Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
ЗАШТИТАТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ МАЛЦИНСТВА Е ДОЛГ НА СЕКОЈА ДЕМОКРАТСКА ЗЕМЈА

БУГАРИJА ПАК ОДБИ ДА JА РЕГИСТРИРА ОМО „ИЛИНДЕН“ - ПИРИН. ЗОШТО?!...

ЈАН ПИРИНСКИ

Рeпублика Бугарија е членка на Европската унија и треба да ги признава и почитува правата и слободите на своите граѓани со друга национална припадност. Зошто Бугарија не ги исполнува овие свои основни обврски? Со какви аргументи ќе може да го оправда и заштити нарушувањето на принципите втемелени во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства?

Како што е познато, прифаќањето на оваа конвенција од страна на земјите членки на Советот на Европа, се постигна благодарение на нивната одлучност да го заштитуваат во рамките на своите граници постоењето на националните малцинства, убедени дека нивната заштита е важна за стабилноста, демократскиот развој, безбедноста и мирот на континентот.
Неопходно е да истакнам некои суштински мотиви што ги воделе државите при прифаќањето и потпишувањето на рамковната конвенција. Тие се:
“Оценувајќи дека едно плуралистичко и вистински демократско општество мора не само да го почитува етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на секој припадник на национално малцинство, туку и да создава услови за изразување, зачувување и развој на тој идендитет;
Оценувајќи дека создавањето на атмосфера на толеранција и дијалог е неопходно со цел културната разновидност да биде извор и фактор не на поделба, туку на збогатување за секое општество;
Оценувајќи дека развојот на толерантна и просперитетна Европа не зависи само од соработката меѓу државите, туку бара и прекугранична соработка меѓу локалните и регионалните власти при почитување на Уставот и територијалниот интегригет на секоја држава...“
Тоа се дел од идеите и мотивите на државите за прифаќањето и потпишувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. И веднаш се поставува прашањето: смета ли Бугарија дека има изградено плуралистичко и вистински демократко општество, кое ги почитува етничкиот, културниот, јазичниот и религискииот идентитет на секоја една личност? И не само тоа, туку и да создава соодветни услови, кои ќе им даваат можност да го изразуваат, зачуваат и развиваат својот идентитет? Што конкретно има направено Бугарија како земја членка на Европската унија, на Советот на Европа и како земја што ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција, за почитување и заштита на правата и основните слободи на македонското малцинство во земјата? Што? Секогаш и најбрутално ги има газено нашите права и слободи!
Всушност, на ова прашање ќе се одговори реално, исцрпно и точно врз основа на судските решенија на Стразбург со кои Бугарија е осудувана многу пати поради грубото газење на основните права и слободи на Македонците во земјата. Но, уште посрамно за Бугарија е тоа што и покрај повеќекратните пресуди против неа поради нечовечките постапки против Македонците, таа продолжува да се инаети, кршеј и ги неодговорно и бесрамно и меѓународните документи и природните права и слободи на Македонците.
Нашата Партија за економски развој и интеграција на населението - ОМО „Илинден“ - ПИРИН, беше основана на 28 февруари 1998 г. и беше регистрирана на 12 февруари 1999 г. од Софискиот градски суд. Учествуваше на локалните избори во истата година и имаше добиено советнички места во три општини, како и власта во две села . На 26 февруари 2000 г. во градот Кресна се одржа Втората национална конференција на партијата, на која учествуваа околу 300 делегати и 20 гости. На конференцијата беше усвоена протесна декларација испратена до претседателот на Република Бугарија, парламентот и владата на земјата, до ПАСЕ, ОБСЕ, како и до амбасадите на некои поголеми држави во Софија. Во овој протест се реагира против прикривањето од страна на бугарските власти на фактот, дека во Бугарија живеат и Македонци. Веројатно ова, многубројните делегати и гости на конференцијата, како и усвоената протесна декларација ги исплашија бугарските властодржци и го зацврстија нивното од порано подготвено решение и тие, два дена по конференцијата, на 29 февруари 2000 г. Уставниот суд на Република Бугарија ја забрани партијата.
И потоа, наспроти направените усилби од ОМО „Илинден“ - ПИРИН  пријавата за нејзината повторна регистрација да биде прецизна согласно бараните од законот документи, меѓу кои и неопходната членска маса од 5 000 членови (наместо 5 000, партијата до судот достави потписи на блиску 6 000 членови), регистрацијата беше одбиена со некомпетентни, неосновани и лажни мотиви. Познато е потоа за бесрамната акција на полицијата и обвинителството против членовите на ПИРИН. Нешто досега неприменувано кон никоја друга од многуте партии во земјата.
Жалбата упатена од ОМО „Илинден“ - ПИРИН до Врховниот суд на Бугарија беше против одбивањето на Софискиот градски суд да ја врати регистрацијата на партијата. ПИРИН бараше да се врати незаконски одземената регистрација во 2000 г. и ништо друго. Но по долги перипетии и одложување да се даде одговор на жалбата, на крајот Врховниот суд на 19 мај годинава го потврдил решението на Софискиот градски суд, со што партијата е оставена без регистрација. Се разбира, очекувано тој заборавил да ја информира за тоа партијата и таа пак требаше да дознае од медиумите.
Но, да одговорам на основното прашање: зошто Бугарија ја одби регистрацијата на ОМО „Илинден“ - ПИРИН? Затоа што додека Бугарија се управува од државници и политичари кои уште ја сонуваат фикс-идејата за голема санстефанска Бугарија – државата што никогаш не постоела, одвај ли може да се очекува земјата вистински да се вклучи во семејството на демократските земји и да ги применува непристрасно демократските норми. А тоа е основното и на прво место. Зашто денес во Бугарија јавно се пропагира дека цела Македонија е бугарска. Наспроти декларативно добрите и демонстративно нормални односи меѓу Македонија и Бугарија, последната е полна со изливи на антимакедонска пропаганда. Упорно и на сите нивоа се лаже дека во Бугарија нема македонско малцинство. Како тогаш може да се очекува дека Бугарија лесно ќе ја регистрира партијата заштитник на Македонците во Бугарија?
Спасот на Бугарија е во тоа да тргне по патот на демократијата, а тоа може да се случи само тогаш, кога власта во неа ќе ја преземат нови државници и политичари, кои се ослободиле од наталожените шовинистички догми и илузии, од ретроградноста, предрасудите и ноќните мори на минатото, луѓе убедени во правото на прогресивните европски идеи и принципи. И кога овие идеи и принципи ќе најдат практична примена во државната политика на Бугарија (а тоа всушност ќе биде големо, епохално достигнување за државата), тогаш бугарскиот народ по силата на обновената политичка суштина ќе заживее со благородни општочовечки мисли и чувства, со менталитет на Европеец.
Всушност, одбивањето да биде регистрирана партија што се залага за правата на Македонците во Бугарија е доказ, дека во бугарските судови недостасува демократски капацитет, дека тие не се самостојни правни институции, не се раководат од силата на законот и уште, што е и најважно и жалосно: бугарската државна и политичка структура е парализирана целосно од носителите на стари, диви нарави на ретроградноста, во целосна спротивност со прогресивните идеи и принципи на Европската унија.

И така, ОМО “Илинден” - ПИРИН не беше регистрирана и овој пат. Раководството на партијата и членовите повторно се разочарани од бугарската демократија. Тоа значи дека борбата ќе продолжи и ние никогаш нема да ја запреме оваа света борба до целосна победа, до добивањето на нашите природни права и слободи, кои Бугарија е должна да ги признае и да ги почитува. И сме уверени дека овој момент нема да задоцни, бидејќи ни поддржува Европската унија, бидејќи политичките процеси се во наш прилог и зашто правдата и справедливоста, законот и моралот се во наша заштита.

Врати се на претходната страница   Врати се горе