Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
Бошко Тренески, уметнички директор на ансамблот “Танец”

ОВА НЕ Е „ТАНЕЦ“, ОВА Е ЧУДО ОД МАКЕДОНИЈА!

(Преземено од МИМ)

Огромен интерес за билет повеќе, овации и постојани барања за бис. Вака накратко може да се опишат реакциите на публиката која ги проследила целовечерните концерти на македонскиот ансамбл “Танец” на неодамнешната едномесечна турнеја во градовите низ Америка и Канада. Според уметничкиот директор на нашиот единствен професионален фолклорен ансамбл “Танец”, Бошко Тренески, позитивните реакции и високите оценки на критиката во овие земји, се само уште еден доказ за огромниот професионализам на ансамблот и атрактивноста на македонскиот фолклор што го презентираат во светот.
-Годинава одбележуваме 6 децении постоење на “Танец”, период во кој се одржани преку 4,5 илјади концерти на сите континенти. Во Америка и Канада одржавме концерти во градовите Торонто, Детроит, Кливленд, Колумбус, Чикаго и Њујорк. Интересно е што е ова прва турнеја во овие прекуокеански земји по 14 години, а концертите се одржани исклучиво во концертни сали. Посетителите, притоа, не беа само нашите иселеници, туку и Американците и Канаѓаните. Ова секако не зачудува бидејќи македонскиот фолклор е богат со карактеристични носии, обичаи, песни и ора кои ги нема во таква мера кај другите земји, така што буквално претставувавме подвижен музеј. Се ова како и високиот професионализам во работата доведоа до тоа “Танец” да биде многу баран и конкурентен на пазарот, а трошоците за настапите на ансамблот веќе ги сносат странските организатори, вели Тренески. Тој посочува дека годинава се веќе закажани турнеи во бившите југословенски држави, како и во Грција, Бугарија и Шпанија, гостување во Франција, а за наредната година се договара и гостување во Кина и повторна, но проширена турнеја во Америка и Канада. И секако јубилејни концерти низ цела Македонија. Годинава ќе се прават и нови кореографии од струмичкиот и егејскиот регион. Во подготовка е монографијата на “Танец”, како и аудио и видео материјал со сите игри и песни...
Репертоарот на “Танец” има околу 60 игри, кореографски целини, но и многу песни обработени оркестарски. Во Канада и Америка тие се претставија со Тешкото, Комитското, Драчевка, Беровското оро... Ја опфатија цела етничка Македонија, а како што вели Треневски направија и една разгледница со вокалното трио и оркестарски обработки со големиот оркестар, со што со право претставуваат амбасадор на македонската фолклорна традиција во светот.
Реакцијата на публиката сепак вели Тренески, е и најголема награда за нив. По минатогодишното гостување во Австралија, на прашањето на новинарите како им се допадна настапот на “Танец”, публиката едноставно одговорила: “Ова не е “Танец”, ова е чудо од Македонија”.

ВИСОКИОТ ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ ГО
ГАРАНТИРА УСПЕХОТ
Во моментот ансамблот “Танец” го сочинуваат 70 вработени од кои 60 се уметници, играорци и оркестранти. Со средствата на Министерството за култура, објектот во кој се сместени е дограден и целосно опремен, а набавени се и нови инструменти и носии.
-Во “Танец” се придржуваме до нормите кои мора да се почитуваат, во однос на подготвеноста, здравствената состојба и работата... Кога е професионалноста во прашање тука нема сентименталност, бидејќи на сцената секаде се бара квалитет. Играорците и оркестрантите вежбаат и по 5 часа на ден, потенцира Тренески.
Инаку во “Танец” просечната возраст е 26 години, возраст на која, вели тој, уметникот може најмногу да пружи. Танец и за секоја адаптација на песна прави рецензија од еминентни стручњаци. Со ова “Танец” е и повеќе од достоен презентер на македонската култура во светот.

Врати се на претходната страница   Врати се горе