Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Лорд Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО

ВЕТОТО НА ГРЦИЈА Е СКАНДАЛ

(Преземено од МИМ)

На 5 март, годинава, по повод 60-годишнината на НАТО во Вашингтон, Вие изјавивте дека е срамота што Македонија не доби покана за членство во НАТО поради таинственоста, неоправданоста и шокантната блокада од нејзиниот сосед, членка на Алијансата, Грција. Дали и денеска стоите на истиот став?
- Мислам дека Македонија има право да биде во Алијансата, дека ги исполнува сите барани услови и навистина е голема штета, би рекол скандал што Македонија се уште не е поканета. Знам дека Грција има свои причини и се разбира дека една членка на Алијансата може да блокира секакви одлуки во рамките на НАТО, но навистина верувам дека обете земји, Македонија и Грција, ќе покажат флексибилност во врска со прашањето околу името за да може Македонија со право да го заземе своето место во Алијансата.

Кое е вашето мислење во врска со сите притисоци што се вршат врз Македонија да го смени своето име за да се здобие со членство во организацијата?
- Мислам дека сите сакаат да најдат решение и нема причина зошто не би се нашла доза флексибилност од страна на Македонија за да се излезе од овој ќор-сокак, на крајот на краиштата, цената за членството во НАТО е огромна за една земја како Македонија и затоа името, дали е тоа Нова Македонија, Горна Македонија, Северна Македонија и големите историски текови, ми се чини не треба да бидат предмет што би ја спречило Македонија да биде членка на НАТО. И јас верувам дека и Грција и Македонија и нивните политичари ќе ја погледнат големата слика и ќе дојдат до заклучок и компромис што би овозможиле Македонија и македонскиот народ да го заземат своето заслужено право и заслужено место во Алијансата.

Лорд Робертсон, според Вас, колку е значајна улогата на Македонија за долгорочната стабилност во регионот?
- Видете, Балканот ќе продолжи да биде место за сериозна загриженост за Европа. Таму се уште постои нестабилност, вродени проблеми во регионот, и во крајна анализа, единствен начин за Балканот да заживее во мир и напредок е ако се заедно сите овие земји, и работат заедно во рамките на НАТО и европската заедница. Затоа се надевам дека новото политичко раководство ќе заземе флексибилен пристап и дека Грција ќе престане да биде кочничар. Мислам дека постои простор за компромис кој би бил од огромна важност за македонскиот народ, и на крајот на краиштата за безбедноста, мирот и напредокот на целиот балкански регион.

Ова е мое лично мислење, јас ги поздравувам сите ваши активности како генерален секретар на НАТО и затоа би Ве прашал како се чувствувавте како генерален секретар на Алијансата, кога во Вашиот мандат ја промовивавте идејата за јадранската група, која ги вклучуваше Македонија, Хрватска и Албанија, а сега всушност, две од тие држави станаа членки на НАТО, што ќе направевте ако го имавте истиот мандат за време на Букурешкиот самит 2008, доколку бевте на местото на Јап де Хоп Шефер?
- Видете! Невозможно е да се ставите на местото на некој друг. Јас се сретнав со господин Јап де Хоп Шеферво средината на јули на парискиот аеромитинг. Зборувавме за Македонија и тој рече, онаков како што е непосреден дека ги советувал обете страни да бидат флексибилни, но дека немал решение. Ете, сега остануваат само уште три недели до истекот на неговиот мандат и јас би рекол дека македонската политичка програма треба да гледа кони iднината; да гледа кон иднината на балканското единство и да биде флексибилна.
Името не е најбитното прашање за македонскиот народ. И други земји живеат со различни имиња. Има многу земји што почнуваат со Новаа, Горнаа или Севернаа, без, тоа, да, засега во нивниот суверенитет, достоинство или пак интегритет... На Македонија и е неопходно да влезе во НАТО и ЕУ, и затоа е потребно да се изнајде формула што ќе биде производ на далекувидни визионери, политичари, и во Атина и во Скопје. И јас, како голем пријател на Македонија, би го бодрел македонското политичко раководство да изнајде решение, коешто би ја довело Македонија во НАТО.

Прашање што не е само прашање, туку повеќе коментар и парафраза на разговорот меѓу Вас и господин Томиќ, ако се тргне од точката дека принципот на сувереноста на една нација е втемелен во повелбата на северноатлантската алијанса, не е ли тоа тогаш парадокс што еден услов врз кој Алијансата би примила членка е всушност спротивставување и негирање на вредностите врз коишто почива таа, на крајот на краиштата, НАТО Алијансата и беше создадена токму од потребата да се брани сувереноста на земјите-членки кои беа од другата страна на железната завеса?
- Постојат многу парадокси во политиката и по се изгледа дека ова би можело да биде еден од нив, но ние живееме - во реален свет, на реална политика, и таа политика на Алијансата е дека секое решение во неа се носи со консензус и затоа секоја земја влегува со тој принцип, тоа ги усложнува работите, и дава на Алијансата сила и солидарност, што отсекогаш го имала, затоа, колку што знам, понекогаш внатре во Алијансата мора да се најдат компромиси, мора да се направат зделки. Личните гледишта треба да му се претпостават на општото добро на Алијансата. И затоа не можеме да кажеме ова е добро, а ова не чини. Јас сум бил посредник во компромиси меѓу Грција и Турција, разлики меѓу Вашингтон и Париз, се со цел да се дојде до одлуки внатре во Алијансата, во тоа е и нејзината сила, вие можете да се повикувате на достоинство, да се повикувате на принципи, можете да речете дека сте непопустливи, но тоа нешто си има своја цена, а тоа во суштина е и вистината на реал-политиката. Од друга страна, пак, можете да бидете флексибилни и да станете членка на најсилната воена сила на светот.

Има критичари и внатре во Македонија и надвор од неа кои велат дека ако Македонија го промени своето име под притисок, како што сега стојат работите, тогаш внатре во самата држава ќе се појават елементи што би придонесле за дестабилизација на државата и следствено на целиот регион, сценарио што е наш најголем кошмар!
- Јас не можам да видам кога би било можно тоа, преку компромисот околу името, но јас можам да видам дека ако проблемот околу името продолжи да биде блокада за членството во НАТО, тогаш тоа само по себе ќе придонесе за дестабилизација на земјата и пошироко на регионот, но моето лично познавање на Македонија стекнато за време на една многу трауматска година. Секој во Македонија, без разлика на етничката и верската припадност ќе има придобивка од членството во Алијансата која е посветена на колективната безбедност во Алијансата. Затоа, јас мислам, дека има повеќе ризик за нестабилност и проблеми во иднина ако не се најде компромис, што би се постигнал со приспособување, со што една мала земја на јужниот Балкан би станала членка на најуспешниот воен сојуз на светот.

Лорде, за крај, која е Вашата порака до македонскиот народ?
- Би рекол - едноставно. Дека моите сеќавања за Македонија се се уште свежи, дека Македонија е земја којашто, за разлика од многу други земји во регионот, успеа да избегне една можна, многу крвава граѓанска војна и го стори тоа со многу доблест и визионерско раководство. И следната фаза на македонскиот развој треба да биде внатре, во НАТО и ЕУ, иако тоа подразбира само еден мал компромис, малку повеќе флексибилност и попустливост, тогаш - тоа е многу-многу мала цена што треба да се плати, придобивките на земјата како дел од пошироките европски текови. Значи, како пријател на Македонија и како човек што придонел за опстанокот на Македонија би советувал флексибилност и се надевам дека тоа ќе се случи.

Врати се на претходната страница   Врати се горе