Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Претседателот Иванов за спорот со Грција

КОНЕЧНИОТ ЗБОР Е НА ГРАЃАНИТЕ

(Преземено од МИМ)

Македонија во спорот со Грција околу името настојува да биде постигнат компромис, но нема да прифати решение што ќе го навредува достоинството на македонските граѓани, вели претседателот Ѓорѓе Иванов во интервју за српскиот весник “Блиц”.
- Македонија и нејзините граѓани остануваат доследни на стратегијата за дијалог и компромис. Меѓутоа, и медијаторот и нашите партнери и сојузници во ЕУ и НАТО, како и многу грчки лидери, знаат дека непринципиелниот компромис нема да им донесе добро на ниедна од земјите, затоа што повредена и навредена држава не може да биде вистински сојузник и пријател. Поради тоа сите решенија и компромиси кои ги бараме мора да водат сметка за тоа да не се навредуваат и занемаруваат идентитетот и достоинството на нашите граѓани, вели претседателот Иванов.
Конечниот збор за евентуалниот, како што посочува, рационален компромис за името, ќе го имаат граѓаните на Македонија.
Во интервјуто шефот на македонската држава се осврнува и на односите на Македонија со Србија и Косово. Иванов посочува дека признавањето на независноста на Косово е донесено врз база на националните интереси на Македонија и не треба да се дозволи да биде пречка за подобрување на односите со Србија.
- Прашањето треба да се гледа од регионална и меѓународна перспектива, земајќи ги предвид и спецификите на македонското општество. Косово не треба да ги оптоварува билатералните односи. Повеќе од јасно е дека Македонија и Србија имаат полно право да формулирааат своја политика врз база на сопствените национални интереси. Сакам да нагласам дека императив на македонската надворешна политика е да воспостави што подобри односи со сите соседи, наведува Иванов.

Врати се на претходната страница   Врати се горе