Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Притисок врз Грција

ОН БАРААТ НАСТАВА НА МАКЕДОНСКИ ВО ГРЦИЈА

(Преземено од МИМ)

Комитетот за спречување на расната дискриминација при ОН бара од Грција да се осигура употребата на мајчиниот јазик на Македонците кои живеат таму. Комитетот расправаше за Грција на 10 и 11 август, а заклучоците беа усвоени на крајот од месецот. Разгледувајќи го извештајот за нашиот јужен сосед, во расправата станало збор и за положбата на официјално непризнатото македонско малцинство во Грција.

Известувачот за Грција, Хозе Линдгрен Алвес, побарал, покрај другото, да се осигура употребата на мајчиниот јазик на Македонците и се интересирал дали нивната партија можела да учествува на изборите во Грција, прашувајќи што би се променило во грчката култура ако се признае културата на словенските Македонци.

Одговорот од грчките претставници е дека не можеле да одговараат на хипотетички ситуации. Грчката делегација ги повтори добро познатите ставови на Атина дека „постоењето на македонското малцинство во Грција е целосно непоткрепено и дека тврдењата за неговото постоење можат да создадат тензии кај постојните идентитети во регионот, како и сериозна забуна околу името Македонија“.

„Препораките од мала група невладини организации за т.н. македонско малцинство во Грција не соодветствуваат со постојната реалност.. Фактот што мала група луѓе во северна Грција користат, покрај грчки јазик, и словенски идиоми не покажува постоење национално малцинство. Употребата на терминот ‘македонски’ за да се опише т.н. малцинство го узурпира името и националниот и културен идентитет на два и пол милиони Грци кои со векови се идентификуваат како Грци“, пренесуваме од излагањето на Телалијан пред експертите од ОН, објавено на Интернет. Непризнавањето на малобројните групи како национално малцинство не значи и дискриминаторски однос, смета Атина. Тоа што грчката држава не ги признавала не значело и дека не ги уживале своите права, е ставот на официјална Атина.

Во усвоените заклучоци, сепак, на крајот директно не се споменува македонското малцинство иако заклучоците и препораките индиректно се однесуваат и на него. Комитетот, во таа прилика, забележува дека сите северни соседни земји на Грција признаваат најмалку десетина малцинства и дека и Грција треба да го направи истото тоа, што е во согласност и со договорот од Лозана од 1923 година.

Во заклучоците и препораките е изразена загриженост поради ширењето расистички стереотипи и коментарите со омраза од некои организации и медиуми кон лицата што им припаѓаат на различните етнички или расни групи. Затоа, на Грција и’ се препорачува да преземе сериозни мерки за казнување на овие организации и медиуми, како и забранување на неонацистичките групи.

Од Атина се бара промовирање на толеранцијата кон припадниците на различните етнички групи, со развивање квалитетно образование за турското муслиманско малцинство, но и на другите „ранливи“ етнички групи на нивниот мајчин јазик, во што се подразбира и создавање предучилишни установи за прифаќање на децата на етничките заедници, овде се мисли и на македонското малцинство.
Врати се на претходната страница   Врати се горе