Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Жива историја

СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈОТ

(Преземено од МИМ)

ИМАВМЕ ШКОЛИ ПРИЗНАТИ СО УКАЗ

”Сега, кога е уништена спомен-плочата на гробницата во Лерин, уште полошо е - потенцира партизанката Фотева - чувството кога знаеш врз што газиш. Каде и да згазнев мислев дека газам врз труповите на моите другари. Тоа е многу страшно”.
Мизерно е и чувството да не те признава оној со кој заедно си се борел...
Ние сме Македонци. За време на нашата посета во Лерин имаше многу Македонци борци, кои денес живеат во Грција. Беа воодушевени од нас, многу плачеа, зашто беа меѓу свои. Филмот кој ни го прикажа КПГ, а зборува за Граѓанската војна, беше автентичен, ги имаше сите настани, но во него воопшто не се зборува за Македонци. Ја покажаа Мирка Гинова, рекоа дека е прва жена која е стрелана од монархофашистите, но не кажаа дека е Македонка. Се боревме заедно со припадниците на Комунистичката партија на Грција, а тие ни ветуваа дека доколку се ослободиме од фашизмот, Македонците ќе ги имаат сите права. Македонците масовно се приклучуваа кон КПГ, им се ветуваше дека заедно ќе ја ослободат Македонија. За време на ДАГ имавме школи признати со указ.
Имавме и наши, македонски весници. По 1982 година Владата на Папандреу поведе перфидна политика според која во Грција можат да се вратат само Грци по род. Во Скопје има многу наши другари команданти кои не сакаа да се запишат како Грци. Македонците секогаш се бореле за Грција, за да ја ослободат, па зошто сега Грците да се плашат од Македонците и зошто Македонците да немаат никакво право. Грците сакаат да ја присвојат Македонија”.

ЗАБРАНЕТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Фотева објаснува дека за време на генералот Венизелос, подоцна и на Метаксас, им бил забранет македонскиот јазик и сите топоними биле преименувани на грчки јазик. Грците, и тогаш и денес, ја застапуваат тезата дека во Грција треба да има еден народ, еден јазик.
”А на албанскиот фронт ги собраа сите за да се борат да ја ослободат Грција. Денес во сите држави постојат многу јазици, а грчката држава не признава човекови права. Во Грција има многу историчари кои ја пишуваат вистината за Граѓанската војна, но не се прифатени од грчката Влада. Грците сакаат и името да ни го земат. Ние во Македонија ги штитиме гробовите на француските, на германските, на бугарските војници од сите војни. А Грците не сакаат ниту да слушнат за македонски борци, камоли да ги штитат нивните гробови”, посочува Фотева.
Карактеристично е тоа што додека траеше посетата на Гробницата, постојано беше присутна и грчката полиција. Проструи информација дека таа е тука за да ги штити македонските гости во случај да дојде до судир меѓу националистите и комунистите. Веројатно тоа беше меч со две острици.
”Го знаев тоа и затоа реков: Знаеме дека тука има уште сили како Караџаферис, предводник на националистите, кому му помина времето”.
Евдокија Фотева-Вера е родена во село Дмбени, Костурско, во семејство со револуционерна традиција. Учесник е во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција. Во тоа време зазема значајни раководни места, НОФ, АФЖ, итн. По поразот на ДАГ во 1949 година, заедно со неколку врвни македонски раководители е “обвинета за поразот” и оттогаш почнува нејзината голгота, која завршува во 1956 година, кога всушност се враќа во Македонија. За нејзините заслуги во Антифашистичката и Граѓанската војна е одликувана со многубројни признанија.

КАЗНЕТ ОТИ НА ДОБИТОКОТ МУ ГОВОРЕЛ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

За време на Метаксасовата диктатура се одредувале парични казни за оние кои ќе проговореле на македонски јазик. Тоа се случувало и со семејството на Фана Митревска, некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција. Нејзиниот татко бил парично казнуван затоа што на својот добиток му се обраќал на македонски јазик! И во училиштето учителите ги карале ако проговореле на македонски јазик. Сепак, во домашни услови, скришум во нејзиното семејство се говорел мајчиниот јазик.
Митревска е родена во село Граждано, Леринско, Егејска Македонија, во 1922 година. Како и повеќето наши соговорници, така и таа основното училиште го завршила во родното село, на грчки јазик.
Митревска како младинка го помагала ЕЛАС, им носела храна и оружје. За време на Граѓанската војна во Грција, во нејзиното село постоел народен одбор, а во 1947 година најпрво ги мобилизирале мажите. Во тој период жените им помагале, но се враќале дома кај децата. Нивниот ангажман станал поактивен на почетокот на 1948 година кога и тие биле мобилизирани.
”Не однесоа на обука во околината на Преспа. Таму бевме шест месеци, а првата борба ни беше во Лерин, во 1948 година. Еден шрапнел одмина и ме погоди во пределот на бубрезите. Со помош на еден поручник бев однесена во Ерменско. Во тамошното училиште имаше импровизирана болница. Таму ми ја преврзаа раната, но пред да интервенираат посеопфатно, болницата беше нападната. Јас и поручникот успеавме да се извлечеме и да дојдеме до Псодари. Во ова село имаше камиони кои пренесуваа песок, се качивме на нив и заминавме во селото Лак. Потоа со кајче ме префрлија во главната болница во Пешта - Граждано”, се потсетува Фана.

СИ ГИ ПРОНАШЛА ДЕЦАТА ВО ЧЕШКА

Таа раскажува и за тоа како страдала поради тоа што не знаела каде се нејзините деца. Всушност, и нејзините деца ја доживеале судбината на децата-бегалци. Животниот пат на Фана продолжил во Церје - Албанија, каде била мажена нејзината сестра, а потоа во Корча каде останала до 1949 година.
- Бев многу болна, ниту јадев, ниту пиев, само плачев. Иако доаѓаа бродови кои ги носеа војниците во Русија, ние кои бевме болни останавме. Ми велеа дека ќе умрам по патот ако тргнам со нив. Дојде еден доктор, Русин од Југославија, ме однесе на рендген и ми рече: “Ти имаш здрав организам затоа и си издржала досега, но ако продолжиш вака ниту Господ не те спасува, децата ќе ги најдеш, а ти прибери се”. Го послушав неговиот совет и почнав да заздравувам. Откако се расипаа односите меѓу Сталин и Тито ние останавме ниту горе ниту долу. Дојдоа руски авиони и преку Белград не однесоа во Унгарија”.
Митревска таму дознала дека нејзините деца се наоѓаат во Детски дом во Чешка. Со помош на Меѓународниот црвен крст заминала во таа земја, каде се сретнала со своите деца, со свекрвата, мајката на нејзиниот прв сопруг, кој починал во војната, и со нејзината сестра, која имала улога на “мајка” во домот.

И ВО ТЕКОТ НА ВОЈНАТА НЕ НАРЕКУВАА СЛАВОМАКЕДОНЦИ

Уште еден борец во Граѓанската војна, Стојан Трпчевски, се присетува на тие денови.
- Се боревме за татковината, тоа беше наш идеал. Во 1946 година се групираа единиците, во 1947 година се формира ДАГ, а кон крајот на истата година ДАГ доби привремена Влада. И ние имавме македонски организации како, на пример, НОФ. Направивме договор меѓу македонското НОФ и грчкото КПГ. Договорот беше дека кога ќе ја ослободиме Грција ќе добиеме автономија, јазик, школи. Со тие идеи одевме напред, не гледавме дали ќе загинеме. Но, што се случи, потоа... Паднавме на испит. И во текот на војната, во КПГ не нарекуваа Славомакедонци, на што им се спротивставувавме, а и не бевме многу сигурни дали доколку успееше Граѓанската војна, КПГ ќе ни го дадеше тоа што ни го вети”, вели Трпчевски и дополнува: “Во текот на војната имаше многу предавници од редовите на ДАГ. Затоа ја одложија битката на Лерин. Нашите борци се предаваа само за да бидат со своите фамилии, а имаше и други паравоени формации. КПГ наоѓаше триста начини да не убедува како да останеме таму. Сепак, погледнато од денешен аспект, произглегува заклучокот дека некој ја смисли оваа војна за да се исчистат Македонците од Грција.

МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА КАКО ЈАНИЧАРИ

Евакуацијата на децата беше по наредба на КПГ. И денес КПГ не не признаваат како Македонци. Страшна беше глетката кога во април-мај 1948 година ги собираа децата. Македонците наседнаа. Веројатно тоа беше намерна чистка, а пред да се евакуираат децата, грчката кралица Фредерика имаше дадено наредба сите деца од тие села да се соберат и да се однесат во Атина за да ги направи јаничари. По војната, до 1950 година, таму останаа некои борци на ДАГ, а тоа беа оние кои беа затворани во концентрациони логори.
Трпчевски открива интересни моменти и за битката за Лерин.
”Помина 1948 година и дознавме дека Захаријадис рекол оти ќе го нападнат Лерин. Секој доби задача, јас отидов во Бела Вода, а други во Псодари. Лерин требаше да го нападнеме на 12 февруари, рано во зорите, но шпионажата добро работеше. Иако официјално е запишано дека борбата е водена на 12 февруари, всушност битката на Лерин се случи на 13 февруари.
Монархофашистите го искористија претходниот ден и добро се вооружаа, а на помош им дојдоа и авиони. Иако влеговме во Лерин, сепак не успеавме да ги поразиме монархофашистите и да го ослободиме градот. Бевме сардисани. Се вративме во Преспа и се стациониравме во Желево. Дел од армијата се врати на Грамос, а таму ДАГ капитулираше. Некои војници се стационираа во Албанија, други во Русија, Ташкент, трети во Југославија, Бугарија, Романија. Единиците се распрснаа и згасна целото движење”, посочува некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, во која неколку пати бил ранет.

Врати се на претходната страница   Врати се горе