Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Обраќање на претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов во фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин

САКАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО, НО ЗА КОМПРОМИС СЕ ПОТРЕБНИ ДВАЈЦА

(Преземено од МИМ)

Македонија сака да се најде решение за името, но не сака да разговара за националниот идентитет и јазик. За нас е неприфатливо и да се откажеме од 126 земји кои веќе ја признаа Република Македонија под уставното име, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во своето обраќање во фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин на 14 септември.
Македонија е единствената држава во светот на која и се постави услов за членство во ОН, во НАТО, а сега веројатно и за ЕУ, рече Иванов, одговорајќи на прашања на присутните за спорот за името и за македонската интеграција во НАТО и ЕУ.

- Со резолуцијата 817 на ОН во 1993 година се бара да разговараме со соседот околу разликите за нашето уставно име, и тоа го правиме веќе 16 години. Не треба да се разговара за основното право на самоидентификација и самоопределување. Ние сепак прифативме да разговараме, направивме отстапки, го сменивме Уставот и знамето, и повторно без резултат, нагласи шефот на македонската држава. Посочи и на потпишаната Привремена спогодба од 1995 со која Грција се обврза да не го блокира членството на Македонија во меѓународни организации, што не го испочитува во Букурешт лани кога стави вето на поканата за прием во НАТО.
Во Букурешт, рече Иванов, го прифативме предлогот на Нимиц „Република Македонија (Скопје)“ или да влеземе во НАТО со привременото име „Поранешна југословенска република Македонија“, но и тоа не беше доволно за Грција.

- Македонија е активна во преговорите што се водат со посредство на ОН, а и медијаторот Нимиц при последната посета на Скопје во јули кажа дека македонската страна сака компромис. Ние навистина сме подготвени да се најде решение што ќе биде компромис. Но, додаде Иванов, компромисот е како танго, потребни се двајца. Сега решавањето на проблемот повторно се одложува поради парламентараните избори во Грција во октомври и претседателските на пролет догодина.
На обраќањето на македонскиот претседател, реагираше амбасадорот на Грција во Берлин Тасос Криекукис, кој рече дека Атина се согласува името на северниот сосед да го содржи зборот Македонија, но со одредница што би ја разликувало од истоимената грчка провинција, и да е за севкупна употреба. Укажа дека поголемиот дел од областа Македонија и припаѓа на Грција и й забележа на македонската страна за именувањето објекти по Александар и Филип Македонски, за поставување нивни споменици и оти се повикува на античката историја и култура. Претседателот Иванов одговори дека Република Македонија не му забранува никому да се нарекува Македонија или Македонец. Негира дека Македонија ја краде културата и историјата, посочувајќи оти како членка на УНЕСКО е обврзана да се грижи и да го заштитува културно-историското наследство на својата територија. Праша зошто Грција не реагира исто и кај Бугарија за поставениот споменик на Филип Втори во Пловдив.
Имам предлог, додаде претседателот, да се прифати името „Македонија 39%“, бидејќи толкав дел од областа и припаѓа на Република Македонија, а 51 отсто на Грција. Но, вели, тие 39 проценти се 100 отсто Македонија, а грчките 51 се само пет проценти од Грција, па оттука се поставува прашањето кој има право да се нарекува Македонија.
Како апсурдна ја оцени привремената референца ПЈРМ. Истакна дека Македонија сака да ја препознаваат како европска, а не како бившојугословенска. Како би чувствувале, рече Иванов, Германија односно нејзиниот источен дел да го нарекуваат „поранешна советска колонија“ или Американците да ги именуваат како „поранешна британска колонија“.

- Не живееме во минатото туку во сегашноста, не сме бивши туку реални и сакаме да не третираат она што сме со гордост и право на самоопределување, рече македонскиот претседател. За интеграцијата во НАТО и во ЕУ, кажа дека се стратешки цели на кои Македонија е посветена. Смета дека интеграцијата во евроатлантските структури треба да е според заслугите и постигнувањата, и оти следниот логичен и природен чекор за Македонија е визната либерализација и почеток на преговорите со ЕУ.

- Сакаме искрено да бидеме дел од НАТО и ЕУ. Подготвени сме да направиме тешки одлуки ако е неопходно, но не по цена на нашето достоинство, нагласи претседателот Ѓорге Иванов.
Врати се на претходната страница   Врати се горе