Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Стратешка спогодба меѓу „Народна волја“ и Македонска православна општина од Сиднеј

„НАРОДНА ВОЛЈА“ СО НОВ КОИЗДАВАЧ И ГЕНЕРАЛЕН ПОКРОВИТЕЛ


Од Март 2009, Македонската православна заедница (општина) од Сиднеj стана генерален покровител и коиздавач на единствениот македонски весник во државните граници на Бугарија, “Народна војла”. Постигната е долгорочна спогодба за заедничко издаваштво со постоечкиот издавач, ЕТ “Херонеја – 338”, од Благоевград, Пиринскиот дел на Македонија. Уште пред да се постигне долгорочната спогодба, Македонската православна заедница од Сиднеј веќе имаше финансирано 11 броеви на весникот, кој излегува месечно.

“Народна волја” за прв пат почна да се издава токму во Сиднеј, на 1-ви Октомври 1980 г., како дело на Македонски активисти од сите делови на Македонија: Крсто Енчев, Александар Христов, Георги Чочков, Ангеле Вретовски, Митре Мојсовски и други. Наредната година, издавачкото седиште е преселено во Лондон, со Александар Христов како главен уредник. Во 1992г., издавачкото седиште е преселено во Благоевград, Пиринскиот дел на Македонија, под уредништво на Георги Xристов (Јан Пирински). Од 2006 година весникот излегува и на интернет, со адреса www.narodnavolja.com

„Народна волја“ се посветува на обелоденување и надминување на неправдите против македонскиот народ во сите делови на Македонија и Бугарија, на заштита и афирмација на историското, културното, јазичното и националното наследство на домородниот македонски народ, како и на културно и интелектуално обединување на Македонците низ цела Бугарија и низ светот. Во тие заложби спаѓа и разобличување на систематската антимакедонска пропаганда во Бугарија, но весникот секогаш се залагал за меѓусебно почитување и вистинско пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

“Народна волја” често е цел на напади во бугарските медиуми и закани од страна на политичари и анонимци. Два пати е конфискуван од страна на властите. Сепак тој продолжува да излегува како печатно гласило со најмногу претплатници во Пиринскиот дел на Македонија. Наскоро ќе наполни триесет години од своето основање, што го прави еден од најстарите активни македонски весници воопшто.

Македонската православна заедница (општина) од Сиднеј е најстарата организација на македонците во австралиската федерална држава Нов Јужен Велс. Основана е во 1970г., а во 1971г. е инкорпорирана како посебно правно лице според австралиските закони за регистрирање на непрофитни и добротворни организации. Во 1971г. го основала првиот македонски православен храм во Нов Јужен Велс, “Св Кирил и Методи”, во централната сиднејска населба, Розбери. Во 1985г. го изградила својот втор храм, ‘Св Никола’, во населбата Кабрамата, заедно со салата Васил Втори Македонски. Нејзини ограноци се и Културно-уметничките друштва ‘Македонка’ и ‘Даме Груев’, како и Пензионерското друштво ‘Методија Андонов Ченто’.

Македонската православна заедница од Сиднеј независно и непокорно се залага за културна, национална, политичка и социјална слобода и правда за македонскиот народ во сите делови на Македонија и низ светот. Затоа и редовно е предмет на злонамерни пропаганди од страна на разни потиснувачи и злоупотребувачи на македонскиот народ, вклучувајќи ги грчкото лоби, грчката и српската црква во Австралија, поранешните југословенско-македонски властелини, како и дел од денешните државни и црковни властелини во Република Македонија.

По повод вклучувањето на спогодобата за долгорочно финансирање на “Народна волја”, Претседателот на Македонската православна заедница од Сиднеј, Игор Аврамовски Александров, изјави: “Со членови и активисти на ОМО Илинден – ПИРИН, вклучувајќи ги уредниците на “Народна волја”, за прв пат имав прилика лично да се запознам во 2006 г., кога ja правевме документарната емисија ‘Три Македонски Судбини: Егеј, Пирин и Мала Преспа’, по што воспоставивме редовна соработка. Тие се покажаа како луѓе кои со својот извонредно непокорен слободарски и правдољубив дух, и со чистата македонска национална свест, треба да служат како пример за македонците низ целиот свет, а особено во Република Македонија, каде и покрај формалната независност и слобода, сеуште се премногу присутни ропскиот менталитет, комплекси на национална инфериорност, криза на идентитетот, па и голо вазалство. Но пиринските борци за слобода и правда работат во крајно лоши економски, социјални, правосудски и политички услови. Затоа, влогот на нашата Заедница од 1,000 Евра (околу 1,720 австралиски долари) месечно за да се обезбеди опстанокот на единственото нивно печатно гласило е повеќе од оправдан. Се надевам дека во иднина ќе ни се придружат и други македонски организации, институции и поединци, за да можеме да им помогнеме многу повеќе.”

Главниот и одговорен уредник на “Народна волја”, Георги Христов, изјави:
“Пред својата 30-годишнина весникот „Народна волја“ завршува еден непредвиден циклус – започнат во 1980 г. во Сиднеј, Австралија, а продолжен во Пиринскиот дел на Македонија, со тоа што после скоро три децении борба се враќа под покровителство на Македонците во Сиднеј. Одлуката на Македонската православна општина од Сиднеј да го финансира единствениот македонски весник во Бугарија може само да й служи за чест. Постигнатaта спогодба со која тaa станува коиздавач на весникот ни овозможува поспокојно да гледаме кон иднината и подобро да ги искористиме нашите сили во борбата за нашите права во Бугарија и за вистината“.НВ и МПО Сиднеј
Врати се на претходната страница   Врати се горе