Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
САД со порака до Скопје и Атина:

КОНЦЕНТРИРАЈТЕ СЕ ЕДИНСТВЕНО НА ИМЕТО!

(Преземено од МИМ)

Преговорите меѓу Атина и Скопје да се ограничат за прашањето за името, е последната американска порака испратена преку заменик-помошникот на државниот секретар, Стјуарт Е. Џонс. Тој во Брисел изјавил дека САД имаат силен интерес за зачленувањето на Македонија во НАТО, но во оваа етапа од преговорите двете страни да се концентрираат на прашањето за името и да се постигне напредок. Според Џонс, разговорите меѓу Атина и Скопје би можеле да донесат повеќе резултати за прашањето за името ако „немаше други странични прашања“.
- Ги повикуваме двете страни да покажат најголема можна флексибилност, за да може прашањето за името да стане минато и Македонија да го заземе местото, кое го заслужува во НАТО. Атина и Скопје ќе треба да ги продолжат на отворен начин преговорите со посредство на Метју Нимиц - рекол Џонс, додавајќи дека по европските избори во Грција „има шанса за напредок“.Ваквата изјава на високиот американски претставник владини извори ја толкуваат повеќе како порака до Атина поради нејзината „агилност“ за јазикот и националноста.
- Ако навистина се работеше само за името, шансите за решение ќе беа поголеми - велат нашите извори. Според нив, изјавата на Џонс може да се толкува и како општа порака за околностите што го отежнуваат решението, а камен на сопнување се националноста и јазикот. Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски смета дека изјавата и не мора да се толкува како порака до која било страна, но дека Македонија мора да се избори за гаранции за идентитетот.
- Не мора да разговараме за идентитетот, но мора да добиеме гаранција дека ќе може да се нарекуваме Македонци - вели Фрчкоски. Тој додава дека гаранцијата не мора да е дел од документот за решението за името, но секако да биде содржана во резолуцијата на ОН која ќе ја замени сегашната.
Во меѓувреме, дипломати во Брисел изјавуваат дека Македонија ја има и американската и европската поддршка за влез во НАТО и во ЕУ, но се очекува поголем ангажман и поконструктивна клима во преговорите затоа што решението за спорот со името е во рацете на Скопје и Атина, а не во Брисел или Вашингтон. Според нив, обраќањето на американскиот претседател Барак Обама на самитот на НАТО во Стразбур во почетокот на април било најјасната и најсилна порака што нашата земја може да ја добие. А тоа е дека САД ја чекаат Македонија во НАТО. Истото важи и за европските НАТО-сојузници, кои со нетрпение го очекуваат тој ден.
- Но, тоа исто така значи дека ниту САД ниту ЕУ не можат да го решат спорот со Грција. Спорот може да го решат само Атина и Скопје со преговори под капата на ОН чиј што пратеник ги има европската и американската поддршка - вели дипломат во Брисел. За Брисел, клучот на успехот се Скопје и Атина, од кои се очекува конструктивен ангажман во преговорите и намалување на тензиите помеѓу двете земји.
- Во овој момент, во исчекување да заврши изборниот период во Грција, најважно е да се избегнуваат нови провокации. ЕУ повеќепати повторила дека инсистирањето на Александар Македонски не и носи позитивни поени на Македонија во меѓународната заедница, а уште помалку придонесува за атмосфера во каква што би требало да се одвиваат преговори. На „александризацијата“ во Македонија Грција гледа како на провокација што таа ја толкува како зелено светло за да блокира и во преговорите да отвора поглавја за други прашања на кои што таму, барем засега, не им е место, ниту претходно биле покренувани на начин како што тоа сега се прави - вели дипломатот. Според него, тоа е суштината на пораката што и Вашингтон редовно и ја испраќа на Македонија. Во меѓувреме, Грција не спие. Грчкиот премиер Костас Караманлис завчера ја посети Шведска, која од 1 јули претседава со ЕУ и на својот шведски колега му ја пренел грчката позиција во спорот со Македонија.

ИВАНОВ:
ЌЕ БАРАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО

Македонија ќе продолжи со напорите за зачленување во НАТО и во ЕУ и високо ги цени зборовите на поддршка што ги искажавте на неодамнешниот Самит на НАТО. Затоа дозволете ми да ја подвлечам нашата решителност да го продолжиме дијалогот со нашите грчки пријатели и соседи, за да најдеме заемно прифатливо решение за името. Решение со кое ќе се испочитуваат нашиот национален идентитет, јазик и култура, му напиша претседателот Ѓорге Иванов на претседателот на САД Барак Обама веднаш по вчерашната инаугурација. Тој во писмото до Обама изразува благодарност за неговата лична поддршка и за поддршката од народот на САД на Македонија и додава дека земјава како сигурен пријател и партнер и понатаму ќе стои рамо до рамо со САД на секој план.

Врати се на претходната страница   Врати се горе