Во американскиот Конгрес

МАКЕДОНИЈА ДОБИ СВОЈА ЛОБИ - ГРУПА

(По македонскиот печат)


Конгресна група за поддршка на Македонија и на македонските Американци ќе му се спротистави на моќното грчко лоби во редовите на американскиот Конгрес. Групата за поддршка на Македонија деновиве (15.04.2011г.) ја формира републиканката Кендис С. Милер од Мичиген, која е веќе докажан пријател на нашата земја. Ова е прва група за поддршка на Македонија во Конгресот, во која ќе членуваат и републиканци и демократи.

Засега не се соопштуваат имињата на членовите на групата, но нивната бројка ќе биде над десет и тие ќе бидат објавени за околу две недели, односно по завршувањето на процедурата на запишување од страна на партиските „стафери“.
- Македонија е вистински пријател на САД. Македонскиот народ даде голем придонес во светот со тоа што беше лидер во промоција на демократијата, слободата и на слободната мисла. Македонија е вистинска нова демократска земја и е во наш најдобар интерес да го одржуваме силното заедништво со оваа голема нација - изјавила конгресменката Милер по повод формирањето на групата.
Претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Колоски, вели дека формирањето на Групата за поддршка е „тестамент за тоа колку заедницата на македонските Американци напредна во последниот век“.
Целта на групата ќе биде да ги охрабрува и да ги унапредува односите на САД со Македонија и да посредува поширока и попродуктивна регионална соработка меѓу Македонија и нејзините соседи во Југоисточна Европа.
Во Конгресот функционираат повеќе од 200 групи (коукоси, според англиската терминологија) за различни области, а меѓу нив е и таа за ширење на идеите на хеленизмот. Досега во Конгресот поддржувачите на Грците спонзорираа неколку антимакедонски резолуции, во кои главен акцент беше ставен на тоа дека Македонците се со хеленско потекло, со други зборови грчко.

Иако таквите резолуции немаат обврзувачки карактер за надворешната политика, тие многу придонесуваат за креирање на политиките. Со групата за поддршка Македонија конечно добива свој силен претставник во Конгресот.