Ристовски, се прво претставување на делата на Мисирков што ни беа познати, а се испечатени на разни јазици од него. Најголемиот дел од тие дела досега не биле достапни на нашата јавност.

"Мисирков е нашиот лик во димензија на минатото. Тој е актуелен патоказ во битката за македонското прашање која се уште ја водиме. Мисирков, тоа сме ние. Ние, некогаш и сега", истакна академик Блаже Ристовски во своето авторско излагање. Ристовски најави дека се изработуваат уште три тома со дела од Мисирков, што како што рече, ќе го дооформуваат неговиот профил. Тие ќе ги содржат неговите дневници и студии за неговиот живот и дело. Издавач на трите тома е МАНУ, а проектот е започнат пред шест години.