Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Анализа

БОЛНИ ПРОЕКТИ ОД НАСТИНАТ МИНИСТЕР

Бошко Нацевски

На читателите им се свежи импресиите од неодамнешните „истражувачки експедиции“ на Бугарската академија на науките, како и на некои софиски телевизиски екипи, кои фанатично го преоруваа Балканот барајќи остатоци од некогашните ханови или Бугари меѓу Македонците во Голо Брдо и Пустец во Албанија, како и меѓу Гораните во Косово. Ефектите од ова „научно“ сплеткарење со единствена цел да се идентификуваат евентуални фосили со генетскиот код БГ заличија на пренадуен балон од сапуница.
И во оваа пригода софиските мапи со кои беа вооружени бугарските сплеткари се покажаа како смешно дефектни, а кородираните компаси во нивните раце како вонвременски. Меѓутоа, некои персони од нашето источно соседство, од форматот на историчарот Божидар Димитров, донеодамнешен советник на претседателот Прванов, а со најновите владини промени промовиран во министер за Бугарите во дијаспората, и најпоразителната „истражувачка“ авантура, доколку е со великобугарски националистички предзнак, треба да се изведе. Уште повеќе, ако таа е од палетата на антимакедонизмот, кој, наспроти божемната бугарска „европска демократија“, се’ уште има доминантна позиција во високата наука и политика на официјална Софија.
Само што стивнаа бранувањата во јавноста со изнасилената комична епизода со новопечената „Бугарка“ од Гевгелија, господинот министер Димитров, сега веќе од позиции на владин човек, адреналинот на националистички ориентираниот естаблишмент поита да го подгрее со нов пакет-проекти. Со својот ексклузивен патент, за чија реализација на владино ниво е подготвена и добро индоктринирана екипа, Божидар Димитров, всушност, почна да ја исцртува новата етномапа на Бугарите. Според научната еквилибристика на овој научник, чии јавни настапи, наместо во научна светлина, најчесто го проектираат во улога на „дворски забавувач“, таа се протега од Русија, Украина и Молдавија, до Романија и Беломорска Тракија, цела Македонија, половина Србија и Косово, па се’ до албанското приморје. Во споменатата пригода тој испушти да ги спомне „Бугарите“ во Авганистан. Една од неговите теории, што за приврзаниците на објективната научна мисла претставува класичен волонтаризам, го промовира апсурдното тврдење за постоење население со древни бугарски корени во северните делови на Авганистан. Според оваа „научна“ лакрдија на Димитров, кога во победоносниот поход кон Исток војниците на Александар Македонски стигнале во Авганистан, почнале да се женат со тамошните Бугарки. Неизбежен резултатот од тој немилитантен дел од походот било создавањето голема бугарска етничка колонија, што се одржала до денешни дни.
Димитров, еден од најекспонираните актери моментно на софискиот политички театар, кој својот професионален и политички подем, главно, го гради на негаторските тези на антимакедонизам, развиен до болникави размери, смета дека сите овие нови милиони Бугари треба експресно и со поедноставена законска процедура да добијат бугарски пасоши и да станат државјани на Бугарија. Според новопроектираните етнички граници, нашиот источен сосед просторно станува најголемата држава во европското семејство. Со јазикот на господинот министер за Бугарите во дијаспората, би се рекло „балкански џин“, во чии постојни меѓународно признати граници живеат одвај околу осум милиони граѓани, од кои половината не се Бугари по род (еден милион се Роми, милион и 300 илјади имаат турска националност, повеќе од половина милион се Македонци, а бројни се и другите етникуми: Романци, Грци, Власи, Ерменци и Гагаузи).
За бугарскиот весник „24 часа“, овој потврден софиски експерт по национализам неодамна соопшти дека „ќе биде установено државјанство за сите Бугари од западните покраини - од Вардарска Македонија, Поморавјето (Србија) и Беломорска Тракија кои од 1941 до 1944 година биле дел од бугарската територија“. Всушност, Софија ќе им ја дадела шансата на овие нови милиони граѓани од деловите што ги доби Бугарија во Втората светска војна како награда за нејзиното сесрдно учество во фашистичкиот погром да си го вратат „насилно одземеното бугарско државјанство“. Пасоши со ознаката БГ по куса постапка ќе добијат и потомците на некогашните „Бугари“ од „ослободените“ делови во последната светска војна (читај: фашистичка окупација), на кои, според Димитров, новоустановените комунистички режими „без да ги прашуваат, им го одзеле бугарското државјанство“. Повеќето од нив (еден и пол милион), како што тврди тој, денес се наоѓале на територијата на Македонија и Србија. Среќата за експресно БГ-државјанство ќе ги огреала и странците кои завршиле студии во Бугарија со привилегиран статус поради „докажаното бугарско потекло“.
Како фил на овој памфлет, министерот Димитров им го сервира на софиските медиуми и тврдењето според кое денес „во Македонија е опасно да се изјасниш како Бугарин“. Секој оној што ќе декларирал таква национална припадност, тврди тој, завршува зад решетки од три до пет години.
Ваквите изјави, дури и кога се од Димитров, потврдено проблематичниот историчар, советникот по национализам и антимакедонизам во кабинетот на бугарскиот претседател, директор на Националниот музеј и од неодамна - министер во владата на Борисов, и покрај тоа што прозвучуваат крајно несериозно, дегутантно и лаицистички, сепак, претставуваат длабока повреда на националните чувства на милиони граѓани и засегаат во интегритетот и суверенитетот на многу држави, меѓу кои, со посебен акцент, и на македонската. Факт пред кој не смее до бесконечност да се затвораат очите и покрај тоа што, според многу елементи, станува збор за ветер мисли од настината глава.

Врати се на претходната страница   Врати се горе