Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Синодот на Македонската православна црква со додавка кон името

МПЦ - ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

(Преземено од МИМ)

На името Македонска православна црква да се додаде Охридска архиепископија, предложил Синодот на МПЦ на седницата на 8 октомври. Конечната одлука за тоа ќе биде донесена на Црковно-народниот собор што треба да се одржи во ноември 2009 г..
Целта на додавањето Охридска архиепископија на името на МПЦ, како што образложи митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, е усогласување на Уставот на Македонската црква со нејзината регистрација како правно лице и со законските прописи во Македонија.
- Впрочем во самиот Устав на нашата Црква во преамбулата веќе е посочено дека Охридската архиепископија всушност е исто што и МПЦ. Во овој случај бидејќи има тенденции како од јужниот, така од источниот и од северниот сосед да ја присвојуваат нашата Охридска архиепископија како да е нивна црква ние сакаме да кажеме дека тоа е исклучиво наш бренд на МПЦ, на Црквата во Македонија, на Црквата на македонскиот народ, вели г. Петар.
Тој смета дека тоа ќе овозможи подобра комуникација со Српската и со Грчката црква, зашто обично, како што вели, оние кои не сакаат да ве именуваат така како што сакате вие да се именувате, им е полесно да ве именуваат како што тие сакаат, но тоа е нивни проблем, не е наш.
Станува збор за црковно прашање, вели тој и додава дека и нашиот архиепископ во својата титула се именува со Охридски и македонски, што значи ако веќе и архиепископот ја носи таа титула нормално е и Црквата да ја носи истата титула.
Додавањето Охридска архиепископија на името на МПЦ беше на дневен ред и на минатогодишниот Црковно-народен собор во Калишта, но владиците без посебно образложение решија да не дискутираат за тоа.

Врати се на претходната страница   Врати се горе