Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Позиција

ДОБРОСОСЕДСКО НАСИЛСТВО

Стефан Влахов-Мицов

Пред неколку месеци бев на гробот на познатиот фолклорен јунак Настрадин Хоџа. Се наоѓа во градот Акшехир во централна Анадолија. Населбата е полна со шеговити споменици на Настрадин Хоџа качен на магаре со лицето свртено кон опашката, како го поткиселува морето со лажица, како ја сече гранката на која седи и тн. Во центарот на Акшехир има нормални гробишта, а на централниот влез во нив е импозантниот гроб на јунакот. Со шеговита насмевка турскиот туристички водич соопшти дека официјални гробови на Настрадин Хоџа има уште во три држави.

Го кажа тоа со весела иронија, без грам шовинистичка ревност. По тој повод се присетив на страшната војна на бугарските медиуми поради фактот што пред неколку години во Прилеп беше поставен споменик на Итар Пејо соперник на Настрадин Хоџа во народните приказни. Македонците ни ги крадат хероите ечеше бугарската пропаганда. Во исто време бугарски литературни истражувачи тврдат дека друг литературен херој Бај Гањо имал не само бугарски, туку и општобалкански црти. Бидејќи според пропагандата Итар Пејо е позитивен јунак, а Бај Гањо негативен. Поинаку кажано, убавото е бугарско, а лошото на сите.

Комплексите на еден народ се обратнопропорционални на неговото духовно богатство. Колку си поситен, посмачкан, побезличен, толку злобата и мераците ти се поголеми. И појалови. Во првите години по паѓањето на Живков бугарското општество беше посамокритично кон се бе си. Тогаш беше издаден и зборникот: „Зошто сме такви". Тој вклучуваше текстови на автори од првата половина на 20тиот век, кои не само што отворено споделуваат мисли за бугарскиот историски безизлез туку и ги бараат причините за тоа. Според Стефан Гидиков, на пример, суштината на бугарскиот карактер се определува од половата срамежливост и затвореноста. Тоа го придонесувало да е духовно затворен. По свое, Најден Шејтанов обрнува внимание на фактот дека бугарската психа е со силен сексуален нагон до полов фетишизам. Само на прв поглед тие тврдења се спротивставени. Токму покажаната агресивност е сведоштво за деформации во интимната сфера и психа. Не случајно митот за бугарската полова моќ секогаш бил сврзуван за митовите за бугарско духовно и бугарско државно величење. Но, бидејќи во повеќето од последните 1. 300 години Бугарите немаат држава, импозантноста се префрла во насока на духовна и полова моќ. А, бидејќи во текот на векови и духовното величие станува илузорно, единствено митот за бугарскиот мачо останува да ја брани националната чест. Денес веќе е јасно дека и сексуалниот столб е лажен. На местото на пропаднатите митови за големодржавноста, големодуховноста и големата сексуалност извикна и се повеќе расте агресијата, неспособноста, омразата кон се.

Слични процеси, макар и од поспецифична природа протекуваат и во Грција. Затоа не е за чудење, дека Бугарите и Грците се натпреваруваат да внесат поправки во извештајот за Р. Македонија на славеничкиот европратеник Зоран Талер. Тој извештај ќе се усвојува на 26 јануари (после завршувањето на броиот) од комисијата за надворешни работи на ЕУ така што има уште време и други европратеници да ги разоткријат нивните комплекси и агресивност. Бугарските европратеници Димитар Стојанов, Станимир Илчев, Надежда Нејнска (Михајлова) на кои им се придружи и Гркот Никралос Салавракос, бараат признавање на бугарско малцинство во Македонија, а во исто време го отфрлаат постоењето на македонското малцинство во Бугарија. Тапоглавоста и цинизмот им пораснаа до барање кон Р. Македонија „ да се најдат заеднички" прифатливи решенија за отворените прашања со соседите". Само што „отворените прашања" не се дело на македонската држава туку на истите тие соседи. Прво, ако Грците и Бугарите немаа апетити кон Македонија таквите „прашања" немаше да ги има. Второ, Македонците не го оспоруваат грчкиот и бугарскиот идентитет туку споменатите држави македонскиот. Трето, според Грција и Бугарија за да се затворат тие „прашања" Македонците треба да се откажат од својот идентитет. Поинаку кажано, македонските соседи отворено го поставуваат прашањето за уништување на македонската нација и изјавуваат дека „заемно прифатливо решение" е таа да престане да постои. Значи и пред 21от век гревот на Македонците е ист како и пред 20тиот и 19тиот век тоа што сакаат да се раѓаат, да живеат и да умираат како Македонци, а не како Грци или Бугари. Поддршката за ЕУ за безумните претензии на македонските соседи значи дека и во 21от век во Европа, макар што официјално нема фашистички држави, владее фашистички дух и атмосфера. Германскиот фирер никогаш не тврдел дека уништувањето на етноси и народи е во интерес на самите нив како што денес изјавува грчкиот заменик министер за надворешни работи Друцас.

Во предлозите до извештајот на Талер бугарските европратеници Евгениј Кирилов, Димитар Стојанов, Андреј Ковачев настојуваат Бугарија и Македонија заеднички да ги прославуваат историските настани. Таа традиционална пренагленост зачудувачки била поддржана и од германецот Ханс Георг Петеринг. Кажувам зачудувачки бидејќи во Германија дури и одењето на гости кај најблиски роднини се случува само по задолжителна покана. За разлика од словенските народи во западниот свет дури и децата не ги посетуваат родителите без нивна претходна согласност. Она што дури е табу во личните односи Петеринг и неговата бугарска компанија сакаат да го наметнат на меѓународно рамниште. И да ја задолжат Р. Македонија да празнува заедно со нејзините окупатори. Тој обид за сквернавење е не помалку одвратен отколку барањето за доброволно самоликвидирање. Всушност двете настојувања се совпаѓаат бидејќи откажувањето од македонскиот идентитет врви преку откажувањето од сопственото име, јазик, култура, празници, литература. Веќе две децении божем демократска Бугарија се изживува со турското малцинство. Тодор Живков го правеше истото, но на крајот си ја скрши главата. Од 1990 г. Турците во Бугарија се принудени да го чествуваат националниот празник трети март, кога завршува Рускотурската војна од 1877/1878 г. ЕУ се прави наглува за таквото однесување макар што во последно време лесно се размрда во јазолот со бараното укинување на десеттеминутни (внимавајте добро десеттеминутни) вести на турски јазик на бугарската телевизија. Притоа, станува збор за малцинство кое што е близу еден милион луѓе, кое што има пратеници и во бугарскиот парламент и европратеници и кое што во последните 8 години учествуваше во управувањето на Бугарија. Секој нормален човек може да си замисли колку моќен е бугарскиот државен шовинизам и како се поигрува со помалите малцинства како македонското. Успешниот (досега) внатрешен бугарски експеримент за насилно принудување на турското малцинство да ги празнува поразите на Турција во војната со Русија официјална Бугарија сака да ги примени и спрема Р. Македонија. Со барањето за заеднички празници бугарскиот национализам се стреми да присвои чисто македонски, по содржина и дух, историски настани и да ги претстави пред светот како бугарски. Острата бугарска реакција по повод фолклорниот херој Итар Пејо покажува како комплексите се трансформираат во параноја.

Да, во македонската и бугарската историја има личности кои што може да бидат чествувани заедно. Таква личност е, на пример, Петар Драганов. Тој е бесарабски Бугарин со потекло од Котел и кој самиот изјавува „по јазикот и по племето и од таткова и од мајчина страна, како што сведочи нашиот семеен родослов, јас припаѓам кон најчистите Бугари од пазувите на Балканот".

Драганов го завршува образованието во Русија со бугарска стипендија, по што во 1886 г. Бугарската егзархија во Цариград го испраќа за учител во Солунската гимназија. На самото место тој се уверува дека Македонците се различни и според јазикот и според народните обичаи од Бугарите, издава Македонско словенски зборник со докази за тоа, а бугарската пропаганда сака да го линчува, затоа што научната вистина ја постави над политиката. Драганов станува основач на македонистиката во Русија и неговото научно дело може да биде чествувано заемно и од Руси и од Македонци и од Бугари. Само што на научниот симпозиум посветен на 150 години од неговото раѓање, пред две години, имаше учесници од сите словенски држави, плус западни македонисти, но не и претставници на официјална Бугарија. И дури и повеќе. Во Народната библиотека во Софија има картонче со името на Драганов, но на него наместо некој од 40тината негови трудови има забелешка за пренасочување кон критиката против него од Димитар Матов.

Друг пример за дводомен творец, кој може да биде чествуван заеднички од Македонци и Бугари е поетот Никола Вапцаров. Вапцаров во повеќето случаи пишува на бугарски јазик, но е со докажана македонска самосвест. Тој има исклучителен придонес за зацврстувањето на македонската литература и култура. Исто така изврши силно влијание во развојот на бугарската поезија. Идеалот на Вапцаров за хуманизам, толеранција и рамноправност и неговото генијално творештво го наметнаа како светски творец, чиј што дух лета слободно во времето и пространството. Стогодишнината од раѓањето на поетот беше идеална можност за заеднички прослави во Македонија и во Бугарија. Наместо тоа, од пред шест децении официјална Бугарија води глупава и недолична војна за Вапцаров, која што во практика е насочена против него. Војната е глупава, бидејќи Вапцаров на Македонците и на Бугарите гледа како на различни но не непријателски, еден на друг, народи. Таа војна е недолична бидејќи го понижува и го профанира неговото творештво. Идеите на Вапцаров не остануваат на нивото на национализам и егоцентризам туку имаат глобални морални и естетски пораки. Ете зошто универзитетот за аудиовизуелна уметност ЕСРА Париз Скопје Њујорк организираше свечена академија посветена на великанот на балканската и светската поезија под наслов: „Светскиот поет Вапцаров, феномен без граници", со учество на научници и творци од Р. Македонија и Бугарија. „Придонесот" на официјална Бугарија кон јубилејот на Вапцаров беше исфрлање од библиотечната информација на интернет сајтот на Британската библиотека, бидејќи во неа се посочувало дека е македонски поет. Во великобугарски дух беа организирани прослави за Вапцаров во цела Бугарија. Тој, што во 1942 г. го убија како Македонец и како непријател на државата денес го чествуваа како „голем Бугарин".

Слична камелеонштина и цинизам демонстрира официјална Бугарија и кога бара поставување на споменици, кои се симбол на бугарската окупација на Македонија. Зад поставувањето на војнички споменици од Првата светска војна се открија амбициите за подигање на т. н. Фердинандова чешма, на споменикот на бугарскиот полковник (посмртно) генерал Каварналиев и т. н. Како што тргнала Бугарија може да побара да се постават споменици и на бугарските окупатори во периодот 1941/1944 г. Впрочем, бугарски политичари и европратеници настојуваат од македонските учебници по историја да биде исфрлена карактеристиката за бугарската армија како окупаторска. Тоа значи да се фалсификува вистината, дека во периодот 1941 - 44 г. на територијата на денешна Р. Македонија има околу 45 илјади бугарски војници плус 4. 500 полицајци и агенти. Во неколку големи офанзиви против македонските партизани бројот на окупаторите достигнува 114. 000 луѓе. И според тогашната официјална терминологија бугарскиот корпус на територијата на Македонија е „окупаторски". Затоа пред да зборуваат глупости, денешните бугарски политичари нека ги прочитаат бугарските воени и полициски архиви. За да разберат дека на почетокот на бугарската окупација се создадени Горноџумајски национални клубови чија цел била ,да го развиваат бугарското национално сознание меѓу населението". За да се постигне „брзо присоединување на Македонија кон мајката родина и обединување со неа во секаков однос".

Ако Македонците беа Бугари за каков ѓавол е потребно да се развива бугарско сознание кај нив? И за какво „присоединување" станува збор откако апсолутно целата администрација во Македонија, заедно со учителите во 940те отворени училишта, е доведена од Бугарија. Вистината е дека против бугарските окупатори во Вардарска Македонија се бореле околу 85. 000 македонски партизани, а жртви на таа окупација се 25.000 Македонци. Само во една акција на бугарската војска во јуни 1943 г. се опожарени селата Шивец, Ресава и Ваташа и се стрелани 60 мирни селани. Во бројката од 25.000 убиени не се вклучени жртвите од Пиринска и Егејска Македонија. Не може од денешен датум да се оправда тоа варварство како дело на фашистички режим. Бидејќи тоа е резултат на завојувачката бугарска доктрина, која води почеток од 19тиот век. И од која ниту до денешен ден Бугарија не се откажала, ниту ја осудила. Вистинско пријателство меѓу Бугарија и Р. Македонија може да има единствено кога бугарската државна политика официјално ќе се откаже од санстефанскиот свој сон, кога ќе ја осуди доктрината „Бугарија на три мориња", кога ќе им се извини на Македонците за бугарската агресија против Македонија од средновековието до денес, кога ќе го признае македонското национално малцинство во Бугарија. Накусо, кога Бугарија ќе се пре...стори во нормална европска држава. Само тогаш односите ќе бидат чисти, а довербата заемна и целосна.

   НАРОДНА ВОЛЈА
“МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО НЯМА И НЕ МОЖЕ ДА ИМА“. ДОКОГА?!
Читај
„...НЕ МОЖЕХ ДА СИ ОБЯСНЯ ОМРАЗАТА ИМ КЪМ МЕН ЗАРАДИ ТОВА, ЧЕ СЪМ МАКЕДОНЕЦ“
Читај
ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е МАКЕДОНЕЦ И ЗА ТОА НЕМА ПАЗАРЕЊЕ
Читај
САМО ЕДНА Е ВО СВЕТОТ НА НАРОДИТЕ И ДРЖАВИТЕ – НАШАТА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА!
Читај
МАКЕДОНЦИТЕ ПРАЗНУВАХА 116 ГОДИНИ ОТ ИЛИНДЕНСКАТА ЕПОПЕЯ
Читај


139 години от рождението на Гоце Делчев
ГОЦЕ

Символ на гордост и слава,
ореол божествен ни стана.
Недостижим и близък остава
и лек, и песен, и рана.

Ти, Гоце, во нас си в сърцето,
ти брат си и син си любими,
ти знаме ни стана, което
е огин в студените зими.

Со песните секой те знае,
на орото рамо до рамо
и сърцето чука, не трае
едно име носиме само:

МАКЕДОНЕЦ и нищо друго
никой не може да ни каже,
бугарин, србин и гърко
не може нас да излаже.

Запей песна, майко мила,
стара песна, македонска,
за воините на Самоила,
за земята ни исконска.

Дур до Кукуш да се чуе
в бащина му стара кука,
дедо зурла да надуе,
тапан до небо да чука!

Димитър Иванов

Македонија пее

ДА НИ Е ЖИВА ПЕСНАТА

Тагата се распослала
Легнала ми натежнала
И си ја барам песната
што ми е мелем за душата

Еј каков народ сме
Од бога создаден
Песна не весели
Со неа векува

Рефрен:

Да ни е жива песната
Песната еј македонска
Срцата што ги разпеа
Душите што ги огреа

Да ни е жива песната
И мојот народ намачен
Запеј му песно запеј му
Да не го видам разплачен

До кај што свети сонцето
До таму ни е народот
А ние што останавме
Песната им ја праќаме

Еј каков народ сме
Од бога создаден
Песната не лекува
О неа векува

Рефрен...




ОМО ’Илинден’ - ПИРИН

Macedonian Human Rights Movement International

European Free Alliance

TJ-Hosting
НачалнаЗа насАрхивЗа врзакаЛинкове
© 2007-2019 Народна Волја - Всички права запазени.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting