Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Филолошки преглед

СВЕТОТ ГО ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

(Преземено од МИМ)

Македонскиот јазик од европската јазична научна јавност никогаш не бил оспоруван, не бил доведен во прашање во ниту еден аспект, ниту неговите дијалекти. Напротив, експертите при Македонската академија на науките и уметностите кои работат на 30-годишниот проект од Меѓународниот комитет на славистите на “Меѓународни лингвистички атласи” се високо ценети меѓу своите европски колеги. За тоа зборуваат и состанокот на комисијата за Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) одржан во Скопје во 2006 година, како и состанокот организиран кај нас на бордот на”Меѓународни лингвистички атласи” каде што членуваат претставници од сите земји од Европа, а меѓу нив и професорот Марјан Марковиќ од Скопје.
Славистите работат во Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) во МАНУ каде што го истражуваат факторот простор во развојот и функционирањето на јазикот, определувајќи го местото на македонскиот јазик во словенскиот и во балканскиот јазичен свет.
Како што ни објаснува професорот Марковиќ, македонскиот јазик на европската јазична научна јавност и носи многу повеќе податоци не само за развивањето на словенските јазици, туку и за меѓусебното влијание на балканските јазици. Во тој контекст е податокот дека во меѓународниот проект за лингвистичките атласи, каде што има 850 единици во цела Европа, македонската јазична територија е претставена со 24 населени места од кои 16 се на територија на Македонија, а 8 населени места ги претставуваат македонските говори на територијата на Грција.
Предмет на истражување на Општословенскиот лингвистички атлас објаснува Марковиќ, е група сродни јазици - словенските, а не еден јазик.
”Оваа разлика во однос на другите проекти од областа на лингвистичка географија не носи количествен туку качествен карактер, бидејќи се менува објектот на картографирањето. Додека националните атласи истражуваат дијалектни разлики во граници на еден јазик, ОЛА се концентрира врз разлики релевантни од гледна точка на целата јазична територија, разлики со општословенско значење”, вели професорот и истакнува: “Со ова всушност се оддава научно признание не само за постоењето на македонските дијалекти на територијата на Грција, туку и за распространетоста на македонскиот јазик надвор од државните граници. Овие научни аргументи досега ниту една европска институција не се обидела да ги побие”, вели Марковиќ.
Сознанијата се од истражувањата од работата на двата капитални проекти на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ), а тоа се Меѓународни лингвистички атласи и Географска и функционална карактеристика на морфосинтаксички балканизми. Покрај Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), се работи и на Атлас Лингуарум Еуропае (АЛЕ) што е под покровителство на УНЕСКО. Со нив се врши теренско собирање и историска и типолошка интерпретација на македонскиот дијалектен материјал, како компјутерска обработка на лингвистички карти соодветно од словенската и пошироко од европската територија. ИЦАЛ е еден од центрите во кој се врши компјутерска обработка и картографирање на материјалите на ОЛА и претставува референтен центар за овој вид обработка на дијалектни карти.
Претседател на македонската национална комисија во ОЛА е Марковиќ, кој е член и на уште неколку специјализирани поткомисии во рамките на Атласот, и македонски претставник во Меѓународниот борд на Европскиот лингвистички атлас.
”Учеството на ИЦАЛ во изработката на тие Атласи значи пристап до огромна база на податоци соодветно од словенската и европската територија кои овозможуваат оцена на позицијата на македонскиот дијалектен комплекс, степенот на неговата автономност, границите, врските со соседните ареали.
Преку овие два меѓународни атласа македонскиот јазичен материјал се повеќе допира до странските лингвисти. Токму картите на атласите, а посебно на АЛЕ доста ни кажуваат за цивилизациските и културните поделби на европската територија, вклучувајќи го тука потполно рамноправно и македонскиот јазик”, објаснува Марковиќ.
Раководител на проектите во Центарот при МАНУ е академик Зузана Тополињска, заменик е професорот Марјан Марковиќ, а во тимот е и професорката Милица Миркуловска (раководител на Одделот за библиографија при Центарот и група млади истражувачи).
Во ОЛА се вклучени 13 национални комисии претставени преку своите академии: Руска, Украинска, Белоруска, Лужичка, Полска, Чешка, Словачка, Словенечка, Хрватска, Босанска, Српска, Бугарска и Македонска. Во атласите кои ги објавуваат националните комисии се прикажуваат јазичните резултати од целата словенска територија (преку 850 населени места).
Во сите досега објавени томови на ОЛА, а и во оние кои се во печат, македонскиот јазичен материјал и неговата картографска интерпретација се рамноправно застапени со другите словенски јазици. Дел од новите томови се печатат од грантови на Европската комисија при ЕУ, со што на некој начин не само што се оддава признание на македонскиот јазик како рамноправен со останатите јазици на Европа, туку се признаваат и македонските дијалекти во Егејска Македонија.
На ИЦАЛ му е дадена и одговорноста, во рамките на ОЛА, да го подготви првиот морфолошки том посветен на заменките, а претставената концепција за мериторна и картографска обработка на морфолошкиот материјал е прифатена од сите 13 национални комисии како и од Меѓународната комисија”.
Основна цел на меѓународниот проект Географска и функционална карактеристика на морфо-синтаксички балканизми е да ги покаже сличностите и разликите меѓу словенските и балканските јазици. Во рамките на овој проект учествува поширок круг на соработници во обработка на теми од балканистичка проблематика со тежиште врз состојбите во балканските словенски јазици и врз местото на македонскиот јазик во словенскиот и во балканскиот јазичен свет.
Центарот соработува со многу научници од странските центри меѓу кои: академик Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, академик Кристина Крамер од Канада, проф. Јан Соколовски од Полска и проф. Јуми Накаџима од Јапонија, и др.
Фридман годинава работеше во Центарот, на истражување за мултијазичноста во Скопје, со посебен акцент на Старата чаршија. Тој оддржа и повеќе предавања во Центарот, на Филолошкиот факултет, на ЈИЕ Универзитетот, а го промовираше и македонско-грчкиот речник во Атина. Во МАНУ, преку Центарот ќе се печати книга во која ќе се најдат собрани голем дел од македонистичките статии на Фридман.
Кремер работи на второто издание на својот англиски учебник за македонски јазик, кој постигнал голем успех во Северна Америка и во светот. Во учебната 2009/2010 година се очекува во Центарот да престојува проф. Џорџ Митрески од Универзитетот Обурн, САД, кој ќе работи врз електронскиот јазичен корпус на македонскиот јазик.

Врати се на претходната страница   Врати се горе