Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Жива историја

СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈОТ

(Продолжува од минатиот број)

Неговата единица војувала и во Калуѓерица, на Трсјанската Планина и во Турија. Но, како што раскажува нашиот соговорник, на монархофашистите им дошла огромна помош, поради што партизаните се повлекле и ДАГ капитулирала. Во јуни 1949 година Мацков се повлекол од преспанскиот дел во Македонија.

ПОЛИТИКАТА НА ЗАХАРИЈАДИС БЕШЕ ПРЕДАВНИЧКА

Мислам дека политиката на Захаријадис беше предавничка. Не знам дали некој може да ме демантира. Како можеше Захаријадис слободно да се шета во Атина, а кога дојде на слободната територија на партизаните веднаш да им нареди фронтално да војуваат. Генерал Маркос му се спротивстави велејќи дека ние не сме подготвени така да војуваме, но веднаш потоа беше сменет. Всушност, Маркос беше во право кога на генералниот секретар на КПГ му велеше дека ние не сме вооружени за таков начин на војување, па затоа и ги губевме позициите, а фашистичката војска стануваше се посилна. Мислам дека токму поради политиката на Захаријадис се случи крахот на ДАГ, иако не верував дека ќе можевме уште многу да издржиме, сепак сигурно немаше толку брзо да пропаднеме”, посочува Мацков.
Ристо Малов ја живее деветтата деценија од својот живот. Тој бил и на Албанскиот фронт завреме на Грчко-италијанската војна, но и во Граѓанската војна. Роден е во село Сетина, Леринско, во далечната 1916 година.
Потсетувајќи се на минатите времиња, вели дека живеел скромен живот. Учел училиште на грчки јазик. Како дете, заедно со неговите другарчиња Македончиња, зборувале на македонски јазик. Дедо Ристо раскажува за случката кога некој офицер ги прашал каков е тој јазик на кој зборуваат, а кога децата му одговориле дека тоа е македонски, офицерот категорично им рекол: “Нема македонски јазик, тој е мешавина од бугарски, турски јазик”. Евоцирајќи спомени на војничките денови ја пееле песната која потекнува од 1821 година, а во која се зборувало за Македонија. За своето учество во Грчко-италијанската војна вели:
”На 28 октомври 1940 година на албанскиот фронт се судривме со Италијанците. Борбите се водеа во Курица, Елбасан... На албанскиот фронт загинаа осумина борци од нашето село. Всушност, од Сетина на албанскиот фронт имаше околу 50-60 луѓе. Кога завршија борбите на фронтот, од јуни 1941 година отидов во ЕЛАС. Во 1945 година во Варкиза имаше некој договор да го предадеме оружјето. Во 1946 година бев воен референт. Тогаш повторно почнавме да се организираме за Граѓанската војна”.
Во грчко-италијанската војна со него се борел и дедото на сегашниот македонски премиер Никола Груевски, Коле Груевски. Тој му бил роднина на нашиот соговорник Ристо Малов, кој во оваа прилика ни кажа и неколку збора за Коле Груевски.
”Коле и Павле Груевски беа двајца браќа. Тие ми беа роднини. Овие деца се прибраа кај нас. Постариот Павле подоцна замина за САД, а Коле остана во нашето семејство како наше дете. Со него седум години спиев во една постела. Беше добро дете, ме учеше да зборувам на грчки јазик. Заедно бевме и на Италијанскиот фронт. Тој таму загина”, посочува Малов.
Во селото Сетина грчката војска била до 1936 година, потоа повторно се вратила, а во 1945 година кога почнала Граѓанската војна се повлекла. Тогаш се формирала и ДАГ, која го продолжила дејството на ЕЛАС.
Во 1946 година Малов бил воен референт, а неговата задача се состоела во тоа да ги собира младите од селото и да ги подготвува за Граѓанската војна. Од Сетина ги носеле во Албанија каде се подготвувале за борба. Во куќата на Коле Груевски во Сетина, која тој му ја отстапил на неговиот чичко, бил и главниот штаб на партизаните.
”Во текот на целата војна најжестоките офанзиви се водеа на Грамос. Имаше борби на Вичо, Малимади, Костурско... Освен едно дете од мојот вод, кое беше рането, не дозволив да загине ниту еден од моите триесеттина борци, зашто знаев како да дејствуваме, бев добро војнички подготвен”, вели нашиот соговорник.
Кон крајот на војната Малов се разболел од жолтица. Бил пренесен во болница во Македонија.

СЕ БОРЕВМЕ ЗА ЈАЗИК,
ЗА ШКОЛО, ЗА ЦРКВА

”Прво дојдов во Прилеп, потоа во Козле, па на Матка... Се подготвувавме да се вратиме назад, но додека да се подготвиме, тоа го направи другата страна и ги ликвидираа нашите борци. Тогаш падна и Грамос”, вели Малов.
Во текот на војната грчките команданти, како што потенцира Ристо Малов, ништо не им ветувале во однос на нивните права.
”Тоа не е ваша работа, ќе видиме потоа”, ни велеа. Повеќето не знаеја зошто се бориме. Од борците во ДАГ повеќето беа Македонци, а Грците не беа ниту десет отсто. Јас знаев зошто ние Македонците се боревме, за јазик, за школо, за црква. Но, за тоа не можеше да се дискутира, зашто Грците не нарекуваа Бугари, “Славомакедонци”, а можеа и да не ликвидираат”.

Уште еден наш соговорник се сеќава на тоа време. Дедо Наце Мишоков, учесник во Граѓанската војна во Грција е роден во далечната 1927 година во селото Сетина, Леринско. И тој, како и многуте борци бил мобилизиран во револуционерното движење. Се борел за демократска Грција. Во разговорот тој се потсетува на борбите кои ги воделе со грчките монархофашисти во Леринско поле, но и во близина на албанската граница.

”Партизаните и фашистите се судрија во Леринско поле. Имавме успех во тие борби, а од Сетина заминавме на Вичо. Требаше да одиме на Грамос, зашто партизаните останаа без оружје и им беше потребна наша помош. Но, не успеавме да се качиме на Грамос, зашто во Сињачко се судривме со монархофашистите. Водевме борби и во Емборе, Каљарско, го нападнавме и градот Каљари. Коњаницата избега кон Кожув, а ние ги окупиравме врвовите. Грчките непријатели продолжија да не провоцираат, па се судривме и во Горници. Водевме борба гради в гради. Првата вечер извојувавме успех, а втората нивниот број се зголеми. Водачот на нашата бригада, Суло, се качи на тврдината да фрла бомби, но падна на нивната територија и всушност така и загина”, раскажува Мишоков.

По случувањата во Горници, партизаните се престроиле и заминале во Желево.

”Ги начекавме - додава нашиот соговорник - на спиење и ги соборивме. Ги протеравме непријателите. Тие се качија на Герман и оттаму не напаѓаа. Го окупиравме местото и чекавме да ни се приближат на десеттина метри. Тука повторно се судривме и извојувавме успех”.

МАКЕДОНЦИТЕ БИЛЕ НА ПРВАТА ФРОНТОВСКА ЛИНИЈА

Бригадата во која бил нашиот соговорник, кој всушност имал задача да поставува мини, го контролирала реонот од Смрдеж до Грамос. Дедо Наце учествувал и во битката за Воден. А бил и во битките кај Форцата - Костенец, Костурско.

”Од Грција не донесоа во Југославија, односно во Македонија. Не сместија на Матка каде не подготвуваа за повторно враќање во Егејска Македонија за да се бориме против фашистите. Тоа се случуваше при крајот на војната во 1949 година. На крај ги расформираа бригадите и не распоредија во близина на скопско Ергеле. Таму се оженив и формирав свое семејство. Сега имам боречка пензија и како сите македонски граѓани ги уживам сите права”, вели Мишоков и дополнува: “Македонските партизани влегоа во војната, бидејќи се надеваа дека македонскиот народ ќе ги добие своите права. Тие секогаш беа на првата фронтовска линија, а грчката политика беше што повеќе македонски народ да се протера од Грција”.

СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (7)
Го јадевме месото од закланите маски

Скопје 2 Јуни (МИМ)
До 1936 година во Грција се зборувало, се играло и се пеело на македонски јазик. Но, кога на власт дошла Метаксасовата диктатура почнал теророт врз оние кои зборувале македонски јазик. Под прозорците стоеле џандарите и наслушувале кој зборува на македонски, за што потоа им следувале казни. Миовски раскажува дека во селото имало касарна, бидејќи тоа се наоѓало во близина на границата. Во касарната ги носеле оние кои зборувале на својот мајчин македонски јазик и таму ги тепале


Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Ламбе Миовски, е роден во село Косинец, Костурско, каде ги минал детските денови и каде завршил основно училиште на грчки јазик. Тој вели дека до 1936 година во Грција се зборувало, се играло и се пеело на македонски јазик. Но, кога на власт дошла Метаксасовата диктатура почнал теророт врз оние кои зборувале македонски јазик. Под прозорците стоеле џандарите и наслушувале кој зборува на македонски, за што потоа им следувале казни. Дури било забрането и на добитокот да му се обраќаат на македонски јазик. Миовски раскажува дека во селото имало касарна, бидејќи тоа се наоѓало во близина на границата. Во касарната ги носеле оние кои зборувале на својот мајчин македонски јазик и таму ги тепале. Таква судбина доживеало и едно седумнаесетгодишно момче. Од тепањето му се влошило здравјето, поради што детето дома го чувале врзано. Подоцна било земено како војник, но од војната не се вратило.

ВО ДАГ ИМАШЕ И МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ БОРЦИ

Нашиот соговорник Миовски заминал во војната во 1947 година. “Ни рекоа дојде време да одиме во партизани и ние заминавме. Тогаш бевме млади, јас немав ниту 17 години. Заминавме со елан и иако се слушаше дека ќе се бориме за ослободување на Егејска Македонија, сепак бевме премлади за такви политички работи. Прво не однесоа на обука во Преспа, каде останавме околу дваесет дена, а потоа не испратија на Грамос. Јас бев распореден во 16. бригада. Извршував курирска задача. Одев од еден до друг баталјон, од еден до друг вод, од една до друга бригада и разнесував информации. Немав некоја непријатна случка со монархофашистите”, вели Миовски.

Во ДАГ имаше и македонски и грчки борци, а односите меѓу нив, како што вели Миовски, биле добри. Тој се потсетува на акциите со монархофашистите и ја раскажува борбата во градот Коница. Овој град бил опколен од непријателот и партизаните 11 дена биле во заседа. Авионите постојано ги бомбардирале, а кон нив пукале и со топови. На монархофашистите им дошле на помош борци од Јанина. Партизаните не успеале да ја исчистат Коница од непријателот и се повлекле на Војо Грамос, при што направиле неколку офанзиви во околните села. Раскажува и за тоа како паднале во непријателскиот обрач на планината Пиерија.

ЈАДЕВМЕ ЖИВИ КОМПИРИ

”Тргнавме од Грамос до Тесалија, Трикала и Олимп, за да ги чекаме борците од Румели, кои требаше да ни дојдат на помош. Ги пречекавме. Но, кога се враќавме назад монархофашистите не опколија од сите страни. Во непријателскиот обрач на планината Пиерија останавме 40 дена. Немавме храна. Го јадевме месото од закланите маски, по некој костен и компир. Кога имаше време компирите ги варевме, но почесто ги јадевме живи. Сепак, не се разболевме. По четириесетдневен обрач ние што бевме поздрави некако успеавме да се спасиме од заседата, а оние кои беа ранети во нозете, а ги имаше многу, и не можеа да одат, паднаа во монархофашистичката заседа. Всушност, од Вичо дојде да ни помогне една бригада и ние се префрливме на Грамос. Кај повеќето борци се појавија премрзнатити на телото, меѓу нив имаше многу жени. Донесоа други единици за да ја пополнат бригадата. Се ова се случуваше во 1948 година. Потоа почнаа големите офанзиви на Грамос, каде бев ранет од минофрлач и однесен во болница во Албанија”, вели Миовски.

Таму останал до 1949 година кога го префрлиле во болница во Унгарија. Неговиот животен пат продолжил во Романија каде биле татко му и мајка му. Всушност, татко му бил партизан Титовист. Се борел уште од 1944 година. Бил во Егејската бригада на Гоче, а во Егејска Македонија се вклучил уште во првите партизански групи. Во војната во Грција нашиот соговорник само еднаш се сретнал со татка си. Вториот пат средбата била во Романија. Мајка му била во Полска и ја извршувала задачата мајка на децата бегалци. Потекнувала од село Дмбени, а со сопругот, таткото на Ламбе, се сретнала во 1953 година и тоа во Романија, каде неговите брат и сестра ја доживеале судбината на децата бегалци.
Миовски во Романија останал 17 години, а во Скопје дошол во 1970 година.

ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА ВО 1936 Г. ВО БАНИЦА

Уште еден наш соговорник, Атанас Катиновски - Гоче, роден 1925 година во село Баница, се сеќава на тие времиња. Поради употребата на мајчиниот јазик и тој се соочувал со притисоци од грчките власти. Овој борец раскажува дека за време на режимот на Метаксас, во селото Баница формирале здружение со цел да му се спротивстават на Метаксасовиот режим. “На 25 март 1936 година, кога се прославуваше националниот празник на Грција, учителите не построија на парадата, која беше организирана за таа цел. На чело на парадата беше претседателот на нашето здружение. Тој ја крена тупаницата и извика: Да живее Македонија! Во еден глас сите ученици го повторија истото. Тогаш се активира полицијата и брутално не растури. Се разбегавме кој каде стигна. Потоа поединечно не повикуваа во полиција, каде бевме малтретирани и обвинети дека ние сме ги организирале провокациите”, раскажува Гоче.

СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (8)
Не сум Бугарка, ниту Гркинка, јас сум Македонка

Скопје 3 Јуни (МИМ)
Во 1946 година бев уапсена како и другите членови на организацијата НОФ и АФЖ, бидејќи бевме предадени од шпиони, гркомани. Во полициската станица во селото не мачеа. Не префрлија во полиција во Соровичево. Таму уште повеќе не мачеа. Не можејќи да ги издржат тешките измачувања некои им подлегнуваа на маките и умираа. Не однесоа во Лерин и не изведоа пред Воен суд. Бев осудена на една година затвор. Другите на повеќе, а многу Македонци беа осудени на долгогодишен или на доживотен затвор, но и на смрт. Во затворот видов ужасни работи, кои ми останаа во трајно сеќавање

Корнелија Мракова Пејовска е родена во 1928 година во село Пателе, Леринско. “Дома - вели Пејовска - зборувавме на македонски јазик, зашто бевме Македонци. Грчкиот јазик го научив кога почнав да одам во грчко учи лиште. Баба ми и мајка ми не знаеја грчки. Само татко ми знаеше, бидејќи имаше завршено основно грчко училиште, а знаеше и бугарски јазик, зашто одел и во бугарско училиште. Надвор беше забрането да се зборува на македонски јазик. Но, и покрај забраната, луѓето зборуваа на својот јазик”, вели Корнелија.

3.000 ЛИЦА ТРАНСПОРТИРАНИ НА ПУСТИТЕ ОСТРОВИ НА ЕГЕЈСКО МОРЕ

Во октомври 1940 година почнала Грчко-италијанската војна, наречена Албански фронт. Во неа учествувале многу Македонци. Многумина од нив загинале бидејќи Македонците биле на првата линија на фронот.
”На почетокот на 1941 година татко ми беше интерниран, заедно со многу други Македонци. Околу 3.000 лица беа собрани од леринските села и транспортирани на пустите острови на Егејското Море. Татко ми беше на островот Хиос. Во многу тешките услови многумина од нив се разболувале и умирале. Во април истата година Германците ја окупирале земјата. Кралот и Владата побегнале. Бевме под окупација на Германците. Како и во другите земји, така и тука почна да се развива народноослободително движење против фашизмот. И во нашето село се формираа антифашистички организации, ЕАМ и ЕПОН. Бев зачленета во младинската организација ЕПОН. Слободно зборувавме на македонски, формиравме наша власт, народни одбори, народни судови и имавме намера да отвориме училишта на македонски јазик. Но, во 1945 година се врати монархофашистичката влада и кралот и почнаа да вршат терор врз македонското население”.

ВО ЗАТВОРОТ ВИДОВ УЖАСНИ РАБОТИ

Еден летен ден во 1945 година, како што раскажува нашата соговорничка, во нивното село дошла многу војска од Соровичево и наредила сите селани, и младо и старо, да излезат сретсело. -Излеговме сите, на една страна беа мажите, а на друга жените. Прво почнаа да ги малтретираат мажите, читаа имиња од еден список, ги тепаа и ги затвораа во училиштето. Еден офицер со пендрек в раце поминуваше покрај собраните жени. Слушнав една гркоманка кога му рече на офицерот: Фатете ја таа со белата јака на фустанот, таа е бугарска даскалка. Се приближи до нас и погледот го впери во мене, ми нареди: “Ти, излези малку понапред”. Направив како што ми нареди. Налутено ме праша: “Што си ти? Бугарка ли си?” Не се исплашив, се држев храбро и му одговорив: “Не сум Бугарка, ниту Гркинка, јас сум Македонка”. Разлутен офицерот ми удри силна шлаканица, но не паднав, се задржав на нозе и продолжив да му одговарам: “Не сум Бугарка, ниту Гркинка, јас сум Македонка. Затоа што моите родители се Македонци, и дедо ми и баба ми се Македонци и од дедо прадедо сме Македонци. Тука Грци нема, Грци сте вие кои дојдовте сега да не апсите и да не тепате”. Тој уште повеќе се разлути и ми се развика: “Па, уште продолжуваш да зборуваш”. Се втурна да ме зграпчи за да ме тепа. Жените кои беа зад мене ме повлекоа назад и се исправија пред офицерот. Постарите жени не го знаеја грчкиот јазик. Една од нив ги крена рацете нагоре и му се развика на офицерот: “Зошто го мачиш чупето?”. Тој беше вчудоневиден од отпорот на жените. Другите жени ме истуркаа назад и ми велеа да бегам. Со трчање се сокрив во една стара куќа и така се спасив. Но, во 1946 година бев уапсена како и другите членови на организацијата НОФ и АФЖ, бидејќи бевме предадени од шпиони, гркомани. Во полициската станица во селото не мачеа. Не префрлија во полиција во Соровичево. Таму уште повеќе не мачеа. Не можејќи да ги издржат тешките измачувања некои им подлегнуваа на маките и умираа. Не однесоа во Лерин и не изведоа пред Воен суд. Бев осудена на една година затвор. Другите на повеќе, а многу Македонци беа осудени на долгогодишен или на доживотен затвор, но и на смрт. Во затворот видов ужасни работи, кои ми останаа во трајно сеќавање”, вели Пејовска.

ЈА УНИШТИВМЕ КАРАУЛАТА НА ВЛАДИНАТА ВОЈСКА

Дошол денот кога таа, заедно со група младинци од нејзиното село, заминала в планина. Ги воделе двајца партизани. Оделе цела ноќ. Преку планина Висима дошле до селото Сетина. Ги сместиле во една куќа за да се одморат и им дале да јадат. Група партизани им посакала добредојде.

”Нашата група, заедно со воденскиот одред во кој беше и Султана Танка Гинова, ја нападна караулата на владината војска, која се наоѓаше близу до Крушоради. Војниците беа изненадени од нашиот напад и почнаа да бегаат, без да дадат отпор. Им ја уништивме караулата. Акцијата беше успешна. Со овие одреди учествував во многу битки. Учествував и во акциите на одредот на Парпула, кој дејствуваше и на овој терен, напаѓавме полициски објекти и вршевме мобилизација на младинци”, посочува Пејовска.

Според кажувањата на Пејовска, крстосницата кај Воштарани било најопасно место за поминување, таму секогаш им биле поставувани заседи, но вешто ги избегнувале. Партизаните морале да контактираат со селата во окупираната територија. Не смееле да ја прекинат врската со народот, која им бил од голема корист. Народот во нив го гледал спасот. Селата Сетина, Попадија и Крушоради постојано биле напаѓани од владините војски и од бурандарите кои биле стационирани во Воштарани. Ги малтретирале селаните, ги ограбувале, ги апселе. Не можејќи да го издржат теророт жителите од овие села биле принудени да ги напуштат своите домови. Во 1948 година, преку северната граница преминале во Југославија, односно во Демократска Република Македонија, со надеж дека еден ден ќе се вратат во родните огништа.

СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (9)
Метаксас ја забрани употребата на македонскиот јазик

Скопје 4 Јуни (МИМ)
Грчката Влада во 1926 г. донела Закон за замена на македонски топоними на селата и на личните имиња на грчки јазик. Загоричани го добило името Василијада, а градот Костур, Касторија. Слично било и во времето на Метаксасовата диктатура, кога тој ја забранил употребата на македонскиот јазик
Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Георги Чулев, е роден во 1929 г. во с. Загоричани, Костурска околија.

Периодот меѓу двете светски војни за загоричани бил многу тежок. Грчката Влада во 1926 г. донела Закон за замена на македонски топоними на селата и на личните имиња на грчки јазик.

Загоричани го добило името Василијада, а градот Костур, Касторија. Слично било и во времето на Метаксасовата диктатура, која оставила трајни обележја врз тешкиот живот во Загоричани и во цела Егејска Македонија. На 4.8.1936 г. Јоанис Метаксас ја прогласил диктатурата, а по добивањето на власта ги сменил сите стари демократски кадри, офицери, полицајци. На нивно место поставил луѓе школувани во Германија. Со посебен декрет ги распуштил Парламентот и сите демократски прогресивни политички партии. На политичарите им забранил секаква активност во земјата. Особено драстична била наредбата издадена за Егејска Македонија, според која Метаксас ја забранил употребата на македонскиот јазик. Нашиот соговорник се потсетува на неколку настани кои оставиле трајни спомени во неговата свест.

ГЛОБА ОД 1000 ДРАХМИ ОТИ ЗБОРУВАЛ МАКЕДОНСКИ

”Покојниот дедо Коста К. Чулев отишол кај бакалницата на Коле Васев за да го праша како на грчки јазик се вели мијалник. Тој му одговорил нерохитис. Присутниот полицаец Хорофилакс, кој слушнал дека говори македонски, го глобил со 1.000 драхми. Вториот случај беше дома, во авлијата, кога дедо ми му рече на татко ми Васил да оди со кобилата и да им однесе леб на овчарите. Полицаецот кој случајно одел по патот слушнал дека се зборува на македонски јазик повторно го казни дедо ми со построга парична казна”, раскажува Чулев. Властите во селата организирале бесплатно учење грчки јазик. Оваа мерка не дала резултати, бидејќи старите луѓе тешко учеле. Младината во селото била организирана врз основа на националистички терк, сите биле принудени да купуваат сини униформи и да ги носат за време на државните празници.
Нашиот соговорник вели дека по ненадејниот напад на Италија во есента 1940 година во околината на Јанина, Грција биле принудени да прогласи војна против Италија, односно против нивните вооружени единици кои неочекувано зазеле грчка територија. Во костурскиот реон биле стационирани бројни единици на грчката армија, поради близината на фронталните линии.

ВИНСТОН ЧЕРЧИЛ НЕ ЈА ПРИФАТИ ОСТАВКАТА НА ГРЧКАТА ВЛАДА

Соговорникот раскажува за декемвриските настани од 1944-1945 г. Тоа биле слободарските декемвриски настани, во кои илјадници жители на Атина се собрале на плоштадот Синтагма (Уставен) со паролите: “Не сакаме нова окупација”, “ЕАМ се демократија, а не кралот”. Тоа го манифестирале повеќе од 300.000 жители близу зградата на Парламентот. Ненадејно полицијата употребила огнено оружје против демонстрантите и биле убиени триесеттина невини граѓани, а имало повеќе од стотина ранети. Народот, со помош на единиците на ЕЛАС, ги разоружале полицајците и го контролирале центарот на Атина. На четврти декември генералот Скомби го прогласил воениот закон т.е. воената диктатура, но истовремено избила владина криза и премиерот Папандреу и министрите од партијата на либералите, си дале оставка. Винстон Черчил не ја прифатил оставката на Владата и со противуставна телеграма му наредил на Папандреу да продолжи со извршувањето на владините дејности. Во неа се велело: треба да владеете со Атина, по можност без насилство или ако е потребно и со крвопролевање за уништување на одредите на ЕЛАС. По наведената наредба англиските тенкови интервенирале на повеќе места во Атина. Народот и борците на ЕЛАС им пружиле херојски отпор на новите окупатори, кој траел околу 33 дена.

ПРИКАЗНА ОД БИТКАТА ЗА ЛЕРИН

Од Граѓанската војна Чулев се потсетува на битката за Лерин.
”На почетокот на февруари 1949 г. началникот на желевската полиција, Омирос, од Леринско ни соопшти дека единиците на ДАГ ќе го нападнат Лерин. За таа цел требаше да се формира специјална група полицајци за ослободување на градот и да се извршат рации за апсење на предавниците и на фашистите. Бевме одредени околу триесетина полицајци и се приклучивме кон 107. и 114. бригада, кои имаа наредба да извршат напад од северната страна на градот. На овој планински дел градот беше бранет од бетонски направени бункери, а на североисток се протега Леринско поле. Единицата на овие бригади изврши напад од север, односно 1,5 километар јужно од селото Канвашница (Проти), со цел да се уништат бункерите. На околу 500 метри од целта бевме забележани од бранителите на градот, истовремено бевме изложени на интензивен митралески оган од тешко оружје, минофрлачки и топовски гранати. Војниците на една чета се приближиле до бункерите на кота од 1.033 метри надморска височина, но бидејќи теренот бил непогоден за напад, процениле дека не ќе можат да ги уништат бункерите и дека ќе се изложат на сигурна смрт. Сакајќи да дадат личен пример старешините на четата станале и викнале: “Напред, ура”. При нападот биле убиени од непријателските истрели, па со загубата на поголем дел од старешинскиот кадар, четата останала без команда. Во паника војската се повлекувале оставајќи голем број убиени и ранети војници. Непријателските сили употребиле различни видови минофрлачи и топовски гранати. Сликата беше ужасна. Нашата единица беше засолнета во еден трап и чекаше исход од акцијата. По оваа катастрофа и по паниката, нашата единица доби наредба да се врати назад до ридот пред селото Проти со цел да организираме заштитна одбрана на исток. Јас имав пушкомитралез од англиско производство на кој му монтиравме специјална отпорна цевка. Нашата задача беше по секоја цена да го браниме брдото од непријателските напади, за да им овозможиме безбедно спасување на ранетите борци. На одредената позиција стигнавме уште пред да зазори. По разденувањето непријателот почна со интензивни бомбардирања со топови и минофрлачи. По таа акција следеше првиот напад на непријателот и во тој напад беа убиени три наши полицајци. По одбиениот напад јас и една моја соборничка, се засолнавме во дупка, претпоставував дека повторно ќе се повтори бомбардирањето.
Еден пушкар на МАИ, кој беше многу добар стрелец, стрелаше целно кон нас и ни ја погоди лентата од митралезот, а јас се здобив со мала гребнатинка на челото. По прекинот на бомбардирањето настапи втора поинтензивна офанзива. Непријателот се доближи на околу 300 метри оддалеченост. Бев добар стрелец на таа оддалеченост, напаѓачите во паника се повлекуваа. Овој пат бомбардирањето се повтори и со ракетирање од авиони, а една граната падна во близина на нашата позиција, но за среќа не бевме погодени. Војниците на ДАГ панично се повлекуваа кон селото Буф и кон слободната територија”.

Врати се на претходната страница   Врати се горе