Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Аргументи за името Македонија и за идентитетот

ПРЕД ИСТОРИСКА ПРЕСВРТНИЦА

Никола Жежов

Република Македонија се наоѓа пред историска пресвртница. Од потезите што македонското државно раководство ќе ги преземе во поглед на спорот за името со нашиот јужен сосед, ќе зависи иднината на македонскиот национален идентитет. Во услови кога нашата држава се наоѓа под силен притисок на меѓународната заедница и на Грција за да прифати компромис за името, би сакал да истакнам неколку историски аргументи и мои лични ставови за кои сметам дека со нивно правилно презентирање ќе послужат како значајна потпора на нашите оправдани барања за одбрана на уставното име и на македонскиот национален идентитет.
Не потценувајќи ги историските факти од подалечните историски периоди, сметам дека вниманието треба да го задржиме на периодот на 20 век. Тука секако особено внимание треба да им се обрне на програмските документи на различните македонски организации во организираното Македонско револуционерно движење од крајот на 19 до средината на 20 век, како и на внатрешните настани и општествено-политички фактори во грчката држава кои ја демантираат сегашната грчка политика и историографија во поглед на Македонија и на македонското прашање. Уште во 1893 година, главната политичка цел на МРД била создавање автономна македонска држава за која освен името Македонија не се споменувало друго алтернативно решение. И во периодот по Балканските војни, 1912-1913 година, и по Првата светска војна, организациите во македонското револуционерно движење во своите програмски документи се залагале за создавање државно-правен субјект под името Македонија - без никакви придавки или додавки од географска провиниенција. Заедничкиот именител на сите овие организации, без разлика на нивната идеолошка определеност била борбата за создавање македонска држава во нејзините етногеографски граници т.е. на просторите на кои во доминантна бројка бил македонскиот народ.
Токму поради овој факт, во Балканските војни, 1912-1913 година, главната цел на некои балкански држави била да извршат етничко чистење на македонскиот народ на оние територии кои потпаднале под нивна власт. Еклатантен пример за тоа била Егејска Македонија која се нашла под грчка власт. Грчкиот геноцид врз Македонците во Егејска Македонија го забележала и Карнегиевата комисија, која во своите писмени извештаи по Балканските војни истакнала повеќе случаи за тоа (Кукуш, Серез, Драмско, Кавалско). Значаен документ што сведочи за обидите на Грција да изврши етничко чистење на Македонците во Егејска Македонија бил Нејскиот мировен договор во ноември 1919 година. Според дел од неговите одредби била донесена Конвенција за т.н. доброволна размена на население помеѓу Грција и Бугарија, со која неколку десетици илјади Македонци биле иселени од Егејска Македонија во Бугарија. Клаузулите на овој договор засекогаш им го одземале правото на приватна сопственост на пребегнатите Македонци врз нивната земја како и правото повторно да се вратат и да добијат државјанство во грчката држава.
Особено силен удар врз македонскиот етнички карактер на Егејска Македонија од страна на грчката држава бил нанесен со Лозанскиот мировен договор во 1923 година, склучен помеѓу Грција и Турција. Согласно одредбите на договорот во Егејска Македонија биле населени околу 600.000 колонисти од Мала Азија. Ако Егејска Македонија навистина имала грчки национален карактер, како што денес тврди грчката историографија, тогаш се поставува прашањето зошто колонизација во толкав обем и тоа претежно на население со неизградена грчка национална свест, нешто што преставувало преседан во тогашната меѓународна политика. Но, и покрај сите овие мерки на грчката власт, македонскиот национален карактер на Егејска Македонија под грчка власт бил потврден во годините што доаѓале и тоа токму од институции, личности и партии што биле составен дел на грчкото општество. Во 1925 година, под притисок на Друштвото на народите од страна на Министерство за образование во Грција бил изработен учебник за потребите на македонските деца во Егејска Македонија, наречен „Абецедар“. Учебникот бил напишан на битолско-лерински дијалект. Со тоа грчката држава и де факто и де јуре го признала постоењето на македонскиот народ на нејзината државна територија.
Втор случај на признавање на македонскиот национален идентитет и правото за употреба на името Македонија, како име на идната македонска држава, доаѓал од една грчка политичка партија - Комунистичката партија на Грција. КПГ, во сите свои програмски документи во периодот меѓу двете светски војни, не само што ја признавала македонската национална посебност, туку и правото на македонскиот народ за создавање независна македонска држава во нејзините етногеографски граници. Во печатените гласила на КПГ, не ретко излегувале и статии кои се осврнувале на етногенезата на македонскиот народ како и на историјатот на Македонското револуционерно движење и неговите борби за ослободување на Македонија. Оваа грчка политичка партија, која се наоѓала во опозиција, ја потпомагала и организациската мрежа на илегалната македонска организација ВМРО (об) во Егејска Македонија, која, исто така, се борела за интегрално решавање на македонското прашање. Кулминација на дејствувањето на КПГ во меѓувоениот период бил говорот на нејзиниот пратеник во грчкиот парламент, Склавенас, во 1936 година, кој од говорницата повикал на признавање на македонскиот национален идентитет и правото на Македонците за создавање независна македонска држава. Ваквиот став кон македонското прашање, со мали варијации, КПГ го задржала и во текот на Граѓанската војна во Грција, кога Македонците земале масовно учество на страната на ДАГ и КПГ како клучна политичка партија во антимонархистичкиот блок.

(Авторот е доцент на Институтот за историја, на Филозофскиот факултет, Скопје)

Врати се на претходната страница   Врати се горе