Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Европа за едни мајка, за други маќеа

БРИСЕЛ СО ДВОЈНИ СТАНДАРДИ

(Преземено од МИМ)

Европската унија ги притиска земјите што се кандидати да ги почитуваат највисоките стандарди за човекови права и правата на малцинствата, а во исто време од самите земји што се членки не го бара тоа. ЕУ се повеќе станува клуб на привилегирани и токму затоа ни се случува критериумите за заштита на малцинствата, кои важат за Македонија, Албанија или, пак, за Турција, да не важат за Грција или за Бугарија, велат експертите и припадниците на македонското малцинство во соседните земји. Со оваа двојна политика, велат политиколозите, Брисел ги обесхрабрува групите што се борат за малцински и за човекови права во овие земји, зашто тие се надеваат дека европското законодавство ќе ги заштити и иднината ја гледаат во обединета Европа, во која ќе можат културно да се поврзат со своите матични земји.
Ниту едно европско тело не реагираше на последните насилни инциденти во Атина, каде што на промоцијата на македонско-грчкиот речник, група екстремисти ги нападнаа членовите на партијата „Виножито“ и нивните гости од странство. Нема ниту официјална реакција на последното одбивање на Врховниот суд на Бугарија да ја регистрира ОМО „Илинден“-ПИРИН, иако Судот во Стразбур неколку пати се изјаснил дека партијата треба да биде регистрирана. Професорот Владимир Ортаковски вели дека Грција и Бугарија се свесни дека ги кршат правата на малцинските групи и затоа одбиваат да ратификуваат неколку конвенции и резолуции што се однесуваат на правата на малцинствата.
- Грција, иако ја има потпишано, одбива да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа. Слично е и со Европската повелба за малцинските јазици. За државите што сакаат да влезат во ЕУ постојано се бараат нови критериуми.
Додека Унијата имаше помалку членки полесно се исполнуваа овие критериуми - вели Ортаковски. Партијата на македонското малцинство во Грција, „Виножито“, наиде на многу сопки за време на кампањата за Европските избори, кои се одржаа во Грција. Членовите на партијата велат дека хајката против нивните активности воопшто не е запрена. Тие го посочуваат игнорантскиот однос на грчките медиуми, кои на секаков начин се обидоа да ја минимизираат нивната промоција за изборите. Претходно бугарските цариници го запленија пропагандниот материјал на партијата, наменет за изборите, со образложение дека ќе им биде вратен по завршување на изборите. - Сега воопшто не ни е потребен тој материјал. Се гледа дека постои спрега меѓу грчките и бугарските власти против нас - коментираат во „Виножито“. Македонското малцинство во Бугарија нема никаква можност со своја партија да учествува на изборите затоа што бугарските власти упорно одбиваат да ја регистрираат ОМО „Илинден“-ПИРИН. Од сите соседни земји, третманот на македонското малцинство засега е најкоректен во Албанија.
Едмонд Темелко, претседател на Македонската алијанса, вели дека благодарение на нивните заложби тие имаат 76 кандидати за пратеници за претстојните парламентарни избори, а неодамна имале и неколкуминутно претставување на државната телевизија. Таму тие се судираат не толку со пречки од државата, колку од амбициите на соседните држави. - Грција и Бугарија се обидуваат да го „присвојат“ македонското малцинство во Албанија. Грчките власти годишно трошат многу пари за пензии за сите што ќе се декларираат како Грци. Бугарија, пак, им нуди пасоши на Македонци од регионот на Голо Брдо што ќе се декларираат како Бугари - вели Темелко. Тој се согласува дека подобрувањето на нивниот статус е поврзан со амбициите на Албанија да стане членка на ЕУ, па затоа мора да исполни многу услови што ги поставува Брисел.

Врати се на претходната страница   Врати се горе