Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Пред важна европска одлука

БИТКАТА ЗА ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ ЗАПОЧНА

(Преземено од МИМ)

Битката за македонскиот датум за преговори почна зад затворена врата во Советот на Европската унија, а главната порака од првата расправа е дека Македонија е земја-кандидат од која досега се барало да исполни најмногу и дека ако пак се изневерат очекувањата, тоа ќе ја дестабилизира и неа и регионот.

Според она што се дознава од дипломатски извори, на расправата на Комитетот за Западен Балкан државите видливо се поделиле на два табора, едни кои инсистирале дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за евроинтеграцијата и други, кои сметале дека е најдобро прво да се најде решение за спорот околу името, а потоа да се утврди почетокот на преговорите.

На состанокот не ни имало обид да се формулира заклучокот кој треба да биде донесен на декемврискиот совет, бидејќи во Брисел се’ уште постои надеж дека е можно да се дојде до некаков пробив во преговорите меѓу Грција и Македонија. Генерално, препораката на Европската комисија за преговори со Македонија добила широка поддршка, но поделеноста дошла околу тоа дали треба да се чека или не разврска на спорот и колку долго треба да трае тоа.

„Препораката беше широко поддржана, но повеќе земји нагласија дека ова е добар момент да се реши спорот околу името на државата до декември“, тврди дипломат кој беше учесник во расправата. „Се’ уште има надеж дека одлуката ќе се постигне, па затоа рано беше да се зборува за заклучокот во декември“, брифираше друг дипломат, за кој оваа расправа беше премногу суптилна и непредвидлива за да навлегува во повеќе детали. На дилемите дали Македонија има доволно капацитет да ги води преговорите и колку нејзиниот судски систем заслужува преодна оцена, одговорот од Комисијата бил позитивен, со забелешка дека таа се’ уште е земја- кандидат за да се бара од неа чисто досие, па работата ќе ја заврши во текот на преговарањето со Унијата. Аргумент на ЕК бил дека ќе биде премногу опасно за државата ако нема договор околу спорот за името, а со тоа и согласност во Советот на ЕУ околу преговорите, бидејќи Албанците се закануваат со проблеми ако видат дека не е реална евроатлантската перспектива на земјата. Притоа, не изостанал и притисокот врз Грција кој, според овие дипломати, е исто толку голем колку и врз Македонија, на која и’ било посочено дека отишла предалеку со спорот и дека е време да даде нешто за да се тргне блокадата на земјата. Ставот на повеќе земји бил дека е опасно да не се дадат преговори на држава што исполнила услови, уште повеќе што ЕУ побарала многу повеќе од Македонија отколку за кои било други земји. Според дипломатите, грчкиот претставник на состанокот бил поконструктивен отколку досега, но тоа се сфаќа како промена на тактиката за да не навлечат негативна реакција од другите земји-членки, а да остават впечаток дека се страна која не ја кочи постапката. Затоа, пак, претставникот на Бугарија ги изнел сите обвинувања што ги слушаме изминатите недели од оваа држава, што покажува дека Софија ја презема „палката“, за Грција да не биде во прв план во нечистата игра кон Македонија.

Никој од присутните, притоа, не го споменал како опција решавањето на нашиот спор по моделот на Хрватска и Словенија, иако еден од нив оцени дека медијацијата што ја има Македонија е добра, но таа само ги олеснува преговорите, додека арбитражата завршува со решение на спорот, па не е лошо и тоа да се земе предвид. „Јасно беше дека сите земји би се согласиле на Македонија да и’ се даде условен датум за преговори ако нема решение, но на тоа нема да се согласи Грција“, смета евродипломатот, според кого, вообичаено е во вакви ситуации земјите-членки да се обидат да најдат вординг што ќе им одговара на сите. Засега очекувањата се дека Советот ќе го преземе заклучокот од Европската комисија дека Македонија ги исполнила условите, односно ќе ја потврди препораката и ќе го додаде заклучокот околу спорот за името. Дали ќе има нешто повеќе од таа општа констатација, во смисла на конкретен датум, ќе зависи од ситуацијата околу преговорите за името и, спротивно на очекувањата во Македонија, дека ќе се случи некаква драма на Советот, најверојатно непосакуваниот епилог ќе биде дека нема да има одлука за преговори, но ни вето, бидејќи одлучувањето во ЕУ е процес, а не свршен чин.

Ветото, всушност, Македонија го доби пред една и пол година на Министерскиот совет, кој за првпат го стави спорот околу името како неформален услов за Македонија, а ова сега е само спроведување на таа политика, па дали ќе добиеме преговори со услов да го решиме името во некој рок или услов да го решиме името, па потоа преговори, па и не е толку драматично различно. Вчерашната расправа покажа дека Грција не е осамена во Советот и дека успеала да си обезбеди поддршка од повеќе земји за ставот дека е најдобро спорот да се реши претходно, бидејќи без овој притисок сега околу датумот, нема да има друга шанса за тоа. Сепак, и по декември, ако нема решение, „моментумот“ како порака ќе остане во речникот на Брисел, каде што ако имаат искуство во нешто, тоа е проблемот да донесат едногласна одлука на краток рок.

Врати се на претходната страница   Врати се горе