Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Посета на македонскиот претседател во Турција

ИВАНОВ И ЃУЛ ГИ ПОТВРДИЈА ТРАДИЦИОНАЛНО ДОБРИТЕ ОДНОСИ

(Преземено од МИМ)

Граѓаните на Македонија нема никогаш да ја заборават доследната и контруктивна поддршка, како и солидарноста на Република Турција уште од првите денови на независноста на Македонија. Принципиелната употреба на уставното име, поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет, отворената и силна поддршка за интеграција во НАТО, се работи кои можат да се добијат и да се очекуваат само од искрени пријатели, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов по средбата во Анкара со неговиот домаќин, турскиот претседател Абдула Ѓул.
Претседателот Иванов пред бројните медиумски екипи истакна дека првата негова официјална посета на Турција за него лично е исклучително значајна и претставува израз на силното пријателство меѓу двете земји и народи, но и потврда за подготвеноста преку заемен ангажман да се придонесе за натамошен успешен развој на меѓусебните односи и соработка.
- Сметам дека токму односите и соработката со Република Турција кои ги карактеризира дух на пријателство, меѓусебно разбирање, висок степен на заемна доверба и поддршка, за Република Македонија се прашања од највисок државен интерес, истакна Иванов. Тој додаде дека стратегијата на зајакнување на билатералните односи, потпишана пред неполна година, претставува потврда на таквиот квалитет на односите, но и израз на заемната подготвеност за јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете земји.
Претседателот Иванов ја искористи оваа прилика уште еднаш да изрази задоволство од реалната оценка и вреднувањето на напредокот на Република Македонија со неодамна објавениот Извештај на ЕК.
- Силната посветеност и постигнатите резултати очекуваме да бидат проследени и со соодветна одлука на Европскиот совет. Отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ ќе претставува јасен и позитивен сигнал, како за нашата држава, така и за регионот. Уверен сум дека Република Македонија има политички, административен и институционален капацитет да ги почне преговорите за членство во ЕУ, истакна Иванов.
- Турција ќе продолжи, како и досега, да ги брани интересите и позициите на Република Македонија во НАТО, заради стабилноста и безбедноста, како на Балканот, така и во Европа. А тоа е можно само откако целиот регион ќе биде обединет под заедничката закрила на Европската унија и НАТО, истакна од своја страна турскиот претседател Абдула Ѓул.
Шефот на турската држава го истакна значењето на билатералните односи, кои се на повеќе од задоволувачко ниво, но ја нагласи потребата од натамошно унапредување на економските и трговските односи, преку охрабрување на бизнисмените од Турција кои се заинтересирани за инвестирање во Македонија, како и зајакнување на силните врски во областа на културата и образоването.
Во рамките на официјалната посета на Република Турција, шефот на македонската држава положи венец во Мавзолејот на основоположникот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Притоа Иванов на Музејот во рамките на мавзолејот му подари камен од темелите на семејната куќа на Ататурк во дебарското село Коџаџик.
Претседателот Иванов се сретна со премиерот Реџеп Таип Ердоган. Главна тема на разговорите беа економските односи меѓу двете земји. По средбата во Владата, македонскиот претседател одржа предавање на ТОББ-ЕТУ универзитетот, на тема „Милет системот – заборавена историја или рецепт за иднината“, а му беше доделена и титулата Почесен доктор на науки.

Врати се на претходната страница   Врати се горе