Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Офанзива на Софија против Македонија во Брисел

МАСКАТА ВЕЌЕ ПАЃА

(Преземено од МИМ)

Бугарските европарламентарци на 8 октомври се обединија против Македонија, и сите до еден застанаа зад писмото на Евгени Кирилов до еврокомесарот Оли Рен, во кое нашата земја се обвинува за драстично кршење на човековите и граѓански права. Третирајќи го Рен како некој што паднал од Марс и како да нема канцеларија во Скопје, која му подготви над 50 страници извештај, тие го посочуваат случајот Спаска Митрова како повод за тврдењата, со додавка дека имало и многу други малтретирања на граѓани само затоа што зеле пасош од Бугарија.
Истиот тој Кирилов на почетокот на октомври во Комисијата на надворешни работи на ЕП тврдеше токму обратно, дека пасошите што ги продаваат на македонските граѓани не продуцираат политички проблеми во Македонија.
Она што е битно е дека писмото на 17-те бугарски европарламентарци има цел да го премисли Рен во намерата да и’ даде датум за преговори на Македонија, иако не е јасно дали го прават тоа за да и’ направат услуга на Атина, или имаат само бугарска мотивација. Да беше поинаку, писмото требаше да стигне на адреса на еврокомесарот за правда и внатрешни работи, Жак Баро, па тој да се позанимава малку со проблемите што ги имаат граѓаните во нашата држава, но и со фактот зошто Бугарија е толку потресена за државјанка од неколку месеци, а на крај на памет не и’ паѓа да ги спроведе одлуките на Стразбур за Македонците што живеат таму со векови. Во писмото европарламентарците тврдат дека Спаска Митрова била брутално уапсена и потоа малтретирана во полиција, само затоа што не му обезбедила доволно добри услови на бившиот сопруг (според нив кревет за преспивање) додека го гледал детето. Тие натаму тврдат дека Митрова била влечена за коса по скали кога била апсена, и дека во притворот била малтретирана исто така, додека детето и’ било одземено иако боледува од сериозна хронична болест. „Митрова доби бугарско државјанство оваа година. Тоа по се’ изгледа е основната причина за нечовечкото малтретирање, кое пак не е единствен случај туку еден од многуте примери за нарушување и малтретирање на правата на македонските граѓани со бугарско самоопределување“, стои во писмото.
Тие натаму тврдат дека случајот ги вознемирил бугарските граѓани, невладини организации и медиуми и дека освен петиции, тие покренале и акција да и’ се плати на Митрова паричната казна од 32.000 евра, која е диспропорционална со обвинението.
Откако го цитираат амбасадорот Ерван Фуере дека случајот треба меѓу себе да си го решат бугарските и македонските власти, Кирилов и другите парламентарци тврдат дека направиле се што било можно, но од македонска страна немале волја за тоа. Писмото очигледно го фати последниот рок пред Митрова да ја издржи казната, бидејќи од 8-ми европарламентарците не можат да плачат над нејзината „тешка дискриминација во Македонија“, затоа што таа беше ослободена. „Ве молиме господине комесар да се запознаете лично со случајот и да преземете мерки за заштита на човековите права и европските вредности во земјата која се подготвува да започне преговори за членство со ЕУ“, порачуваат европарламентарците.
Писмото доаѓа неколку недели по уверувањата на новиот бугарски премиер Бојко Борисов дека и мисли само добро на Македонија и дека нашата земја нема поголем пријател во евроинтеграцијата од Софија. Бугарските европарламентарци очигледно не ја сфатија пораката од вчерашната дебата во ЕП, кога за првпат на тапет се најде влада на земја членка на ЕУ за кршење на демократски слободи, што значи дека отсега па натаму нема гаранција за двојни стандарди, т.е дека кога си членка можеш да правиш што сакаш а стандарди треба да исполнат само тие што бараат прием. Повод беше гушењето на слободата на медиумите од страна на Силвио Берлускони во Италија, но се спомена и законот за јазиците во Словачка, и слободата на здружување во Унгарија, при што многу од парламентарците ја оспорија изјавата од ЕК дека ЕУ нема улога околу вакви прашања.

Врати се на претходната страница   Врати се горе